- Стратешкото хеџирање или стратешката диверзификација не е политика на „седење на повеќе столчиња“, туку осигурување дека ниту една зависност нема да ги затвори сите други опции за државата
Претседател на земја во војна патува во држава со која има сложени политички односи, не за да преговара за мир или за да склучи воен сојуз, туку за да присуствува на потпишување меморандум за здравје на животните и за безбедност на храната. На прва, ова звучи невообичаено, но се случи на 8 август, кога украинскиот шеф на државата Володимир Зеленски го посети Белград, каде што се сретна со неговиот српски колега Александар Вучиќ.
Зеленски своевремено рече дека работите се случуваат толку брзо што тој нема време за стратегија, но веројатно и не е баш така, земајќи го предвид актуелниот геополитички контекст во кој Украина и Србија имаат различни ставови во однос на повеќе надворешнополитички прашања. Самиот контраст меѓу политичките позиции на Белград и Киев отвори прашање што всушност стои зад средбата и колку е поширока нејзината економска и стратешка логика од она што беше ставено на маса.
Се смета дека зад меморандумот стои најава за спогодба за слободна трговија, обнова на украинската инфраструктура од страна на српски компании, зделки поврзани со енергетиката и железницата, а во дел од српските и светски медиуми беше спомната и муницијата од српско производство за која наводно постои интерес во Украина.
Но токму тука белградската средба станува интересна и за оние што ја следат геополитиката. Таа покажува дека политичките и економските интереси не мора да се движат по иста линија, бидејќи државите сè помалку можат да си дозволат да зависат од еден пазар, еден енергетски извор или од еден безбедносен гарант.
Тоа е една од најважните лекции од повеќето кризни ситуации во изминатите неколку години. Пандемијата на ковид-19 ги прекина глобалните синџири на снабдување, војната во Украина ја разоткри енергетската зависност на Европа, американските царини покажаа дека трговијата може да стане политички инструмент, а кризите на Блискиот Исток демонстрираа колку брзо безбедносниот ризик може да се претвори во економски ризик.
Во турбулентни времиња се раѓа нова определба во меѓународните односи – таканареченото стратешко хеџирање. Тоа е политика со која една држава гради повеќе паралелни партнерства и економски врски за да ја намали зависноста од еден сојузник, пазар или извор и за да задржи простор за маневрирање во услови на геополитичка неизвесност. Своевидно стратешко осигурување, како термин што ни е поблизок нам, преку диверзификација на партнерствата.
Не станува збор за неодлучност или за политика на „седење на повеќе столчиња“, ниту за откажување од традиционалните сојузништва. Стратешката диверзификација има попрагматично значење – да не се дозволи една зависност да ги одземе сите други опции. Политичкиот хазардер избира еден исход и се надева дека тој ќе биде правилниот, додека стратешкото осигурување создава повеќе можни исходи и решенија во случај на различни околности. Зрелата држава не се обложува, таа диверзифицира.
Свеж пример за ваквата практика претставува трилатералниот договор за заедничка одбрана помеѓу Турција, Саудиска Арабија и Пакистан потпишан неодамна во Мека, што може да се разбере како најнов чекор во постепеното справување на овие земји со евентуалната можност заштитата на Вашингтон да се покаже селективна, бавна или непостојна. Фактот дека договорот е формулиран како одбранбен и дека потписниците нагласуваат оти не е насочен против конкретен непријател не ја менува неговата суштина: три држави решаваат дека е побезбедно да имаат дополнителна заедничка опција отколку да зависат само од еден надворешен гарант на безбедноста. Логиката на пактот се потпира и на комплементарност.
Турција поседува голема конвенционална воена сила и развиена индустрија за оружје. Саудиска Арабија има финансиска моќ, огромни енергетски ресурси и значајни воени капацитети, а Пакистан голема армија, долгогодишно воено искуство и нуклеарно одвраќање.
И во македонската политика се размислува за оваа стратегија на диверзификација судејќи според состанокот на Амбасадорскиот совет во Скопје, прв со физичко присуство на шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва по 2019 година. Главниот фокус на состанокот, покрај заштитата на националните интереси, бил ставен и на економската дипломатија, во чии рамки се очекува амбасадорите да добиваат задача активно да го промовираат македонскиот извоз и да привлекуваат странски инвестиции. Владините насоки предвидуваат проширување на економската соработка со САД, но и со нови пазари, како на пример оние на Индија и на земјите од Арапскиот Залив, додека Европската Унија останува најважниот економски партнер на Македонија. Тоа, преведено на јазикот на геополитиката, е токму стратешка диверзификација: Европа останува приоритет, но не и единствена опција.
Светот ќе станува поскап, покомплексен и помалку предвидлив. Политиката ќе навлегува подлабоко во економијата, а економијата во безбедноста. Во таков свет зрелата држава знае кој е нејзин сојузник, но истовремено знае и што ќе прави ако околностите се променат. Таа има јасна политика со определени црвени линии и принципи, додека останува економски отворена и стратешки флексибилна. Тоа треба да биде и македонската формула.



































