Мечкината услуга на ИФИМЕС

Се добива впечаток дека последната анализа на ИФИМЕС се обидува да направи „мечкина услуга“ и, наместо да предупреди за одредени состојби, нивната анализа добива форма на „заплашување на граѓаните“, но и меѓународните партнери дека постои можност од „црни сценарија“ во земјата. Ова „мавтање со црвени знаменца за опасност“ во јавноста е насочено и кон Брисел, кој треба божем да „наседне“, да се исплаши и потоа, не дозволувајќи ново безбедносно жариште, ЕУ да препознае и превенира проблем, со експресно доделување датум за преговори со Европската Унија?! Хм, од која ли кујна е рецептот?!

„Вистинитото, точно и навремено информирање на јавноста е составен дел од секоја развиена демократија, а сето тоа ја прав државата да биде голема пред сопствената јавност“. Oва е една од попознатите мисли што некогаш ги истакнал американскиот политички аналитичар новинар и водител Валтер Кронкајт. На оваа изрека се присетив во моменти кога во јавноста се појави политичко-безбедносна анализа на љубљанската организација Меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС).
Во својата анализа, љубљанската организација информира за тајна разузнавачка операција под името „Коњски скок“, која потоа беше ставена под знак прашалник од раководството на македонската Агенција за разузнавање (АР).
Во својот документ, покрај другото, ИФИМЕС информира и анализира постоење на тајна разузнавачка операција, која имала цел да го врати Никола Груевски на власт во Македонија и да го урне постојниот политички естаблишмент.
Во документот, аналитичарите на ИФИМЕС предупредуваат дека во моментов интензивно се работело на дестабилизација на нашата држава, преку постојано производство на голем број скандали, а центарот на тајната разузнавачка операција бил во Будимпешта, и дека во неа биле вклучени одредени шефови на држави, кои му се сојузници на Никола Груевски, претежно од европската десница. Но, за волја на вистината, зошто една таква реномирана организација, односно истражувачки институт како ИФИМЕС си дозволува таков „излет“со заклучоци, кога едноставното читање на интервјуто на директорот на Агенцијата за разузнавање (АР), Ерол Муслиу, покажува дека „ИФИМЕС небаре фабрикува заклучоци“ и дека, во најмала рака, се спорни ставовите од анализата. Отрезнувачки за ИФИМЕС требаше да дејствува фрлената ракавица од страна на првиот македонски разузнавач, кој во своето излагање во јавноста ги поканува претставниците на оваа организација, доколку навистина имаат релевантни информации во соодветна процедура, да ги презентираат до македонските власти, за потоа да се процени ризикот по државата за кој тие говорат.

Во своите многубројни анализи, кога во Македонија се говори за нецелосни или „не толку проверени“ информации како оваа на ИФИМЕС, кои одвреме-навреме провејуваат низ македонскиот медиумски простор, ценетите експерти од Институтот за медиуми во Македонија често милуваат да кажат дека „јавноста и граѓаните се чувствуваат потценето ако некој се обидува да им наметнува квазивистини и фингирани состојби, при здрави сетила за перцепција и памет за расудување“.
Токму затоа, во контекст на актуелните случувања, се поставува прашањето дали од небрежност, или, пак, со тенденција и умисла се провлекува практиката реномирани истражувачко-аналитички центри да лиферуваат информации со кои ја ставаат во заблуда јавноста и имаат потенцијал да предизвикаат лавина штетни последици за Македонија и за регионот.
Имено, се добива впечаток дека последната анализа на ИФИМЕС се обидува да направи „мечкина услуга“ и, наместо да предупреди за одредени состојби, анализата добива форма на „заплашување на граѓаните“, но и меѓународните партнери дека постои можност од „црни сценарија“ во земјата. Ова заплашување на јавноста е насочено и кон Брисел, кој треба божем да „наседне“ на трикот, да се исплаши и потоа, не дозволувајќи ново безбедносно жариште, ЕУ да препознае и превенира проблем, со експресно доделување датум за преговори со Европската Унија?!
Но, да се разбереме, ЕУ не е раководена од мали деца, како што очигледно мислат одредени тинк-тенк организации. Имено, самата Унија, а со тоа и европските политички елити, не веруваат лесно на секоја „стручна“ публикација што ќе се појави во јавноста, туку тие самите си вршат свои процени на терен. Владите на развиените европски земји своите идни политики ги темелат најчесто на свои процени и анализи добиени од сопствените дипломатски машинерии и од безбедносни разузнавачки служби. За работите да бидат покомплексни, сето тоа дополнително се анализира и од самата воена алијанса, од која и ние, како најголемиот дел на ЕУ, сме составен дел.
Оттука, нашите политичари треба да бидат внимателни во своите потези, во своите одлуки, но и во изјавите кога ги трасираат пораките што треба да стигнат до Брисел. Многу е битно да не се направи грешка во период кога сме во година на локални избори и кога државата се соочува со сериозна здравствена, економска и политичка криза, со застојот на преговорите со ЕУ и со бугарското вето.

На нашата земја нема да ѝ помогнат анализите на странските институти во кои ѝ се замачкуваат очите на јавноста, туку, напротив, нам сега ни се потребни паметни и одлучни стратегии, како и силни меѓународни сојузници што ќе притиснат во Брисел да се освести Бугарија, а со тоа и да се намалат апетитите на софиските власти, кои очигледно во спорот со Македонија се заглавени во средновековни времиња.
На Македонија во овој момент ѝ се потребни тактизирања и повлекување мудри потези на шаховската табла во дипломатијата, особено во наредните шест месеци, бидејќи токму тогаш се очекува да се извојува исклучително значајната и важна дипломатска битка за наше конечно зачленување во Европската Унија.

[email protected]