(Дез)интегративните политики на министерот за надворешни работи

Симптоматично е што во време кога српскиот претседател Вучиќ најавува проширување на иницијативата „Отворен Балкан“, која патем е поддржана и од САД и од ЕУ, Османи промовира платформа што сега ќе ги усогласувала надворешната и безбедносната политика со ЕУ, иако Брисел и самиот потврди дека земјава повеќе од 90 отсто ја има усогласено својата надворешна политика со европската. Прашање е како Македонија ќе ја усогласува заеднички надворешната политика со Косово на пример, кога ниту ЕУ ја нема усогласено надворешната политика за ова прашање, бидејќи пет членки на Унијата не го признаваат Косово за држава

Додека премиерот Димитар Ковачевски деновиве шеташе низ Белград заедно со својот домаќин, српскиот претседател Александар Вучиќ, уживајќи во „кежуал издание“ и гледајќи го градежното чудо „Белград на вода“, неговиот министер за надворешни работи Бујар Османи промовираше нова иницијатива слична на „Отворен Балкан“, овој пат именувана како платформа „Западен Балкан КВАД 100% усогласеност со надворешната политика на ЕУ“.
Според Османи, во фокусот на оваа нова четирипартитна платформа ќе била целосната усогласеност на Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора со „заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“ во светло на новата геополитичка реалност, хибридните закани, енергетската криза и економските последици предизвикани од руската инвазија на Украина.
Симптоматично е што во време кога српскиот претседател Вучиќ најавува проширување на иницијативата „Отворен Балкан“, која патем е поддржана и од САД и од ЕУ, Османи промовира платформа што сега ќе ги усогласувала надворешната и безбедносната политика со ЕУ, иако Брисел и самиот потврди дека земјава повеќе од 90 отсто ја има усогласено својата надворешна политика со европската. Прашање е како Македонија ќе ја усогласува заеднички надворешната политика со Косово на пример, кога ниту ЕУ ја нема усогласено надворешната политика со најмладата држава на Балканот, бидејќи пет членки на Унијата не го признаваат Косово за држава.
Очигледно шефот на дипломатијата продолжува да ја води надворешната политика на своја рака и наместо да работи на тоа сите земји од регионот да се вклучат во „Отворен Балкан“, но не само тоа, туку да преземе поширока акција и да лобира кон оваа иницијатива да се приклучат и Романија, Бугарија, Грција и Турција, тој прави дополнителни поделби и ги минира интегрирачките процеси.
Чудно е како одеднаш Косово и Црна Гора се расположени за регионално здружување, кога претходно одбиваа да се придружат на „Отворен Балкан“, постојано повторувајќи дека единствена асоцијација во која би влегле е Европската Унија, а не некакви регионални иницијативи. Веројатно случајно се погодило што четирите земји се всушност териториите каде што сè уште се сонува албанскиот сон за големата албанска држава, за што некој ќе рече дека е „само обична хистерична реакција“, но мозаикот секогаш се создава градејќи делче по делче, колку и да не може на почетокот да се види комплетната слика.
Од друга страна, навистина импонира суперспособноста на македонскиот министер за надворешни работи, кој стигнува да биде и на чело на ОБСЕ во време на голема безбедносна криза во Европа, и да ја води македонската надворешна политика, но и да биде партиски пожарникар, кој треба да го гасне пламенот што го распалија огнените во неговата партија, особено во разгранокот во Чаир, а на сето тоа и да стигнува да промовира нови регионални платформи.

Колку за потсетување, Македонија е членка уште на седум-осум други регионални иницијативи, но нејзиниот ангажман е целосно незабележителен, односно не се случува буквално ништо и не се користат придобивките од членството во овие иницијативи. На сето тоа, кусо беше уште новава платформа.
Нималку наивен не е ниту тајмингот кога се случува промоцијата на оваа платформа, како некој намерно да му испраќа порака на премиерот да не се воодушевува премногу од белградските убавини, оти може многу брзо да се разочара од скопските марифетлаци што го демнат на секое ќоше ако не продолжи да работи „како досега“.
Впрочем, Османи веќе во неколку наврати се покажа дека како министер повеќе е загрижен за Косово и дали Шпанија ќе го признае, отколку дали Македонија ќе се одбрани од нападите од Бугарија. И министерот за економија пред извесно време јасно кажа во Тирана дека тој не е македонски министер, туку Албанец на министерска позиција во Македонија.
Сето ова јасно укажува само на една работа, дека албанската агенда се тера сериозно и нема да има отстапување од неа, а новите безбедносни предизвици и новите геостратегиски прераспределби само им одат во прилог. Не се случајни изјавите од типот дека Албанците наскоро ќе имаат свои премиери во четири држави на Балканот, токму во овие што сега се дел од новата платформа на Османи – Македонија, Косово, Црна Гора и Албанија.

Она што е извесно, тоа е дека создавањето дополнителни платформи преку кои ќе се турка некаква етничка агенда не му оди во прилог никому, најмалку во прилог на безбедноста во регионот и градењето доверба меѓу државите. Ако некој смета дека „Отворен Балкан“ всушност е портал за ширење на таканаречениот „српски свет“, тогаш зошто во целата игранка би влегувал и албанскиот премиер Еди Рама и зошто токму тој би инсистирал и Косово да стане дел од оваа иницијатива. Гледано низ таква призма, можеби ако влезат Косово и Црна Гора, тогаш „Отворен Балкан“ ќе стане портал за ширење на албанскиот или црногорскиот свет, можеби и на македонскиот. Но она што е најважно, иницијативите треба да водат кон ширење „поубав свет“, а не нечиј етнички свет.
Како и да е, сите живееме во ова сиромашно катче на Европа и наместо да се делиме и да се групираме во разни табори, крајно време е да се здружиме и да настапиме како „Европски Балкан“. Кога ќе ги снема работните дозволи и со Грција, и со Турција, и со Бугарија, со Романија, со Косово, со Албанија, со Црна Гора, со БиХ, па зошто да не и со Хрватска и со Словенија, тогаш ќе се создаде еден моќен Балкан, кој ќе може да парира на многу фронтови, од заеднички пазар, заедничка безбедност, заедничка политика, заедничка економија, заедничка инфраструктура, енергетика, на некоја начин балканска унија, која дури и во рамките на ЕУ ќе биде многу помоќна отколку што се сега државите-членки.
Тоа е вистинскиот начин на соработка, а не преку поткопување и минирање на веќе започнатите процеси. Се покажа тука на Балканот дека ниту една држава сама не е доволно моќна да се справи со предизвиците и заканите, така што поширокото здружување може да донесе само бенефиција за сите. И на крајот, тоа ќе значи и конечно празнење на балканското буре барут.