- Денес треба да се веат македонските знамиња на целата територија на Македонија како потсетник дека Илинден е стремеж за слобода не само на Македонците туку на секој народ. И дека постојат народи и луѓе како Македонците што гинеле за таа слобода. Денес новите генерации Македонци имаат свои предизвици, но и обврска да се зачуваат себеси и да останат на својот корен и на својот темел. Некој им ги продаде
тапиите и наследството, но со борбеност, упорност и мудрост (трите маркери) сето тоа може да се врати таму каде што му е местото. Оти без коренот можеш да бидеш вода што тече по нечија волја, но не и човек свесен за своето постоење
Денот е таков, голем, свечен, потсетник, маркер и светилник, крвопис и надеж. Крик за слобода и да се каже и за да им се докаже дека постоиме. Не обрнувајте многу внимание на календарите, тие се измислени за да збунат, па има јулијански, грегоријански, лунарни, ѕвездени, старомакедонски, новомакедонски, еврејски, арапски, на Маите… Можеби Господ намерно го направил тоа, како со Вавилонската кула, за да бидеме збунети и да не се разбираме. За да не знаеме ниту кога еден Исус бил роден. Можеби токму Создателот ни ја наместил таа работа со календарите за да забораваме, за да не се сеќаваме што, кој и каде, но и кога. Затоа треба да ги помниме датумите. А, 2 Август е ден за помнење. Не овде и сега, туку од памтивек, па за навек. Затоа, рековме и ќе подвлечеме – 2 Август е македонскиот крик за слобода. Но и многу повеќе. Тој е обнова на страта куќа, кревање нови темели, идеја за македонштината, која само добива нова форма и станува цврста градба. Тој е победа. Не сомневајте се, и на многу поголеми ова не им успева.
Да ја пофатиме историската нишка, да се фатиме за раце во нашето ни оро македонско и да се навратиме на антиката, кога нашите предци токму на 2 август 338 година пред новата ера под бајракот и со штитовите на шеснаесеткракото сонце, со кралскиот печат на Филип Втори Македонецот, на кој во злато е изгравиран лавот, ќе го победат воениот сојуз меѓу Атина и Теба и ќе станат апсолутен владар на Елада. Потоа ќе следува и освојување на тоа што во тоа време се нарекува свет. Ќе се случуваат многу големи работи во ерата на македонскиот империјализам, кој вчера-завчера некои будалетинки за грст сребреници им го оставија во наследство на поразените. Но тие што паметат датуми и нив ги слават и величаат, судбината ќе ја земат во свои раце, а историјата пак ќе биде нивна. И наследството. И славата. И поразите, секако.
Македонија имала подеми и падови, како и сите народи, но сепак со своето знаење, а подоцна ќе се покаже и вербата во Господ, таа ќе создаде фасцинантни нешта и во стариот и во новиот свет. Ако не беше така, немаше да се случат чудата што таа ги направи веројатни и применливи како што е ширењето на христијанството и неговото учење, на богомилското движење, од нејзините пазуви изникнаа Кирил и Методиј, а потоа и Климент и Наум, Јустинијан, цар Душан. Ни ги земаат, ни ги присвојуваат? Да, но ние сме поврзани со нашата крвна врска, со таа ДНК што придонела да се разликуваме од другите. Тој крик за слобода никогаш не замолкнал, а доказ е и Разловечкото востание во 1876 година, а потоа и Македонското (Кресненско) востание во 1878 година кога војуваат големите сили, а меѓу нив и Македонците за своја држава. Кој може да го негира тоа? Кој е толку дрзок за да не го признава ова? И затоа чукнаа илинденските камбани секаде на просторот на Македонија, таква каква што Македонците си ја знаеле, а Пулески убаво ги нацртал границите користејќи го својот талент, но и тоа што го пронаоѓал во архивите, а таму имало купишта докази за тоа од каде до каде се протегала Македонија. Не е од Табановце до Меџитлија, колку што знаат и нашите годишноодморци, на кои не им пречи на граница да се печат во нехумани услови за да се наквасат три-четири дена на Егејско Море.
