Универзалната сала – од симбол на солидарноста, до метафора за општествена неодговорност

Поразителна е перцепцијата на јавноста дека Универзалната сала од симбол на солидарноста се претвори во „огнена метафора“ за општествената неодговорност. Уште позагрижувачки е ако ова предупредување не биде сфатено како последно и повеќе да не се повтори. Зашто се покажува дека претходните пожари
(и со човечки жртви) не биле последен аларм за одговорност во Македонија

Премногу емоции на скопјани и на цела Македонија се поврзани со Универзалната сала, но и премногу политички набој околу нејзината реконструкција (преизградба) се акумулираше во последниве десетина години, за пожарот што се случи пред два дена да биде доживеан во јавноста како технички пропуст. Уште кога ќе се „разврзат папките“ со досиејата на пожари на други капитално важни објекти во државава, во не толку далечното минато, (модуларната болница во Тетово, со десетина жртви, главната зграда на Македонска пошта…), „стандардната причини“ за вакви катастрофални инциденти – стара и дотраена инсталација – само ги подгрева сомнежите и недовербата во случајноста на случајот.
Уште поголема е неверицата за случајноста, зашто пожарот во она што остана од Универзалната сала (практично скелетот) се случува во време на изборна кампања, кога и така политизираната „анамнеза“ околу надлежноста за нејзината реконструкција станува актуелна тема за политички престрелки меѓу учесниците на изборите.
Уште неизгаснат пожарот во Универзалната сала, со изјави за медиумите се огласија речиси сите засегнати политички субјекти, главно префрлајќи си ја одговорноста за инцидентот, изземајќи се себеси со потсетување дека „постојано предупредувале“, вперувајќи го прстот кон другите што не ги слушале… Овој пожар во објектот со кој Скопје беше препознавано како културен, па и забавен центар во регионот е своевидна кулминација на негрижата, незаинтересираноста, непочитувањето од страна на сегашните општествено-политичките елити за она што е создавано и градено низ годините во државава. Универзалната сала е директна жртва на синдромот „политичка егзекуција од небрежност“ на она што претставува материјално, па и нематеријално културно наследство на една нација. Во тој објект се случуваа настани што во голема мера го дефинираа културниот профил на македонските граѓани, што претставува своевидна база за она што претставува современ културен идентитет на нацијата.
Секако, тоа е „нематеријалната“ вредност на Универзалната сала, што се чини воопшто не е земена предвид во расправите и калкулациите на политичките фактори, кои со различни бирократски подметнувања десетина години си ја префрлаат институционалната надлежност за нејзина реконструкција. Но се чини дека „материјалната“ страна на културната вредност на Универзалната сала помина уште полошо и покрај гласните политички заложби и промотивни паради за нејзина реконструкција. Се случија неколку промоции на проекти за обнова на објектот… Дури имаше и наградни конкурси за архитектонско решение, а во меѓувреме се сменија две-три градски власти, па јавноста и изгуби интерес според кој проект ќе се гради „новата“ Универзална сала. Во мандатот на еден скопски градоначалник почна да се работи на идејата за реконструкција на салата, која беше прогласена и за конгресен центар… Друг градоначалник пред крајот на својот мандат се сети на постоењето на Универзалната сала (но не доби доверба за продолжување на мандатот), а неговата наследничка во политичкиот заплет што самата го направи некако беше принудена да му ја предаде надлежноста за реконструкција на објектот на Министерството за култура…

Додека се случуваа тие бирократски заплети, повеќе со вкус на политикантство и интриги, Универзалната сала се руинираше и размонтираше, нешто планирано, а повеќе непланирано. Скопјани и минувачите намерници на тој дел од булеварот Партизански одреди, со текот на годините научија да го вртат погледот и да се прават дека не ги забележуваат тарабите на „објектот во процес на реконструкција“, со надеж дека наредниот пат кога ќе поминуваат на тоа место Универзалната сала ќе биде исполнување на „заветот“ од песната „градот убав пак ќе никне“. Но наместо да „никне“, пред некој ден социјалните мрежи во Македонија беа преплавени со снимки што можат да се наречат „Универзалната сала во пламен“. Според претходните искуства, односно според законските процедури, пожарот долго време ќе биде предмет на полициска истрага, а веројатно ќе биде и судски процесиран. Многу веројатно ќе биде и тема за политички вербални пресметки, а можеби и ќе биде утврдена одговорноста за предизвиканото опожарување. Можеби и некогаш ќе биде изградена нова Универзална сала. Но најмалку е веројатно дека ќе има некаква одговорност за изгубените десет години (досега) на Скопје и Македонија без овој објект, кој беше културно-емотивно „врталиште“ на градот и неговите граѓани.

Универзалната сала, во својот „прв живот“ беше и симбол на меѓународната солидарност за Скопје, по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Симбол на моќта на еден град што „убав пак да никне“! Небрежноста на која десетина години беше изложен овој амблемичен објект на главниот град на Македонија, што кулминираше со пожар, се претвори во лоша дијагноза на она што му недостига на македонското општество, особено на политичките елити – одговорност! Поразителна е перцепцијата на јавноста дека Универзалната сала од симбол на солидарноста се претвори во „огнена метафора“ за општествената неодговорност. Уште позагрижувачки е ако ова предупредување не биде сфатено како последно и повеќе да не се повтори. Зашто се покажува дека претходните пожари (и со човечки жртви) не биле последен аларм за одговорност во Македонија.