Заврши уште една „реформска“ година во образованието

Пред родителите и децата секоја година се поставуваат крупни и тешки предизвици. Образованието никако да ни тргне, никако да помине една година без некоја „планирана“ иновација, која потоа се трансформира во афера, скандал или драма. А она што е најболно е фактот што нашите ученици редовно се наоѓаат онаму (во групата држави) каде што се покажуваат најлоши резултати во читање, математика и природни науки, според последното ПИСА-тестирање од 2022 година. Да се надеваме дека новата година ќе почне со подготвени учебници за секое дете, со услови за образование што ќе одговараат на времето во кое живееме и дека оваа година нашите ученици ќе остварат подобри резултати и ќе се искачат во категорија со повисоко знаење, а со тоа и со подобри оценки

Заврши учебната година. Вчерашниот ден беше последен од оваа учебна година. За новата учебна година, пак, Министерството за образование и наука најавува новини. Повторно. Еве, на пример, се најавуваат новини во електронскиот дневник. Иако никој не знае за какви новини станува збор, па и наставничкиот кадар со доза на резерва ја зема оваа најава. Некои од упатените велат дека нема да се менува ништо посебно освен интернет-адресата. Тоа ли е промената од реформски карактер во образованието? И за овој новитет нема информации дали ќе биде олеснување за наставниците и родителите или, сепак, некаде патем ќе се закомплицира работата.
Сепак, за неколку месеци наставниците и родителите точно ќе дознаат за какви новини станува збор, тогаш кога ќе почне учебната година. И ова е само еден од низата примери како досега се воведуваа (реформските) промени: кому како ќе му текне – непланирано, непроверено, без консултации и подлабоки истражувања… И сето тоа на штета на образованието и образовниот процес.
Изминатава година како-така помина и заврши. Беше проследена со „новитети“, со многу предизвици како за наставниците така и за родителите, а сепак учениците беа тие што на своја кожа ги почувствуваа тие промени. Некои од учениците, поточно учениците од трето и шесто одделение и оваа година ја започнаа без учебници по сите предмети, додека пак за други веќе со години нема учебници, па наставниот кадар мора да се потпира на својата креативност и инвентивност за да ги реализира часовите и успешно да им го предаде материјалот на учениците.
Проблемот со учебниците ни се протнува секоја учебна година, но, да не се лажеме, имаме и предмети по кои веќе со години учениците воопшто немаат учебници од кои можат да учат. Наставниците по англиски јазик веќе со години измислуваат „топла вода“ за да ги научат своите ученици, а ништо подобро не е ниту по другите странски јазици што се изучуваат. Еве, оние што изучуваат француски јазик иако имаат одобрени учебници, не можат да ги користат затоа што се адаптирани по некоја мината програма, која не соодветствува со таа што се спроведува сега во образовниот процес.
А за да биде иронијата поголема, на наставниците им е забрането да даваат какви било скрипти, сугестии и идеи за учебници, бидејќи тие не се одобрени од Бирото за развој на образованието и МОН.

Оваа година учениците добија пролетен распуст, кој според многумина беше целосно непотребен. Но затоа учебната година ја завршија една недела подоцна, наместо на 10-ти како досега, на 17 јуни.
И што постигна МОН со тоа?! Децата последната недела не учеа. Не беа способни да учат. Ние немаме ама баш никаков стандард за да реализираме настава во пеколни горештини. Нам училниците не ни се опремени со клима-уреди, некои немаат ниту завеси за да ги блокираат сончевите зраци, а децата, за жал, беа „сварени“ во училниците.
Оние помалите ученици, најчесто првачињата, немаа можност ниту да добијат отворени прозорци бидејќи се мали, па лесно можат да си ги повредат главите. Затоа седеа во непроветрени училници, со подотворени, „откипани“ прозорци, без свеж воздух, спурни и задушени. Половина од нив се враќаа дома со главоболки од топлото време.
За да биде иронијата уште поголема, МОН ја продолжи учебната година и само за последните неколку дена од последната учебна недела даде препораки за скратени часови заради екстремно високите температури.
Родителите трчаа да си ги земат своите деца порано од училиште, и тоа во најжешкиот период од денот, кога сончевите зраци немилосрдно горат.
Она што веќе некое време се најавува е тоа дека учебната година ќе почнува од 15 септември, токму заради тоа што временските услови се сменија, па и на почетокот на септември е исто така пеколно жешко како што беше и изминатата недела. Но и тоа некако се протнува како најава и никако да се имплементира. Останува енигма дали годинава ќе се воведе и оваа новина.

И, ете, образовниот систем некако сѐ потешко се адаптира на современото време.Пред родителите и децата секоја година се поставуваат големи и тешки предизвици. Образованието никако да ни тргне, никако да помине една година без некој скандал и без некоја драма.
Она што е најболно е фактот што нашите ученици се најдоа во групата држави што покажуваат најлоши резултати во читање, математика и природни науки, според последното ПИСА-тестирање од 2022 година.
Да се надеваме дека новата година ќе почне со подготвени учебници за секое дете, со услови за образование што ќе одговараат на времето во кое живееме и дека оваа година нашите ученици ќе остварат подобри резултати и ќе се искачат во категорија со подобри оценки.
Сега, да ги оставиме нашите ученици да одморат. Навистина заслужија. Не им беше лесно да го совладаат целиот тој обемен материјал. Сега е нивно време да се дружат, да уживаат и да играат. Тоа е нивното детство, а нам ни останува да им овозможиме да бидат деца и да уживаат во дружбата во овие жешки летни денови.

[email protected]