Социјалните мрежи не се лекот за сите проблеми

Социјалните мрежи можеби се интересни за дружење, забава, игри, социјализација, но не можат да бидат супституција на стручни тела и органи. Ниту, пак, можат да бидат замена за лекари, нутриционисти, психолози, електричари или друг вид професија. Но феноменот на денешницата е што токму социјалните мрежи се наметнуваат и се користат како експерти за сѐ и сешто, што во одредени случаи може да има негативни последици по човековото здравје. Зашто социјалните мрежи не се стручна институција.Таму нема одговорност, нема сочувство, нема емпатија, нема помош за најчувствителните и најосетливи прашања. Затоа, отворете четири очи, не верувајте му слепо никому и внимавајте кому му ги доверувате вашиот живот и здравје

Во ерата кога почнаа да се појавуваат социјалните мрежи, тие беа претставувани како нешто позитивно, нешто добро за човештвото, како нешто што ги спојува луѓето и им помага во одржувањето на семејните, пријателските и другите односи. И тоа, несомнено, е така, со развојот на технологијата, модернизацијата на општеството и начинот на живеење.
Меѓутоа, како што одминуваше времето, исто како и кај лековите, кои доколку предолго и неконтролирано ги користите се појавуваат нусефекти, така и во оваа ситуација почнаа да се појавуваат и одредени лоши страни и импликации врз луѓето.
Социјалните мрежи станаа невиден токсичен елемент кај различни структури на граѓани. Па, така, како резултат на нивното прекумерно користење се појавуваа зависности, се појави и новиот термин булинг, се зголеми бројот на разводи, разни форми на криминал, педофилија итн. Едноставно, како што одминуваше времето, овие мрежи почнаа да се злоупотребуваат и користат како платформа за сѐ и сешто, па дури и за нестручно и крајно аматерско делење здравствени совети, па и совети за позитивни и негативни страни на одредени лекови и храни. Доволен пример е само појавувањето на квазидоктори, кои со разни рецепти тврдат дека можат да излекуваат канцер, анксиозност, депресија, дијабетес и слично.
Некои нови трендови на споделување рецепти, исто така, земаат огромно учество, а со тоа и влијание преку социјалните мрежи на граѓаните. И токму тука е зачетокот на проблемите во нашето општество.
Многумина ќе видат некоја тревка, ја фотографираат и бараат совет за нејзината лековитост. Други, пак, набрале печурка, па во група на неекспертска мала јавност на социјалните мрежи бараат совет за тоа дали смеат да ја консумираат. Некои откриле растение со зрнести плодови и веднаш прашуваат како да го зготват, да направат „магичен сируп“ од него, кој ќе им помогне во проблемите со притисокот, срцето, спондилозата….

И, за жал, се чини дека оваа појава станува сѐ помасовна и како некоја неконтролирана заразна болест се шири помеѓу корисниците.
Замислете само какви сериозни последици може да доживее некој што прашал нестручни луѓе на нестручно место, каде што нема никаква одговорност, за совет, терапија, „лековити карактеристики“ на некој производ или што било друго. Тресењето од ракав на вакви препораки на социјалните мрежи, без соодветно знаење, експертиза и стручна анализа, може да доведе до катастрофални последици. Само од еден нестручен совет може да настрада човек, па и цели фамилии. Социјалните мрежи можеби се интересни за дружење, забава, игри, социјализација, но не можат да бидат супституција на стручни тела и органи. Ниту, пак, можат да бидат замена за лекари, нутриционисти, психолози, електричари или друг вид професија.
Есенва печурките се посебен феномен. Никако не може да се разјасни зошто едно лице би побарало совет од случајно собрани луѓе на еден метаверзум, каде што ниту се знаат ниту се познаваат, а огромен дел од нив располага со лажни кориснички сметки. Може ли да му се верува на некој непознат и најчесто нестручен профил на интернет за тоа која печурка е отровна, која може да се јаде итн.
За жал, не постои начин на кој може да се регулира оваа проблематика. Одговорност никој не презема. Социјалните мрежи се преполни со разни ликови, некои од нив се вистински, додека, пак, зад некои стојат застрашувачки истории. Некои од нив се наивни, некои се со психички нарушувања. Некои уживаат во дружбите, додека други само чекаат да му напакостат некому.
Експертите велат дека советите поврзани со храна и непознати тревки, билки и растенија никако да не се земаат здраво за готово. Само печурките се до тој степен променливи што може за секунда да имаат фатални последици.
Само една отровна печурка е доволна да затруе стотици други во околината со помош на подземната поврзаност. Се разбира, не се опасни и отровни сите печурки, но ризични се какви било експериментирања доколку немате соодветно знаење и познавање во врска со овие растенија
Затоа, постои нешто што се вика експертска јавност, факултети, каде што одговорите што ќе ги добиете се стручни и под полна одговорност. Социјалните мрежи не се такви институции. Таму најчесто нема одговорност. Нема сочувство, нема емпатија, нема помош. Социјалните мрежи станаа место на кое многумина си ги лечат и своите фрустрации, некои пак само тука можат да си го покажат вистинското лице, секако, затскриено зад лажната профилна фотографија на ангел.

Да не навлегувам во огромната штетност што тие ја имаат и кај младите, поттикнување различни форми на нанесување повреди, па дури и суицидност
заради лекување фрустрации, што на некои болни умови им ја полни душата со чудно чувство на задоволство, додека други ги уништува.
Токму затоа совети се земаат од соодветни институции. Па, така, за проблем со здравјето се оди на лекар, за проблем со возило се оди на автомеханичар, за проблем со измамници се оди во полиција, за проблем со менталното здравје е надлежен психолог и сѐ така по ред. Не постои универзален експерт за сѐ. Иако живееме во ера на модернизација и дигитализација, сепак не треба да дозволиме некој друг да ги води и да ги контролира нашиот живот и однесување, особено ако не е упатен и не е стручен за такво нешто. А социјалните мрежи не се ниту научна, ниту некоја високообразовна институција, со докажани и потврдени референци, за да можеме да им веруваме безрезервно и целосно да се потпреме на советите и препораките што ги шират. Затоа отворете четири очи, не верувајте му слепо никому и внимавајте кому му ги доверувате вашиот живот и здравје.

[email protected]