Пописот да биде статистичка, а не политичка операција

Ако можеле некогашните власти, штотуку излезени од шумите, само три години по завршувањето на војната и во услови кога дури немало ни кадар што соодветно можел да одговори на задачите, да го организираат и спроведат првиот попис на населението во 1948 година, зошто во денешни услови не би можело да се организира попис за две години. Особено кога се знае дека тоа, и според критериумите на статистичарите, е сосема разумен рок за да се реализираат сите неопходни подготовки за негово спроведување. Е, тогаш уште поразумно е прашањето зошто во Македонија не можеше да се спроведе попис во изминативе речиси две децении

Заборавената статистичка операција наречена попис на населението деновиве во пренатрупаната колективна меморија ја врати директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, кој во интервјуто за Македонската информативна агенција најави дека пописот ќе се спроведе од 1 до 21 април 2020 година. Иако првиот статистичар во државата операцијата ја најави пригодно, по повод одбележувањето на Денот на статистиката и на 73 години постоење на Државниот завод за статистика, како една од првите оформени институции во земјава, веднаш по Втората светска војна, нема причина да не веруваме оти најавата ќе ја оствари. Ако можеле некогашните власти, штотуку излезени од шумите, само три години по завршувањето на војната и во услови кога дури немало ни кадар што соодветно можел да одговори на задачите, да го организираат и спроведат првиот попис на населението во 1948 година, зошто во денешни услови не би можело да се организира попис за две години. Особено кога се знае дека тоа, и според критериумите на статистичарите, е сосема разумен рок за да се реализираат сите неопходни подготовки за негово спроведување.

Е, тогаш уште поразумно е прашањето зошто во Македонија не можеше да се спроведе попис во изминативе речиси две децении. Имаше многу одговори на оваа прашање, но ниту еден не водеше кон прецизно лоцирање на проблемот и негово елиминирање, така што и овој пат јавноста, најблаго речено, е резервирана кон најавата дека, конечно, ќе има пребројување. Уште поголема воздржаност постои во однос на очекувањата од најавениот попис.
И сето тоа е сосема оправдано. Поточно, оправдани се сомневањата и воздржаноста, а не тоа што немало попис поради што Македонија стана единствената држава во Европа и една од двете членки на Обединетите нации во кои попис не е спроведен повеќе од една деценија. Втората е Сомалија.

Јавноста, како никогаш досега, би требало да се мобилизира токму по прашањето на пописот и да изврши притисок тој да биде статистичка, а не политичка операција,
која може да продуцира само нови конфузии и конфликти. Така, освен што значително ќе се зголемат изгледите конечно да добиеме навремени и прецизни податоци што ни недостигаат, јасно ќе може да се утврди и одговорност за евентуални
грешки и пропусти и како единствен проблематичен момент во целата работа ќе остане само посочениот термин за почнување на пописот – први април, кој на некои може да им послужи како изговор за терање шега со попишувачите и за
правење секакви будалаштини

И доколку проблемот беше само во таквата меѓународна репутација, лесно ќе се носевме со него. На внатрешен план, тој е многу поголем, колосален. Не само од аспект на демографијата, туку и на економијата, образованието, здравството…, и конечно, зошто не и на нашата неверна животна придружничка – политиката, која недозволиво дрско ја грабна оваа статистичка операција безобѕирно манипулирајќи со неа за свои потреби, лишувајќи ги притоа сите други столбови на општеството од можноста да ја согледаат фактичката состојба и врз основа на тоа да ги дефинираат и градат своите политики, развојни програми, краткорочни и долгорочни стратегии и визии. Какви образовни и здравствени капацитети се потребни и како просторно тие да бидат распоредени, ќе има ли или ќе нема работна сила и какви се нејзините движења и структура, каква инфраструктура е потребна и каде таа треба да се гради, се само некои од многубројните прашања на кои не можат да се најдат прецизни одговори поради немање реална слика за моменталната состојба на популацијата. Ајде да карикираме со претпоставката дека во општата конфузија со податоците може да се случи некоја населба да добие градинка наместо старски дом или државата да им доделува социјална помош и на тие што одамна заработуваат по неколку илјади евра месечно во некоја од западноевропските земји.

Тука, најмалку важна е политиката и нејзината ненаситна потреба да манипулира со изборните резултати и да оперира со лажни податоци зацврстувајќи ја така својата позиција и ширејќи го постојано теренот за разни махинации. Тоа, во интервјуто, убаво го забележа и директорот на Заводот за статистика, Симовски, лоцирајќи го проблемот во формирањето Државна пописна комисија како политичко тело преку кое на политичките партии им беа ширум отворени не само вратите, туку и прозорците за недозволиво агресивното навлегување во просторот, кој, според редот на нештата, целосно би требало да биде ослободен и од најмалото влијание на политиката.
Но без оглед на најавите на директорот Симовски дека ќе има попис, дека овој пат според сите статистички стандарди ќе го спроведува институцијата со која тој раководи, сомневањата сѐ уште се присутни. Особено кога и кај сегашната власт, исто како и кај претходната, јасно се препознава желбата за постојано формирање и составување нови и нови тела, комисии, дирекции, агенции и управи, како и за контрола на сѐ што вирее во овие одамна веќе ненормални услови. Затоа, јавноста, како никогаш досега, би требало да се мобилизира токму по прашањето на пописот и да изврши притисок тој да биде статистичка, а не политичка операција, која може да продуцира само нови конфузии и конфликти. Така, освен што значително ќе се зголемат изгледите конечно да добиеме навремени и прецизни податоци што ни недостигаат, јасно ќе може да се утврди и одговорност за евентуални грешки и пропусти и како единствен проблематичен момент во целата работа ќе остане само посочениот термин за почнување на пописот – први април, кој на некои може да им послужи како изговор за терање шега со попишувачите и за правење секакви будалаштини.