Сон со бубашваби или лебарки. Сеедно (Во спомен на Франц Кафка)

Повторно го читам мојот омилен Франц Кафка, драг читателу. Почнувам со чудната новела „Метаморфоза“ во која трговскиот патник Грегор Самса се буди како инсект: „Грегор Самса едно утро се разбуди од немирните соништа и се виде во постелата претворен во огромна бубачка“. Понатаму се слика ситуацијата во која се наоѓа Самса, сè до моментот кога и неговото семејство, особено неговата сестра, не се убедени дека се работи за вистински инсект, донесувајќи одлука да се исфрли надвор како бубашваба. Нека ми прости лекторот што нема да го користам поимот лебарка, од причина што лебот го сметам за нешто свето. Сеедно. Грегор Самса сепак имал среќа да не биде бубашваба, која не знам дали му припаѓа на семејството инсекти, оти тие се светлосни суштества, а таа не. Сум ги гледал нив како дете во ливадите на Негрево како го влечат со нивниот музички оркестар убавиот хаос зад себе како да почнува новото создавање на светот. А од бубашвабите секогаш сум се плашел и гадел како Достоевски од пајаците, како што тврди Мерешковски. Оти сега токму со нив е исполнет мојот кошмарен сон кој сакам да ти го раскажам, драг читателу, и кој го сонив кога ја склопив последната страница од новелата на Кафка по полноќ.
Еве. Наеднаш сум во некоја чудна земја во која откако стасав на влезот од неа на огромна табла пишуваше Земја Безименија. Веројатно некој пред тоа ѝ го украл името, или таа самата од чудни причини не го сакала него, па се прекрстила, така помислив. Сеедно. Јас сум во неа во некоја специјална мисија. Треба со неа да потпишам некој мистериозен договор за добрососедство и покрај нашата заедничка омраза на која ѝ нема крај. Така. И, еве, веднаш како паднат од небо се наоѓам, без да тропнам на врата, во кабинетот на премиерот на Безименија. Но веднаш доживувам шок. Во фотелјата зад огромното биро гледам навалена една огромна бубашваба, но веднаш се соземам бидејќи сфаќам дека е тоа премиерот лично. Истрпнав, но не дадов знак дека сум исплашен и зачуден. Се однесував како да е човек, бидејќи имаше црвена вратоврска што го потврдува тоа. Ми даде знак да седнам и веднаш ми ја зеде папката од раце, го извади подготвениот договор за добрососедство и без да каже збор го потпиша со неговиот апстрактен потпис сличен на асировавилонското писмо од глинените плочи на Гилгамеш. Во меѓувреме јас со погледот го обиколив пејзажот на неговата канцеларија, кој беше ужасно стерилен како пустински песок. Него го разубавуваше само едно знаменце на бирото со небесносина боја и жолти ѕвездички подредени во круг. Откако виде дека сум втренчен во него како единствена убавина во неговата канцеларија премиерот бубашваба рече: „Тоа знаменце е симбол на Империјата и ја осветлува неа како Аладиновата ламба од 1.001 ноќ во Багдад кај Шехерезада. Тоа е волшебно оти истото ни ги пишува сите закони во Безименија. Тоа е за нас нешто исто како што е тоа воскресението во Новиот завет“. Потоа со своето бубашвапско раче ми ја покажа вратата за да си одам. Тоа беше дрско од негова страна, но јас како човек на културата сепак длабоко се поклонив пред да се упатам кон претседателот на Безименија без чиј потпис, како што беше процедурата, документот за добрососедство не може да биде валиден.

