Фото: Игор Бансколиев

Сѐ досега, во големо мнозинство во албанскиот политички кампус на Охридскиот договор се гледаше како на капитална придобивка од 2001 година, односно гаранција на нивната „општествена факторизација“. Иако и на меѓународната заедница ѝ беше и повеќе од јасно дека со вградување на барањата испорачани од воената хунта, која и однатре и однадвор ја нападна Македонија во 2001 година, на нелегитимен и нелегален начин се вгради фелер во највисокиот законодавноправен акт на Македонија, при што ѝ се смени карактерот на нашата држава. Амбициите на албанското малцинство се остварија со воени методи, а дотогашните високи малцински права беа трансформирани во права на втор носител на државноста во граѓанска држава!? Безброј небулози истакнуваат соговорниците професори, со кои практично „ѝ беше одземен компасот на Македонија за развој на демократска, суверена, национална држава“! Сега повторно, со идејата за заедница на албански општини, самите Албанци во Македонија, повторно со некои неосновани апетити и амбиции за етничка регионализација и територијална етницентрична гравитација, всушност влегуваат во ситуација на дерогирање на Охридскиот договор, правејќи идеен исчекор за распарчување на Македонија

Сега и Охридскиот договор стана „тесна кожа“ за албанскиот политички фактор?!

Македонија како држава е исправена пред најсериозните предизвици од самостојноста до денес, соочена со длабока политичка поделеност, лоша економска ситуација, висок степен на корупција, без вистинско владеење на правото, со постојани надворешни опструкции и негирања, така што единствено нешто што може да ја одржи во живот се младите генерации, кои ќе бидат подготвени врз своите плеќи да го понесат товарот на реформите што од земјава треба да направат пристојно место за живеење и респектабилна држава.
За жал, во овој момент недостига клучната работа што ќе ги натера младите да останат во својата татковина и да се борат таа да стане успешна приказна, односно недостига вистинската љубов и почит кон својата земја, што е моторот на секој општествен развој.
Причините за индиферентниот однос на младите генерации кон својата земја, нивната незаинтересираност да останат тука и да се реализираат како личности можат да бидат различни, но во суштина зад сето тоа стои огромна разочараност од погубните политики што се водат три децении и кои доведоа до тоа единствен излез од целата ситуација да биде заминувањето во странство.
Политичарите веќе со децении покажуваат дека нивна единствена и вистинска мотивација за влез во политиката е само личниот интерес, никако националниот, државниот или јавниот, односно интересот на граѓаните. Свесно или несвесно, генерациите политичари по осамостојувањето како синхронизирано да работеа на тоа да го урнисаат образовниот процес, како и сите други процеси важни за развојот на здрава држава, само за да спречат градење млади и патриотски настроени генерации, со единствена цел да има што помала критичка маса што би го кренала својот глас против лошите политики и да има повеќе апатични луѓе што ќе ја прифаќаат мизеријата во која подлабоко ќе тоне државата.
Кога дури и децата ги гледаат секојдневните настапи на политичарите и седниците на парламентот, кај нив наместо чувство на достоинство и гордост што се граѓани на Македонија, се раѓа чувство на срам и понижување.
– Патриотското чувство и чувството на љубов кон својата татковина се градат од најмала возраст. Како ќе изградите такво чувство во оваа држава кога младите, зборувам од најмали нозе, до оние на факултет, гледаат што се случува секој ден на политичката сцена. Оние секојдневни навреди, некултура, само покажуваат дека оние што треба да ја водат државата и што треба да мислат најдобро за неа, не го прават тоа. Како сега младите ќе ги натерате да ја сакаат својата држава кога гледаат дека кој ќе стигне ја ограбува? Како ќе градиш патриотизам, ако едно дете слуша вести или, не дај боже, гледа парламент. Сето тоа е поразително – вели социологот Илија Ацевски.
Според него, највисоките државни раководители треба да покажат обединувачки капацитети и со лични позитивни примери да ја поведат државата напред.

– Младите не гледаат луѓе со интегритет во високата политика. Ако првите луѓе на државата јавно се преиспитуваат дали Гоце Делчев бил Бугарин, за што понатаму да зборуваме? Па тоа мало дете во училиште, па и поголемите, што ќе мислат кога слушаат што зборуваат политичарите, оние што треба со сите сили да ги убедуваат дека вреди да се остане и да се работи во оваа земја. Едноставно се губи таа врска меѓу младите и својата татковина како таква – потенцира Ацевски.
Тој понатаму анализира како потезите на овдешните политичари, всушност, дополнително ја влошуваат ситуацијата и уште повеќе ги отуѓуваат младите од својата земја.
– Кога на најголемиот национален празник Илинден, темелот врз кој почива македонската држава, ќе ја видите политичката закрвеност во земјава, ќе видите како Бугарите почнуваат со поголем пиетет да го празнуваат овој ден, тогаш сфаќате дека некој пред носот ви ја краде историјата и вие ништо не правите. Кога децата сето тоа го гледаат, како да градат патриотски однос кон својата земја? Ќе потсетам за постарите генерации што растеа во една СФР Југославија. Нашата генерација беше градена во однос на Американците и во однос на Советите. Она на што ние бевме учени и воспитувани, тоа е дека сме најдобри од сите. Во тоа е енергијата, постојано да се храбриме дека сме најдобри и да веруваме во тоа. Ние не се споредуваме со Американците или западниот свет во некаква материјална смисла, туку во моќта на поимањето, во моќта на разбирањето, во моќта на интелектуалните капацитети, на вредностите, тоа беа нашите квалитети. Овие сегашни генерации немаат такво чувство, туку се чувствуваат крајно инфериорни – констатира Ацевски.
Сепак, негово мислење е дека не смееме да кренеме раце од борбата за младите генерации и всадувањето патриотски дух кај нив, оти без тоа, како народ ќе исчезнеме.

– Лично се прашувам дали ова тло вака, во вакви услови, може да создаде вистински лидери на кои луѓето ќе им веруваат, околу што сите ќе се интегрираат и кои ќе ја водат државата на вистински пат. Но борба и надеж мора да има. Мора да се направи нешто, не може едноставно да кренеме раце, оти ако го направиме тоа, ќе исчезнеме еден ден. Еве, и демографските податоци ни се погубни. Ја немаме виталната сила, таа е надвор од земјата, тука остануваат само старите луѓе. Затоа, потребно е веднаш да се инсистира на одговорни и чесни политичари, кои со своето работење ќе ги мотивираат младите двапати да размислат пред да купат билет во еден правец, но и да веруваат дека ќе добијат вистинска можност да покажат што знаат во својата земја без да бидат маргинализирани поради преголемата партизација – заклучува Ацевски.
И другите соговорници со кои се консултира весникот сметаат дека без одговорно политичко, лидерско однесување и одговорност, нема градење патриотско чувство кај младите генерации.
– Ако децата уште од основно училиште гледаат секојдневно како се однесуваат политичарите, го слушаат револтот на своите родители од она што се случува во државата, тогаш како ќе ја сакаат својата земја? Во овој процес на глобализација, со лошо и неодговорно управување на државата, многу лесно ќе се загуби сврзувачкото ткиво меѓу поединецот и татковината. Тоа во нашиот случај ќе значи само едно, исчезнување на еден цел народ од светската мапа на народи. Тоа не смее да се дозволи и затоа граѓаните се тие што ќе треба да почнат да бараат одговорно и чесно владеење бидејќи само така ќе создадеме генерации што ќе бидат горди на својата земја – истакнуваат соговорниците.