Пушките одекнаа на 2 август 1903 година, како продолжение на сите знајни и незнајни македонски борци што претходно гинеа за Македонија во борба да се ослободат од османлиското ропство. Дали мислите дека 2 август е само случаен датум? Ако ги следиме документите, како тој на кој е потпишан Васил Чомо како прв човек на македонската влада, на која е ставен печат со ликот на Александар Трети, тогаш можеме со сигурност да тврдиме дека тие точно знаеле дека се наследници на Александар Македонски и тоа го кажуваат во сите документи и манифести што ги објавувале. И ако некој сѐ уште мисли дека тоа бил случајно избран датум, тогаш потсетете се дека Господ не случајно вмешува прсти. Ете, тој ја наместил работата. Мораме да покажеме и понизност, но и верба во Него. И тоа токму на денот Свети Илија. Илинденските пушки и топови одекнаа далеку низ Европа и низ светот, иако и претходно гемиџиите ја уплашија Европа со нивните терористички напади во Солун на клучни избрани цели потврдувајќи дека Македонците се решени! Илинденското востание е тој неопходен прескок од политичкиот тероризам на гемиџиите до општо востание како што го замислиле илинденците. По Александар, Македонија ќе го добие својот апостол – Гоце Делчев. Триаголникот на еден древен народ ќе го затвори Ченто. Ова е нашето македонско соѕвездие, оваа стабилна геометриска фигура што секогаш ќе ги води Македонците на вистинскиот пат.
Денес кога се водат дебати дали Илинден бил успешен или не, би требало да го побараме овој триаголник како маркер што треба да нѐ избави од каков било ќор-сокак. Оти да не беше Александар, тешко дека ќе беше Гоце, а да не беше Гоце, најверојатно никогаш немаше да се случи ниту АСНОМ, познат како втор Илинден, а всушност е третиот. И токму во АСНОМ и неговите темелни документи ќе ги најдеме и Александар и Гоце и севкупна Македонија. Нам никој не може ниту да ни забрани, ниту да ни оспори да размислуваме како илинденци, поим разбран во историско време од повеќе од 2.000 години. Ако тоа самите си го забрануваме, е тоа е веќе сериозен проблем, тоа би значело дека сме го изгубиле контактот со нашето историско наследство, со нашиот крвопис, со заветот на нашите предци и лутаме. Се сеќаваме дека има обиди, па дури и притисоци за заедничко славење на Илинден со Бугарија, а најверојатно тоа би требало и со Грција, оти и таму зафаќа востанието. Но би ја прашале Бугарија како тоа таа кренала востание против Османлиската Империја кога имала држава. За што тие кревале востание?! Ете, Македонците во Македонија се кревале на востание за да направат своја држава. А Бугарија?
Затоа, Илинден треба да остане нашиот свет датум, кој не случајно е избран токму тој да биде Денот на македонската државност. Втори август спојува два милениума историско време, но и две илјади години опстој на Македонците. Зарем не е тоа доволно за фасцинација, но и поттик за одење напред, за деривирање на македонштината во новото време. Поттик да се натпреваруваме со другите во светот користејќи го нашето историско наследство, нашиот архетип на издржливост и мудрост, поривот за трговија со другите народи и цивилизации, но и за инвенции. Македонија и Македонците ќе опстојат само ако останат на својот камен македонски, без да го превртуваат или преместуваат. Оти тој камен е темел на еден народ, а без темел нема ни народ ни држава. Денес треба да се веат македонските знамиња на целата територија на Македонија како потсетник дека Илинден е стремеж за слобода не само на Македонците туку на секој народ. И дека постојат народи и луѓе како Македонците што гинеле за таа слобода. Денес новите генерации Македонци имаат свои предизвици, но и обврска да се зачуваат себеси и да останат на својот корен и на својот темел. Некој им ги продаде тапиите и наследството, но со борбеност, упорност и мудрост (трите маркери) сето тоа може да се врати таму каде што му е местото. Оти без коренот можеш да бидеш вода што тече по нечија волја, но не и човек свесен за своето постоење.
Нека е вечен 2 Август. Честит да ни е на сите во Републиката и на сите Македонци во соседството и каде и да се во светот.
































