Ако се стремиме да станеме европски град, со сите атрибути што со себе ги носи таквиот статус, тогаш мора да постојат и системи и механизми со кои ќе се превенира и санкционира неодговорното однесување на поединци во кој било сегмент на општественото живеење. Колку само за илустрација, преку контролите во градскиот превоз лани биле откриени дури 9.345 патници што се возеле без билет. Вакви или слични примери на злоупотреба, ароганција, неодговорност и непочитување на институциите, за жал, има и во многу други области
Секој голем град, или како што сакаме да кажеме – метропола, има свој јавен превоз, независно дали е автобуски, трамвајски или, пак, граѓаните се возат со метро. И секој граѓанин што го користи јавниот градски превоз насекаде во европските метрополи уредно си плаќа за својот билет.
Кај нас, пак, забележливи се и некои обратни тенденции. Или, со други зборови, има чести примери на поединци што се обидуваат да се возат, народски кажано, „шверц“ и, да бидеме искрени, тоа е навистина за жалење. Статистиката на Јавното сообраќајно претпријатие во однос на тоа колку патници се обиделе да се шверцуваат без да платат е навистина зачудувачка, да не кажеме поразителна. Контролорите на претпријатието минатата година извршиле вкупно 206.289 контроли во градските автобуси. За повеќе од девет илјади граѓани што се возеле во автобусите на ЈСП, или поточно за 9.345 патници, биле поднесени записници, односно пријави. На 612 патници им биле одземени електронските картички, а им биле наплатени 2.513 билети на патници што биле фатени без платен билет во автобус. Јануари и февруари се месеците во кои има најголем број активности кога станува збор за неплатени билети. Во јануари биле поднесени 1.183 записници, додека наредниот месец 1.057 записници. Во првиот месец од годината биле наплатени 271 дополнителен билет, а во февруари 266. Во првиот месец од минатата година, на пример, биле одземени дури 133 електронски картички. Што сигнализираат ваквите податоци?
Цената на билет за возење е релативно пристапна за сите, многу поевтина доколку користите автомобил или такси, покриеноста на населбите е исто така одлична, па со возење од 35 денари, вие можете да стигнете од Радишани до Капиштец, од Водно до Бит-пазар…, сепак, за некои ниту тоа не е доволно, дури и тоа е скапо, па како последица на таквото размислување се дрзнуваат на грбот на другите што уредно си платиле за билет да се возат без да ја искористат својата картичка, односно, без да си платат за своето возење.
И со право оние што плаќаат за возењето макар и за една станица се чувствуваат лути и навредени, бидејќи тоа не е фер ни кон нив, ни кон Јавното сообраќајно претпријатие.
Воопшто не е сеедно кога вие како патник сте си платиле за возењето и сведочите за неплаќање на истото тоа. Вие се чувствувате изиграно, бидејќи сосема е логично за секого, ама баш за секого да важат истите правила на однесување и почитување на градски сервис, кој е во служба на сите.
Не само заради вас, туку и заради самото претпријатие, за кое знаеме дека многу години работи без некој посебно голем профит и е на работ на одржливост. Со плаќањето билет не плаќате само за вашето возење, плаќате за да имате автобуски превоз, плаќате за да имате возач што ќе ве вози секојдневно, плаќате за да имате навремен превоз.
Сега сигурно ќе се запрашате каде е тука контролата, каде се тука санкциите.
Сепак, контролорите не можат да се секогаш и насекаде. Се качуваат периодично, плански, но не можат да бидат присутни постојано и во секое време.
Санкционираат и го прават тоа што го мораат, но сепак и тие имаат голема мака, справувајќи се со секаков народ. Се соочуваат со закани по сопствениот живот, само затоа што уредно си ја вршат својата работа, за која земаат плата.
Од една страна, ние како граѓани сме првите што бараме поголема ангажираност на сите институционални системи, а од друга страна, ни пречат контролите во автобусите бидејќи очигледно некои сакаат да го надмудрат системот. Е тоа, никаде го нема.
Ако се стремиме да станеме европски град, со современ градски превоз, мора да постојат системи и механизми со кои ќе се казнува неодговорното однесување.
Изминатиот период сите аплаудиравме на големиот број санкционирани за загадување на животната средина во Скопје. Зошто овде ситуацијата би била поинаку? Не е воопшто тешко да се сфати дека тие автобуси треба да се одржуваат, редовно да се средуваат. И автобускиот превоз е составен дел од нешто што се нарекува заедничка грижа за животната средина и борбата против загадувањето. Токму тој превоз е еден од носечките столбови за намалување на загадувањето, бидејќи една од првите мерки што се активираат при голема загаденост на воздухот е токму бесплатниот автобуски превоз, со цел граѓаните да ги остават автомобилите и да го користат почесто.
Значи, само тогаш кога градот со сопствена одлука ќе одлучи дека превозот е бесплатен, само тогаш секој има право бесплатно да се вози. Во ниту еден друг случај тоа не е исклучок и не смее да биде. Во таа насока во иднина треба многу да се работи на промена на свеста и промена на лошите навики. Како што велат дека во економијата нема бесплатен ручек, така и во сообраќајот нема бесплатен превоз. Освен во вонредни околности, како што и претходно посочивме кога има енормно загадување на воздухот и кога превозот е бесплатен токму со цел да се намали загадувањето и да се заштити здравјето на граѓаните. Затоа и во иднина контролите во автобусите треба да продолжат и сите прекршители соодветно да се санкционираат. Само на тој начин ќе се избориме со самоволието и ароганцијата на поединците во градот…