Лидерска средба

Од истите причини поради кои се одржуваат лидерските средби, авторитарност и клиентелизам, истите лидерски средби се неуспешни. Политичкиот дијалог не бара средби на лидери, туку спремност за договарање, соработка, компромиси, спремност што ја немаме

Поминаа десетина дена од последната лидерска средба, оваа во најширок формат со лидерите на сите парламентарни партии, доволен период да се констатира дека единствен успех е фактот што лидерите седнаа заедно. Минатата недела, тука во „Нова Македонија“, беше објавена анализа на лидерските средби, вклучувајќи листа од 2011 година наваму, и сите до една завршиле без видлив успех. Зошто воопшто се одржуваат и зошто се одржуваат кога се без успех?
Зошто воопшто се одржуваат? За одговор на тоа прашање треба да се пребарува во минатото кога се одржа првата лидерска средба? „Нова Македонија“ ја детектира првата лидерска средба во 2011 година и целта била постигнување заедништво за одбележување 20 години независна Македонија. Во списокот се шест лидерски средби од 2011 до 2020 година. Моето пребарување водеше кон 2013 година и средбите за учество на СДСМ на локалните избори, како и Пржинскиот договор од 2015 година, на кој му претходеа средби на Никола Груевски (ВМРО-ДПМНЕ), Зоран Заев (СДСМ), Али Ахмети (ДУИ) и Мендух Тачи (ДПА). Но Пржинскиот договор потсетува на еден друг договор – Охридскиот рамковен договор од 2001 година, кој по неколкунеделни средби го склучија четири партиски лидери со гаранции од Борис Трајковски, претседател на Републиката, и претставници на ЕУ и на САД. Веројатно, лидерските средби за Охридскиот рамковен договор се првите лидерски средби во форматот на „големата четворка“, тогаш ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ПДП и ДПА, а за Пржинскиот договор, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА. Покрај форматот на „големата четворка“, лидерски средби имало и во формат на „двојка“, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како и во „широк формат“, како последната средба со учество на лидерите на сите парламентарни партии.

Доаѓајќи до првата и натамошните лидерски средби, може да се изведе заклучок дека тие се случувале кога институциите (Владата, Собранието) не можеле да дојдат до решение за соодветните политички предизвици. Тоа е поради отсуство на политички дијалог, а тој, пак, е поради подлабок проблем, авторитарен и патрон-клиентелистички политички систем. Кога нема политички дијалог, а политичката култура е авторитарна, тогаш решението се бара во средба на лидерите. Од истите причини поради кои се одржуваат лидерските средби, авторитарност и клиентелизам, истите лидерски средби се неуспешни. Политичкиот дијалог не бара средби на лидери, туку спремност на договарање, соработка, компромиси, спремност што ја немаме.
Низа политички коментатори тврдат дека единствени успешни лидерски средби, пример охридските и пржинските, се поради присуство и притисок на Западот, а кога тоа го нема, лидерските средби се проформа колку да се каже дека имаме политички дијалог. На прв поглед успешните примери може да се поврзат со меѓународно посредување. Но има и други разлики. Тие водеа кон решавање на најголемите и најдлабоки политички проблеми и кризи, кои мораа да се решат. Исто така тоа не беа средби што траеја два-три часа, туку повеќе денови, повеќе недели, со солидни подготовки, вклучувајќи и експертска поддршка. Неуспешните, како таа последната, беа однапред осудени на неуспех, зашто се проформа. Свикана преку медиуми, во широкиот формат, без јасен дневен ред, без подготвени материјали, веднаш укажува на неподготвена проформа средба, чија употреба е дневнополитичка. Се чини единствена цел е да се покаже дека власта е посветена на ЕУ и на политички дијалог, со очекување и Христијан Мицковски (ВМРО-ДПМНЕ) да не учествува како што не учествуваше Димитар Апасиев (Левица) за врамување на ВМРО-ДПМНЕ како националистичка и антизападна.

Зошто во другите земји нема лидерски средби? Некаде, пример Албанија, зашто како во Македонија нема политички дијалог, а некаде зашто политичкиот дијалог е сместен во институциите. На пример во Велика Британија, и премиерот и шефот на опозицијата, која е формална и платена функција, мора да бидат членови на парламентот. И не само тие туку и сите членови на кабинетот (Владата), како и кабинетот во сенка, мора да бидат членови на парламентот. И премиерот, ми се чини секој четврток, мора да биде достапен од пладне до доцна вечерта за да одговара на сите прашања од сите пратеници. Кога сите лидери се дел од парламентот, секако дека политичкиот дијалог се води во институциите. Или, пак, во Германија, сите партии покрај лидер имаат и парламентарен лидер, што повторно овозможува политичкиот дијалог да биде во парламентот.
За почеток, за развој на политичкиот дијалог, кога дел од лидерите не се во парламентот, лидерските средби како алатка се пожелни. Но тие мора да имаат учество на главните политички партии од власта и од опозицијата, јасен дневен ред, солидна подготовка и спремност за договарање. Ако тие предуслови не постојат и водат кон неуспешни лидерски средби, а такви не ни се потребни, бидејќи ги засилуваат поделбите и поларизацијата во македонското општество.

Авторот е аналитичар и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