„Процедурално“ самоволие

Кај нас секој си ги толкува законот, Уставот, процедурите онака како што нему му одговара, без разлика што во оваа земја постојат институции што треба да кажат дали е нешто законско, дали е уставно или дали е испочитувана процедурата. Ако Македонија сака да биде дел од Европа, тогаш сите функционери треба да почнат да се однесуваат државнички, почитувајќи ги законите, Уставот и процедурите. На тоа се заколнале кога стапиле на функција и не треба да го забораваат тоа во ниту еден момент

Европската Унија од вчера официјално го започна скрининг-процесот врз Македонија, со што земјава можеби конечно ќе почне да ги спроведува купиштата европски закони што претходно ги донесе, но никако да ги имплементира во практика.
Иако скринингот е само формална и техничка операција што ја врши Европската комисија, со него се добива јасна слика и преглед на кое рамниште е државата во клучните сфери и што треба да се направи во годините што следуваат.
А овој „систематски преглед“ има многу нешта да покаже, од корупцијата, непотизмот, партизираните институции, неприменување на мерит-системот, преобемната администрација, нефункционалното здравство, образование, правосудство, чудната алатка наречена балансер, до целосната непримена и погазување на законите и процедурите.
Токму ова последното е рак-рана на македонското општество цели три децении. Секој си ги толкува законот, Уставот, процедурите онака како што нему му одговара, без разлика што во оваа земја постојат институции што треба да кажат дали е нешто законско, дали е уставно или дали е испочитувана процедурата.
Она што пред некој ден го направи Талат Џафери, одбивајќи ја иницијативата за можноста да се организира референдум за укинување на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, е само еден мал „симптом“ за сериозната болест со која е зафатен македонскиот политички организам.
Но да почнеме со ред. Веднаш да ги тргнеме настрана политичките аргументи и на власта и на опозицијата дали треба или не треба да се организира референдум, тоа е нивна легитимна политичка борба и нека си ги спротивставуваат ставовите колку што сакаат, и онака граѓаните од тоа немаат никаква корист. Она што е многу позагрижувачки е тоа што веќе во оваа држава не постои никаква процедура, буквално за ништо. Во конкретниов случај таа референдумска процедура е сосема јасна. Кога има достава на каква било иницијатива за референдум, претседателот на Собранието само формалноправно испитува дали таа иницијатива е уредна или не. Потоа таа иницијатива се доставува до Законодавно-правната комисија и до Комисијата за политички систем. Овие комисии даваат мислење дали иницијативата е уредна или не. Ако се утврди дека иницијативата е неуредна, тогаш таа се става на дневен ред на првата следна собраниска седница. Собранието е тоа што со заклучок констатира дали иницијативата е уредна или не и дури тогаш се известува официјалниот предлагач во рок од три дена. Тоа е процедурата во кратки црти, јасно и прецизно.

Но, како по обичај, одеднаш ниту оваа процедура не важи и собранискиот спикер веднаш и од прва утврди дека е неуредна. А утврди откако протолкува дека е во спротивност со членовите осум и 118 од Уставот на Република Македонија. Вака произлегува дека претседателката на Уставен без причина цело лето бараше да се пополни бројот на уставни судии кога претседателот на Собранието веднаш може да оцени кој закон е уставен, а кој не е и уште на собраниската седница да пресече. Тој ќе биде човекот за сè. Нема потреба од поднесување претставки, нема потреба од чекање со месеци и години Уставниот суд да се произнесе, едноставно нема потреба од институција што ќе ја оценува уставноста на законите, да бидам попрецизен.
Кога веќе ги спомена двата члена, истиот тој претседател, не споменува дека во членот осум има еден куп ставови, кои покрај темелната вредност „почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право“, во темелни вредности ги наведува и основните човекови слободи и права, слободното изразување на националната припадност, владеењето на правото, хуманизмот… Според толкувањето на Џафери, тогаш Македонија како „неуредни“ треба веднаш да ги прекине преговорите со ЕУ и да ги поништи со нота договорите со Грција и со Бугарија бидејќи, според членот осум, се спротивни на меѓународното право и се косат со основните човекови права и слободата за национално изразување, бидејќи Европа во 21 век дозволи нејзини земји-членки да негираат еден цел народ и неговата историја и јазик. Згора на тоа, поддржа геноцидни и етноцидни политики.

Затоа кога веќе претседателот на Собранието го споменува членот осум од Уставот, тогаш нека биде доследен во примената на сите негови ставови и наведени темелни вредности. Истото тоа се однесува и за членот 118. Никој не менува меѓународен договор, туку се работи за укинување закон за ратификација на договор. Претседателот на Собранието треба да знае дека законот за ратификација не може да се идентификува со меѓународен договор, исто како што ратификација на национално ниво не може да се изедначува со ратификација на меѓународно ниво. Престанокот на важност на актот за ратификација не значи и престанување на меѓународните обврски што произлегуваат од меѓународниот договор или, пак, важноста на истиот тој на ниво на меѓународно право. Тоа е уште еден показател што значи паушално толкување само на фрагменти што некому му одат во прилог, наместо да се направат консултации со стручни лица, комисии и тие, во согласност со процедурата, да дадат оцена за иницијативата.
А во членот 67 од Уставот, јасно е посочено кои се надлежностите и која е улогата на претседателот на Собранието, односно дека тој треба да се грижи за примена на Деловникот на Собранието. Значи Деловникот е неговиот устав што треба да го знае до најситен детаљ за да може собраниските седници да течат како што треба, а не да наликуваат на „театар на апсурдот“, кој никој не знае како ќе заврши.
Како и да е, полемиките за потегот на Џафери ќе продолжат и во следниот период, сè додека не се случи некоја нова епизода на прекршени процедури и погазени закони, одново и одново во недоглед.

Да бидеме начисто, скринингот од страна на ЕК нема ништо добро да покаже затоа што тука никогаш немало никаква волја да се спроведуваат законите и да функционира правната држава. Реално, Македонија уште со Словенија ги имаше имплементирано повеќето европски закони и досега требаше тука европски да се живее. И сега некој ќе се надоврзе и ќе рече, да, но Грција нè блокираше за името. Тоа е точно, но Грција нè блокираше за влез во ЕУ, а не нè блокираше да си ја донесеме ЕУ тука. Самите се блокиравме. Некому сето ова му одговараше и продолжува да му одговара, да ги девалвира институциите, законите, процедурите и сето она што значи правна држава.
Ако Македонија сака да биде дел од Европа, тогаш сите функционери во оваа земја треба да почнат да се однесуваат државнички, почитувајќи ги законите, Уставот и процедурите. На тоа се заколнале кога стапиле на функција и не треба да го забораваат тоа во ниту еден момент.
Можеби е добро што почна скринингот, па конечно да видиме на што сме, дали има „лек“ за болеста што три децении ја уништува оваа држава, болеста наречена партиска политика или, пак, време е да нè вклучат на апарати.