Не, не станува збор дека скандалите и аферите ги забораваме, туку едноставно не останува веќе доволно време ниту сериозно да се продискутираат. А, не останува време затоа што нема ден а да не избувне некоја нова афера, некој нов скандал што ни го заматува нашиот светол пат кон уште посветла иднина. Грабиме напред со полна брзина, верувајте ми што ви зборувам, не верувајте им на овие странциве што пишуваат за нас во тоа нивните оцени, процени и видувања. Немаат друга работа, па седнале да нѐ оцрнуваат. А не е така… Бетер е…
Се сеќава ли некој воопшто што зборувавме и за што се пенавевме пред една недела, да речеме? Да не одиме поназад. Ајде да фрлиме поглед наназад барем една недела. Ја паметиме ли аферата околу (не)постојната факултетска диплома на новоизбраната директорка на „Аеродроми Македонија“, на која дури ниту името не стигнавме да ѝ го запомниме? Или, пак, помниме колкави фрапантни загуби акумулираа „Железници на Македонија“ без да му фали влакно од главата некому, а во меѓувреме ги избришаа најголемиот број редовни патнички линии низ земјава, па сега едната или две евентуално преостанати композиции можат да ги користат само како експонат за музеј или можеби да се организираат ученички екскурзии од железничката станица во Скопје до главната гаража и обратно, колку децава да не заборават што е воз.
Патем, го спомнува ли некој градежниот потфат на векот – автопатиштата осум и десет, за кои уште нема ниту проект, ниту сериозна финансиска конструкција, а колку што гледаме не можат да се намолат ниту доволен број градежници и покрај саеми за вработување и покачувањето на ветената плата? Се крена цела држава на нозе, се славеше неколкукратното пуштање во работа на автопатот, му се исплатија солидни суми пари на изведувачот, арно ама засега ниту лопата се слуша ниту багер да забрмчи.
Но, не станува збор дека ги забораваме, туку едноставно не останува доволно време ниту сериозно да се продискутираат. А, не останува време затоа што нема ден а да не избувне некоја нова афера, некој нов скандал што ни го заматува нашиот светол пат кон уште посветла иднина. Грабиме напред со полна брзина, верувајте ми што ви зборувам, не верувајте им на овие странциве што пишуваат за нас во тоа нивните оцени, процени и видувања. Немаат друга работа, па седнале да нѐ оцрнуваат.
А не е така.
Зборуваат Европејциве надолго и нашироко дека кај нас имало корупција. Како не, корупција. Па, каде виделе тие корупција? Фатен ли е некој за корупција или пак осуден? Тамам работа. Дури и на тие неколкумина што беа обвинети и со години се влечеа по судови, ете сега фино им застареа предметите, луѓето се слободни, па уште и понекоја милионска отштета ќе им плати државата, т.е. ние.
А оние што зборуваат лошо за судиите, нека не одат подалеку, нека го видат нивниот врв, Судскиот совет, и ќе се уверат дека не се во право. Таква елоквенција, такво познавање и почитување на правото не се видени одамна. На човек да му е мерак да ги слуша и да ги гледа. А овие, пак, странциве им нашле забелешки и во нивната работа. Да не ти се верува.
Ете, така се работи. Тоа се нашите светли судови, кои го обелеа образот заедно со обвинителството и ја практикуваат правдата според законот. Само што странците не го сфаќаат тоа, па ни пишуваат лоши извештаи.
Тоа што на суд паднаа поради лошо составено обвинение или пропаднаа поради новите закони голем број предмети за кои се крена цела меѓународна заедница, па за тоа не е виновно обвинителството или неговиот прв човек. Се разбира, виновна е опозицијата. Како зошто? Па, зарем е важно зошто, кога веќе убаво си се навикнавме за сѐ и сешто да ни биде виновна опозицијата. Ако не ми верувате, слушнете ги првите луѓе од власта и нивните гласноговорници. Нема ден а барем во неколку изјави да не се фрлаат дрвја и камења по опозицијата. Што од друга страна значи дека избори се ближат. Избори се ближат, ветувања се нижат. Но, така зборувавме едно време. Сега ќе биде – избори се ближат, скандали се нижат
Впрочем, кој може да каже дека обвинителството не работи ништо? Работи и тоа како, ете неговиот прв човек со судни маки се бори да влезе во Уставниот суд, ама опозицијата не попушта и не крева рака во Собранието за да може човекот што се докажа со својата досегашна работа да ја круниса таму својата кариера.
Е, сега, тоа што на суд паднаа поради лошо составено обвинение или пропаднаа поради новите закони голем број предмети за кои се крена цела меѓународна заедница, па за тоа не е виновно обвинителството или неговиот прв човек. Се разбира, виновна е опозицијата. Како зошто? Па, зарем е важно зошто, кога веќе убаво си се навикнавме за сѐ и сешто да ни биде виновна опозицијата. Ако не ми верувате, слушнете ги првите луѓе од власта и нивните гласноговорници. Нема ден а барем во неколку изјави да не се фрлаат дрвја и камења по опозицијата.
Што од друга страна значи дека избори се ближат. Избори се ближат, ветувања се нижат.
Но, така зборувавме едно време. Сега ќе биде – избори се ближат, скандали се нижат. Ако сега не можеме на дневна основа да ги соџвакаме скандалите и аферите, следува период во кој ќе имаме по неколку такви ситуации дневно. Вие само добро подгответе се, земете нешто за грицкање, нешто за освежување, вклучете го телевизорот и почнете да сеирите.
Шоутајм.