Чесен Аналенин пионерски збор

Никогаш не се дава збор ако не можеш да го исполниш даденото ветување. Така и госпоѓата Бербок не може да дава збор за нешто што е надвор од нејзините ингеренции. Ако една политичка големина како што беше поранешната германска канцеларка Ангела Меркел со сиот свој авторитет и сила не можеше да си го одржи даденото ветување за Македонија, што станува збор за овие што секој ден ни доаѓаат и како папагали повторуваат „уставни измени, уставни измени, уставни измени“. ЕУ сè што ѝ ветила на Македонија, ништо не исполнила и ќе продолжи да не исполнува сè додека од другата страна има партнери што само молчат и беспоговорно прифаќаат сè што ќе предложат европските политичари

Светот одамна го загуби вредносниот систем и сè повеќе наликува на еден голем холивудски проект во кој човек просто не знае дали ќе му се случи нов армагедон на човештвото, дали цивилизацијата ќе биде нападната од вонземјани откако и НАСА ги призна, дали гладот и сиромаштијата ќе станат секојдневие за обичните смртници, додека оние недопирливите ќе живеат во раскош и изобилство во некакви заградени ресорти, чувани од моќни приватни армии.

Ваквите сценарија веќе ги гледаме во многу серии и филмови, а речиси без исклучок она што телевизиските продукции им го сервираат на широките маси како некакви футуристички приказни, во принцип е скриена порака што јасно кажува во која насока ќе се движи светот во иднина. И не се далеку од вистината, почнувајќи од пандемијата на ковид-19, гледајќи ја војната во Украина, заканите со нуклеарно оружје, падот на финансиските системи, недостигот од храна и енергенти…
А сè отиде по ѓаволите во оној момент кога човештвото го загуби она што беше негова главна одлика – одговорност и почитување на дадениот збор. Зборот веќе ништо не значи, туку секогаш се во прашање само интересите и ништо повеќе.
Во некои наши (ова наши зависи од возраста на читателот) времиња имаше една практика децата со тргнувањето во училиште да дадат „чесен Титов пионерски збор“ и да станат пионери, колнејќи се дека ќе го следат патот на поранешниот претседател на некогашната СФРЈ. Без да навлегувам во идеолошката индоктринација на децата, која несомнено ја имаше, важен беше ефектот на дадениот збор. И деца како деца, потоа пак ќе продолжеа со своите игри, со своите палавости, повторно ќе крадеа цреши од блиската цреша на соседот и онака детски ќе лажеа дека не биле тие. Но во оној момент кога некој ќе им речеше „кажи чесен Титов пионерски збор дека ти не ги украде црешите“, тогаш одеднаш им се менуваше изразот на лицето бидејќи таа заклетва ја чувствуваа како некаква морална обврска да ја кажуваат вистината. За сè друго ќе излажеа, ама ова ги погодуваше некако подлабоко и не ги оставаше рамнодушни. Сега нема никаков „чесен збор“, па затоа секој те гледа во очи и те лаже без око да му трепне.

Впрочем, ние овие неколку години се изнагледавме еден куп трчилажговци што ветуваа брда и планини ако постојано правиме некакви отстапки кон некого, па потоа како ништо да не било. Така беше со името, а сега има нова приказна – уште само да ги додадете Бугарите во Уставот и веќе сте во Европа. Па ако за изборите во Бугарија се пријавиле само 169 македонски Бугари во земјава, тогаш не е проблем да ги вметнеме и со име и презиме ако треба во преамбулата, па конечно да зачекориме кон таа извикана Европа.
Пред некој ден во иста убедувачка мисија ни дојде и шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок, да ни каже јасно дека ако не ги направиме уставните измени тогаш е готово, потоп, сите млади ќе ни се иселат од државата. Ај што не знае Германката дека младите веќе ни се иселија од државата, таа направи нешто што можеби не требаше да го направи, даде „чесен Аналенин збор“ дека ЕУ немало да нè остави на цедило. Се разбира, нема да нè остави на цедило исто онака како што не нè остави на цедило кога ѝ дозволи на Грција да ни ја блокира јужната граница од инает, нанесувајќи огромна економска штета на државата или, пак, кога терористите од Косово ја нападнаа Македонија, не нè остави на цедило и кога на Макрон во последен момент му текна да ја менува методологијата за пристапување без оглед што го сменивме името, а уште помалку кога на Бугарија ѝ се отворија асимилаторските апетити. ЕУ не нè остави на цедило, оти исцеди сè од нас.

