Окупација на Македонија во сто и една слика

Иако љубителите на филмот, кои во 1978 година го гледале филмот на Лордан Зафрановиќ, снимен по сценарио на Мирко Ковач ќе речат дека овој текст напишан под овој наслов нема ништо заедничко со филмот „Окупација во 26 слики“, сепак не знам зошто, но во последно време Македонија сѐ повеќе ме потсетува на истоимениот филм.
Разликата е во тоа што актуелните состојби во тоа време, во поранешна Југославија, Зафрановиќ се обиде и успеа на еден навистина маестрален начин да им ги долови на љубителите на филмот само во 26 слики.
Иако не се исти, сепак актуелните состојби на кои сме сведоци сега во Македонија, сѐ ми се чини дека искусниот режисер Зафрановиќ тешко ќе може да ги долови само во 26 слики и дека ќе му требаат повеќе од 100 слики за да ги прикажи тие какви што се.
Денес ни најдобрите хроничари или аналитичари не знаат дали Македонија е блокирана, заробена или е, не дај боже, окупирана земја. Од сите страни државата е под разно-разни блокади, а власта, која исто така функционира под секојдневни блокади, тешко успева (некогаш успешно, честопати неуспешно), да најде решенија за излез од состојбите во кои се наоѓа.
Но она што е најтрагично е што некои од блокадите на државата сега се насочија кон институциите, кои доколку продолжат да бидат блокиран, ќе ги инхибираат најмладите, децата, и тоа по повеќе основи, а образовниот во прв ред. Речиси нема ден во Македонија, а особено во поголемите градови да нема дојава или закана дека во некои училишта или институции, трговски центри се поставени експлозивни направи или бомби.
Наставниците и професорите се исплашени и збунети, а преплашени се и учениците, кои не знаат кога ќе им почне или кога ќе им прекине наставата. И најдобрите педагози и психолози веќе не знаат како да се справат со ваквите состојби и кои мерки да ги преземат за да можат нормално да ги организираат наставата и предавањата. Но не само образовниот процес, туку за да можат нормално да го следат и насочуваат психичкиот живот и развој на децата.

Збунета е и полицијата. Началниците и командирите веќе не знаат ни како ќе им почне, ни како ќе им заврши работниот ден и како да се (пре)организираат за да можат да стигнат секаде за да проверат каде има подметнато бомби.
Иако во најголемиот број случаи досега се покажа дека сите дојави за наводно подметнати бомби биле лажни, сепак не смее ништо да се препушти на случајот, па полицијата мора во согласност со протоколите и мерките за антитероризам да ги преземе сите мерки на заштита и превентива за да им ја осигури безбедноста на учениците.
Неизвесноста и стравот од ваквите закани и најави еднакво ги погодуваат сите, но засега најмногу на удар се дечињата, кои долго време ќе мораат да се носат со последиците од траумите.
Во ништо подобра состојба не се и сопствениците на супермаркетите, каде што по секоја закана за подметната бомба мораат да ги празнат објектите додека полицијата не го испита просторот.
Друга слика од нашето заложништво се и рефлексиите на дојавите за бомби и кај угостителските објекти, па за да се заштитат сопствениците на објектите сега во договорите што ги склучуваат со организаторите на разни свечености или забави, вметнуваат клаузула дека доколку во случај на дојава за подметната бомба се одложи манифестацијата или свеченоста, штетите ќе паднат на товар на организаторите.
Потоа наредната слика од атаките врз државава е сајбер-тероризмот, кога во случајот со хакирањето на Фондот за здравство цели две недели здравствениот систем беше во коматозна состојба.

И додека властите во државата со сите ИТ-експерти што во моментот им се на располагање се трудат да ги препознаат и да ги спречат овие сајбер-напади, за кои многумина велат дека се класичен сајбер-тероризам, државата е предмет и на самозаробување!? Како може тоа?! Па, ете, во највисокиот законодавен дом пратениците се надмудруваат меѓу себе како да се одблокира работата на Собранието. Наместо да се надминат партиските суети и во интерес на државата да се најде консензус за решавање на клучни прашања, тие со денови се надмудруваат меѓу себе за тоа кој е во право.
Македонските политичари, како и во редица други случаи, уште еднаш покажуваат дека во креирањето на партиските политики се единствено доследни во својата недоследност.
Иако сите се колнат во своите заложби за водење европски политики, некои од парламентарните политички партии, сега по целосно спроведениот Охридски договор, со кој Македонија речиси од темел карактерно се преуреди, се залагаат за косовизација на Македонија и формирање заедници на албански општини, каде што живее поголем број албанско население.
Кога на сѐ ќе се додадат и постојаните закани и блокади од страна на Бугарија со кои се попречува Македонија да го заврши скринингот и конечно да ги отвори преговорите за влез во ЕУ, навистина сосема е логичен насловот од текстот дека Македонија по многу нешта личи на филмот на Лордан Зафрановиќ, „Окупација во 26 слики“. Разликата е во тоа што кај нас состојбите не можат да се прикажат на филмското платно само во 26 слики. Напротив, потребни се многу повеќе кадри од нашето секојдневие, кое сите нѐ фрустрира и депримира.

Во ситуација кога државата е нападната од сите страни и кога навистина животот во Македонија стана луксуз и кога никој не може да биде паметен во ова време-невреме што може да нѐ стрефи секој ден, потребно е политичките партии да ги надминат своите партиски суети и да се обединат околу решавањето на сите клучни државни прашања.
Надлежните институции мора многу повеќе да поработат на наоѓање ефикасни мерки „да се ослободиме“ од заробувањето, зашто во спротивно може да ни се случи тоа што во свое време го велеше еден политичар во пензија: „Чуму ни е државата ако го изгубиме народот!“.
А ние сакале да го признаеме тоа или не, полека но сигурно, ако досега не го изгубивме народот, веќе губиме поединци секојдневно, бидејќи најголемиот број поединци што го чинат народот вадат карта во еден правец и ја напуштаат државата. Тоа ли е суштината на ослободувањето?!