И, оп, така се случуваат работите во сон, еве ме за секунда во канцеларијата на претседателот на Безименија. И еве го и него како огромна бубашваба завален во тешката фотелја, но јас поучен од претходниот пример сега веќе воопшто не бев збунет, иако шокот не беше исчезнат, и се поздравив со неговото бубашвапско раче како со човечко. Природно. Но и тој како и премиерот пред тоа ми го истргна бргу-бргу договорот од папка и молскавично го потпиша. Неговиот потпис не беше асировавилонски апстрактен и фин како на премиерот, туку беше раштркан како неколку нервозни скокови на жаба исплашена од грмотевица. Сеедно, тој благо ми се насмевна, дури и ми намигна, очигледно задоволен од фактот дека не сум ја забележал неговата метаморфоза во бубашваба. Така и го оставив со таа илузија кога излегов од неговата канцеларија. Но работата со мојата мисија за која бев испратен во Безименија не беше завршена, како што можеш да помислиш, драг читателу. Не, оти покрај договорот за добрососедство требаше да потпишам и некои други поситни договори, пред сè за економска, правна и културна соработка со обезимената земја. И јас од кабинетот на претседателот се упатив право во зградата на министерствата. Сите тие беа во една зграда, ама толку голема и удобна што министрите по напорната работа одвреме-навреме се релаксираа во неа играјќи во канцелариите, приспособени и за тоа – фудбал, кошарка и друго. Тоа го видов на самото место.
Но, да не должам, драг читателу, оти сигурно си нестрплив да ти кажам дали и министрите на Безименија ги затекнав преобразени како премиерот и претседателот во бубашваби. Да. Токму така. Но јас веќе не му се чудев на тој феномен. Само навистина бев збунет од сето ова, па само се прашував дали тука се работи за преобразба од човек во бубашваба, или целата власт во Безименија има специјална ДНК со која тие директно се родиле како бубашваби. И, да продолжам, одев од министер до министер да склучувам договори за меѓусебна културно-економска, правна и друга соработка. И сите како премиерот и претседателот без исклучок до еден беа бубашваби залепени како метафизички артефакти за своите бескрајно владетелски фотелји. И сите беа слични еден на друг како јајце на јајце. Никаква разлика меѓу нив, не само физичка туку и ментална што се однесува до интелектот и интелигенцијата. Но, што е главно, јас се правев дека ништо ни физичко ни духовно кај нив не забележував. Што значи ни тоа дека се бубашваби. Сепак моето остро око забележа дека постои разлика во големината меѓу нив, особено кај министерот за надворешни работи и министерот за правда.

Тие беа очигледно најкрупни меѓу другите министерски бубашваби на Безименија. Само не можев да знам дали тоа се должи на нивното поголемо значење во однос на другите министри или, пак, едноставно, биолошки речено, на структурата на нивната ДНК пред да се родат.
Со посетата и на министрите на владата на Република Безименија конечно заврши мојата мисија. Само уште ме копкаше љубопитноста дали и луѓето во владините институции како судството, финансиите, економијата и другите ресори се исто така луѓе бубашваби. Но тоа, си реков, ќе го проверам во мојата идна посета на Безименија. Во едно само се уверив, дека народот на оваа обезименета република си беше нормален, според божјата лика, како што го создал Господ Адам. Бубашваби имаше само во неговите сиромашни или полусиромашни куќи. Вриеше, но тие не смееја да прскаат ниту да ги убиваат нив, оти беа тотемски заштитени од владата на Безименија и тешко си му на оној што ќе се осилеше да го стори тоа, оти тоа значеше најсуров говор на омраза кон власта. Си реков, боже, ова е раритетна и неверојатна земја со неверојатна влада, власт и закони. Влада и власт од луѓе бубашваби и со бубашвапско управување и закони. И во таквата размисла, префрлајќи ја границата на Безименија се разбудив, драг читателу. Ама, глеј чудо, се разбудив како инсект. Смртно се исплашив, оти сфатив дека Грегор Самса од Франц Кафка што беше причина за мојата соновна посета на Безименија и нејзината бубашвапска влада влијаел и на мојата инсектоидна метаморфоза. Морници ме полазија оти сфатив дека не сум се разбудил, туку дека сум влегол во еден друг сон. Сон во сонот, како што вели мојот стар пријател Е.А. По. Ама бргу се утешив, дури и ме облеа некое блаженство кога видов дека сум негде крај Нил во епохата на Стариот Египет, кој секогаш ме фасцинирал. Брмчев радосно летајќи над светата река, оти сфатив дека сум скарабеј, светиот староегипетски бумбар, симбол на раѓањето, сонцето и вечноста.

Потоа се извишив, ги надлетав пирамидите во Долината на Кралевите, тука се сретнав со Тутанкамон и Рамзес Трети, а од некој временски агол се појави и прекрасниот лик на Македонката Клеопатра. Бескрајна глетка на фараонските династии низ кои се провирав и околу кои облетува и брмчев, сè додека наеднаш како во сон во кој нема правила, но постои логика, не се најдов застанат врз една прекрасна пурпурна ружа, смукајќи го нејзиниот полен како да сум во рајот. А всушност бев во сончевата градина на Ехнатон и Нефертите. И така врз таа ружа и се разбудив од двојниот сон (сон во сонот), драг читателу, ама сега како Клетников, кој жалеше што не потраја уште малку сонот со Стариот Египет и светиот бумбар. Сонот кој конечно ме одмори од бубашвапските глетки во Безименија. Ги соблеков испотените пижами, кои чудесно беа илустрирани со скарабејот. Не знам дали такви ги купив, или сонот го беше сторил тоа, та ме беше отпечатил мене како скарабеј на нив. Сеедно. А и Фимка не се зачуди многу оти многу убаво ги познаваше и толкуваше шифрите на моите соништа. Таа веќе го беше подготвила божествениот појадок на терасата од родната куќа во Негрево, кое јас отсекогаш го замислував, а тоа е и вистина, како центар на светот.