Нема веќе трт-мрт, граѓаните ќе добијат БРТ?!

И како и за секој проект што треба да се реализира во земјава, така и за овој почнаа да се мешаат политики, по принципот „баби и жаби“, само затоа што бил од некоја претходна власт, што во моментот е целосно небитна информација доколку градот и граѓаните добиваат директна корист од тоа

Конечно Скопје ќе добие некаков брз превоз, откако по неколкугодишно негодување градоначалничката Данела Арсовска се одлучи да го реализира системот за брз автобуски превоз – БРТ. Целата неизвесност траеше долго време, не се знаеше дали проектот ќе продолжи да се реализира или целосно ќе се напушти. А да не се лажеме, на народот воопшто и не му беше грижа чија е идејата. Она што го интересира народот е да се реализира некој проект што ќе им помогне побрзо да стигнат на работа, на училиште, на лекар…, а токму тоа го ветува овој проект, кој подразбира изградба на два нови терминали, транспортни центри, обезбедување непречено сообраќање на автобусите, како и набавка на нови еколошки автобуси.
Новиот систем е предвидено да има две линии што ќе го поврзуваат градот по линијата исток-запад (од Ѓорче Петров до Ново Лисиче) и север-југ (од Бутел до Пинтија), а двете линии ќе се преклопуваат во центарот на градот. За реализација на проектот ќе се користи заем од Европската банка за обнова и развој од 70 милиони евра.
И како и за секој проект што треба да се реализира во земјава, така и за овој почнаа да се мешаат политики, по принципот „баби и жаби“, само затоа што бил од некоја претходна власт, што во моментот е целосно небитна информација доколку градот и граѓаните добиваат директна корист од тоа.

БРТ е важен за Скопје затоа што нашиот главен град важи за град во кој владеат комплетен сообраќаен хаос и енормно загадување на воздухот, а токму овој систем треба да придонесе за намалување на двете болни скопски точки.
Идејата е трасата на автобусите да биде целосно издвоена од преостанатиот сообраќај, да нема застој и двојно да го намали времето на патување. Дополнително, идејата е и да ги мотивира граѓаните да го користат овој превоз, бидејќи ќе биде брз, па, така, тие ќе го намалат користењето на автомобилите, а сето тоа значи и намалено загадување.
Проектот е назначен како зелен проект и се финансира во рамките на мрежата на зелени градови.
Да бидеме реални, далеку од тоа дека овој проект немаше никакви забелешки од пошироката јавност и од експертите.
Па така, меѓу другото, беа објавени и мислења дека системот не е добар и погоден за Скопје, бидејќи инфраструктурно не одговара на градот.
Дури и Арсовска, која во минатото го сподели ставот за БРТ, а за кој претходно се консултирала и со експерти, потенцира дека овој систем на градски превоз ќе има потреба од нов мост на местото кај постојниот „Обединети нации“ во Влае, што пак би било дополнителен трошок од шест милиони евра. Друга критична точка, според неа, беше фактот што ќе се отстрани целото зеленило по средината на Партизанска, а како трета таа тогаш ја посочи главната водоводна инсталација што поминува под средишното зеленило на овој булевар.

И сега народот е во недоумица. Добар е или не овој проект? Што ја премисли градоначалничката, која во предизборието тврдеше дека наместо БРТ, ќе купи нови 250 еколошки автобуси, за кои сѐ уште ништо не сме слушнале, или пак се премисли затоа што сепак увиде дека едно е да се ветува во предизборие, а сосема друго кога ќе седнеш на градоначалничкото столче?
Нејсе, покрај хаосот што се случува во Скопје, во кој насекаде има блокиран сообраќај, мостови што не функционираат целосно и исклучени семафори, редно е да слушнеме и нешто позитивно, дека се работи на некакво решавање.
Допрва доаѓаат и зимата и енормното аерозагадување, за кое со години медиумите „си трубат, а карванот си врви“, и никој ништо ниту презема ниту решава.
На крајот на краиштата, важно е Скопје и неговите жители да одат напред. Да целат кон европските стандарди, кон достојни услови за јавен градски превоз, а не да се возат со часови од едно до друго место, во автобуси што прокиснуваат, редовно се расипуваат и кои предолго се чекаат.

[email protected]