Вредностите не се апстрактна категорија, тие се создаваат

Преку уметничките предмети, освен што стекнуваат знаење, децата ги развиваат и креативноста, комуникацијата и имагинацијата. Конечно треба да се сфати дека уметноста не е наменета само за таленти, туку таа е база за развој на секоја личност и да се урне вкоренетото мислење дека овие предмети служат само за подобрување на просекот за време на школувањето. Недозволиво е некој да го напушти училиштето без да знае, на пример, кој е Никола Мартиноски, кој ја насликал „Мона Лиза“ и дека Моцарт не е чоколадо

Откако возрасен маж скрши три прсти од десното стапало на скулптура од 19 век на големиот мајстор Антонио Канова, позирајќи покрај неа во музејот „Гипсотека“ на северот на Италија (човекот бил фатен на надзорните камери како „удобно“ си се сместува и си седнува врз постаментот на кој е поставена скулптурата), ја отворив темата за честите случаи на уништување на уметничките дела поради незнаење за вредноста на уметноста, но и поради немање базична или општа култура за тоа како треба да се однесуваме во музеј. Вестите за ваков вид вандализам, често ненамерен ама крајно глуп, редовно пристигнуваат, а листата за разни дебакли при правење селфи низ светските музеи е долга. Примерите одат до апсурд, а кај вистинските почитувачи на уметноста предизвикуваат бес.
Не ни се туѓи ни многубројните примери на публика што не го познава основниот бонтон на однесување на концерт. Почитувањето на уметникот поради кој сме отидени на концерт не вклучува само исклучување на мобилниот телефон, иако многумина мислат дека со тоа завршиле работа. Многупати едвај сум се воздржувала да не изреагирам пребурно во случаи на доцнење на публиката на концерт, па потоа шепкање, кашлање, чкрипење со столот, аплаудирање меѓу ставови…

Овој подолг вовед е пример за публика што е сериозно дезориентирана меѓу загубените вредносни системи и пазарното работење, а најмногу како последица на квазиобразование наместо вистинско и квалитетно знаење, особено кај младите генерации, кои, под поразното влијание на новите трендови, сосема ги загубија и елементарните етички ориентири. Во ваква општествена клима се случува декаденцијата во културолошка и морална смисла, која забележливо расте, што е загрижувачки факт. Најголема жртва се токму вредностите, кои не се некаква апстрактна филозофска категорија, туку тоа е она што одлучува дали, на пример, кога ќе отидете во музеј ќе се однесувате со почит кон делата што се изложени или ќе уништите нечиј креативен труд во намерата да си направите „совршено“ селфи и безгрижно ќе си продолжите понатаму…
Оттука, новата концепција на Министерството за образование, која, патем, ја критикуваат и ликовните и музичките педагози, а според која предметите Ликовно и Музичко ќе се обединат во еден предмет Уметничко образование, кој од прво до петто ќе биде застапен со два часа неделно, а понатаму со по еден час во полугодие, веројатно ќе доведе до уште поголем број немили случки, како оние горенаведените. И досега овие предмети биле неправедно потиснати, односно уметничката култура се сметала за предмет од втор ред, а младите луѓе останувале лишени од основните познавања за уметноста. Неформално, овие предмети и досега се сметале за своевидна пауза од „сериозните“ часови, за нив се зборувало без доволно почит и биле потценети како помалку важни од другите. Спојување на двата предмета во еден и намалување на фондот на часови по овие предмети дополнително ќе се одрази на општата, и онака ниска, култура на македонските ученици, па тие, по излегувањето од училишните клупи, ќе бидат онаа публика што ракоплеска помеѓу ставови и гази сѐ пред себе по музеи.

Системот можеби ги потона родителите во економска криза и политичка неизвесност, ама токму затоа не треба да дозволиме наместо самосвесни млади луѓе, да изградиме генерации што и натаму нема да знаат дека државата не е исто што и поединецот, туку дека таа треба да му служи нему. И, оттука, на оваа битка против реформите не треба да се гледа само како на битка за квалитетно образование, затоа што таа во својата суштина и не е само тоа, туку како на битка за поголема слобода и автономија и во приватниот живот и за похуман и поправеден систем, воопшто

Преку уметничките предмети, освен што стекнуваат знаење, децата ги развиваат и креативноста, комуникацијата и имагинацијата. Конечно треба да се сфати дека уметноста не е наменета само за таленти, туку таа е база за развој на секоја личност и да се урне вкоренетото мислење дека уметничките предмети служат само за подобрување на просекот за време на школувањето. Недозволиво е некој да го напушти училиштето без да знае, на пример, кој е Никола Мартиноски, кој ја насликал „Мона Лиза“ и дека Моцарт не е чоколадо.
Новиот пристап, кој би бил во насока на олеснување на обемот на наставните материјали, преку вакво „безболно“ спојување на часовите по ликовно и музичко, ќе има далекосежни последици. Особено што живееме во време кога преовладуваат визуелните медиуми и комуникација, кога нивото на општа култура е на трагично ниско ниво, па нашите деца несовесно ќе се однесуваат кон културното наследство и кон јавниот простор, ќе бидат агресивни, ќе сакаат да станат турбофолк-пејачи, наместо композитори или научници, ќе се однесуваат дрско и невоспитано, нема да читаат книги или ќе се палат на шунд, не знаејќи за друг вид музика.

Системот можеби ги потона родителите во економска криза и политичка неизвесност, ама токму затоа не треба да дозволиме наместо самосвесни млади луѓе, да изградиме генерации што и натаму нема да знаат дека државата не е исто што и поединецот, туку дека таа треба да му служи нему. И, оттука, на оваа битка против реформите не треба да се гледа само како на битка за квалитетно образование, затоа што таа во својата суштина и не е само тоа, туку како на битка за повеќе слобода и автономија и во приватниот живот и за похуман и поправеден систем, воопшто.