Едно треба да е јасно, никогаш не се дава збор ако не можеш да го исполниш. Така и госпоѓата Бербок не може да дава збор за нешто што е надвор од нејзините ингеренции. Ако една политичка големина како што беше поранешната германска канцеларка Ангела Меркел со сиот свој авторитет и сила не можеше да си го одржи даденото ветување за Македонија и да овозможи отворање на пристапните преговори, што станува збор за овие што секој ден ни доаѓаат и како папагали повторуваат „уставни измени, уставни измени, уставни измени“.
ЕУ сè што ѝ ветила на Македонија, ништо не исполнила и ќе продолжи да не исполнува сè додека од другата страна има партнери што само молчат и беспоговорно прифаќаат сè што ќе предложат европските политичари. Па се виде нивниот капацитет, тие ниту дома не можат да си ги средат работите, а не пак да ги средуваат нашите. Макрон лани ни спастри нова методологија и „француски предлог“, а дома сите негови решенија се дочекани со жестоки протести од Французите. Еврокомесарот Борел нè убедува дека нема да добиеме подобар предлог од францускиот, иако секој искусен дипломат (ако е вистински дипломат, а не партиски намесник) секогаш може да испреговара подобар и подобар предлог. Ако се водевме по умот на Борел, тогаш името Македонија немаше да постои уште од 1992 година кога беше донесена Лисабонската декларација, со која Европскиот совет го услови признавањето на земјава со име што нема да го содржи зборот „Македонија“. Замислете тогаш нашите дипломати, кои во тоа време беа од онаа таканаречена „стара школа“, да кренеа раце и да се помиреа со судбината дека тоа е тоа и дека нема да добиеме подобар предлог. Секогаш има подобар предлог, секогаш постои алтернатива за оној што знае како да дојде до тоа. Тие што не знаат, ќе кажуваат дека нема подобро и ќе се помируваат со судбината.
На крајот повторно ќе се навратам на германската министерка и нејзиниот даден збор. Таа ќе си замине од функцијата по година-две-три кога ќе ѝ заврши мандатот, само ќе остане дилемата кој тогаш ќе го исполни нејзиното ветување дека „ЕУ немало да нè остави на цедило“. Некој нејзин наследник може едноставно да каже дека тој не дал никаков „чесен збор“ и не му ветил ништо никому, а ЕУ јасно, како што постојано го прави тоа, ќе се огради и преку некој од многуте портпароли ќе соопшти дека одлуките во Унијата се носат со консензус и германската министерка не може да дава ветувања во име на другите. Толкава е тежината на „чесниот Аналенин збор“. Да нема никој илузии, германската министерка дојде тука само да си ја заработи платата и да ја шири нарацијата што во одреден момент е актуелна во Брисел и Берлин. Сигурно не се загрижила премногу за иселувањето на младите од Македонија бидејќи најголем дел од нив се на фабричките ленти во Германија, од каде што постојано стигаат нови огласи во кои се бараат работници од Балканот. Таму евтина работна сила во нивните фабрики, тука евтина работна сила, повторно во нивните фабрики.

Така е, да сакаше Европа младите да останат тука немаше да ја држи Македонија 19 години во чекалницата на ЕУ, туку уште тогаш ќе ги отвореше европските перспективи и ќе им овозможеше на младите во земјава квалитетен живот дома. Никој не побегнал од убаво, побегнал од безнадежност и апатија што некој друг ни ја наметна.
Германската министерка Бербок најави дека во декември повторно ќе дошла во земјава да види до каде сме со уставните измени. И нека дојде, сите се добредојдени бидејќи овој народ, колку некој и да му се качувал на глава, секогаш бил гостопримлив и таков ќе си остане за навек. Само, ве молиме, доста ни е од давање на вашите „чесни“ зборови и празни ветувања, кога и самите не верувате во нив.