Зошто не можеме да живееме заедно со социопати?

Зошто не можеме да живееме заедно со црвената буржоазија, нивните трабанти и северџани? Постојат ли навистина до толку големи разлики, кои се непремостливи за да можеме да се приближиме едни до други и да се сретнеме повторно на истата точка од која сме тргнале да се разделуваме? Според мене, да. Основниот проблем го гледам во непостоењето заемна доверба, прво во односите со луѓето, кои формално се дел од нашите семејства, блиски роднини, другари, пријатели и познаници. Не само што не верувам во нив, во нивните намери за соживот со нас, туку мислам и дека голем дел од нив се опасни, оштетени луѓе и во голема мера социопати, а некои и повеќе од тоа! Како инаку можам да објаснам, возрасни и зрели жени и мажи да се идентификуваат со човек што во залог за тоа дека нема да го промени името на земјата ги стави своите мртви предци, своите живи родители, својата сопругата и своите, тогаш малолетни деца?! Нема сега да се повикувам на Стариот и Новиот завет и да ви посочувам примери дека тоа поведение е крајно неприфатливо, дури и забрането, ќе го оставам тоа на владиките и црквата што ве донесoa на власт! Ниту пак ќе го цитирам Сигмунд Фројд, а особено Карл Густав Јунг, како став на западната психопатологија (вредности во кои вие дополнително се колнете лажно!), што тие истражувале и што тврдат двајцата за лажното зарекување. Ќе се уплашите од тоа дека таканаречените северџани да се наречат социопати е малку.
Сѐ води кон тоа да се прогласат за болни луѓе со реална психопатологија! И тоа им го оставам на социолозите, психолозите, психијатрите, психопатолозите, кои еден ден ќе мора да ја утврдуваат нивната деловна способност! Драги мои, ова е Медитеран и сите ние знаеме дека да се заколнеш во деца дека ќе го направиш тоа нешто што го ветуваш, е чин во кој ти во залог за остварувањето на тоа ветување ги ставаш токму нив – родените деца! Значи, тој што се колне во деца, како гаранција за ветеното го става животот на тие деца, што значи дека неисполнувањето на тоа ветување во светот на уверувањата значи смрт на тие што си ги заложил!
Оттука, секој што го поддржал тој човек јавно и недвосмислено и го бранел неговото поведение, логично значи дека тој се препознава себеси во него, го дефинира како предводник, ги споделува вредностите што тој ги прокламира и станува негов следбеник и поддржувач. Да не се лажеме, околу 40.000 члена на нашите семејствата, роднини, другари и пријатели гласаа на партиски избори за човекот што на телевизија, јавно, по сопствена волја како чин на гаранција дека нема да го промени името на земјата ги стави своите предци, родители и деца.

Нема потреба да објаснувам што и да е, нели? Сите вие што гласавате за тој човек знаете дека е крајно неприфатливо поведение да го ставате во залог семејството во што и за што и да е? Нема како да се повикувате на празноверија и дополнително да се колнете во европски и американски вредности, кога сигурно барем стопати во животот сте виделе на филмови, барем на американски филмови, како во суд, во државен суд, сведоците ја стават левата рака на Библијата, десната на срцето и се заколнуваат дека ќе ја зборуваат вистината и само вистината и за таа цел за соучесник во тој чин на крајот го повикуваат и Господ Бог! Ако вие самоволно сте избрале да споделувате вредности што не се сметаат за дел од востановените општествени норми и излегувате надвор од нив, тогаш тоа поведение е во најмала рака социопатолошко, а вие сте социопат?! Точка по прашањето. Немам никакво сомнение дека човекот што е спремен, замислете, ама само замислете, да оствари политичка кариера и материјално богатство и за една секунда како залог ги става своите деца и не го исполнува тоа, тој во најмала рака, е социопат?! Помисливте ли вие, сите, ама сите вие што го избиравте човеков на партиски и општи избори да ве предводи вас и да носи одлуки и за иднината на вашите деца, што сѐ тој ваш лидер е подготвен да заложи?! И она што најмногу загрижува, е фактот дека сето тоа што тој човек и вие со него го правевте понатаму, на сите страни и на секој начин го дефиниравте како чин што се однесува не на вас и вашиот живот тука и сега, туку на вашите деца утре и задутре во некоја посреќна иднина. Сите вие, на еден или на друг начин се колневте во иднината на вашите деца. Зошто се плашам од такви луѓе? Ама ви се молам, тие што во залог за името на Македонија ставаат залог кај сопствените деца, тогаш, на што сѐ се подготвени да заложат за моите деца?!
Значи, на тие луѓе не им било гајле за нивните, зошто би се грижеле за животите на нашите деца? И да не се лажеме, сите оние што учествувале на партиските избори се функционери и носители на јавни должности каде што нашите деца живеат и растат. Тие што лажно се колнеле во нивните деца, во детските градинки се негуватели и готвачи и им приготвуваат и им даваат храна на нашите деца? Тие што гласале на тие избори им се наставници и професори и на нашите деца. Како да не се грижам за образованието и особено, внимавајте, за фактот дека и нивните и нашите деца треба да ги воспитуваат и да ги направат пристојни, морални и етички луѓе. Но точно тие имаат нула морал и нула етика во однос на основното човечко поведение – да не се заложуваат за нешто што е лажно! За да бидеме јасни докрај.

Сите вие што ќе кажете дека не сте знаеле, знаете дека сте знаеле и дека прво беше залогот, па менувањето на името, па изборот на тој човек за лидер. Така се случи тоа, драги мои, по тој редослед. Вие, сосема свесно, јасно и недвосмислено, од позиција на здраворазумни луѓе, патем сите со деловна способност да можете да гласате, се определивте за тоа што се определивте! Затоа, нема како да се ослободам од стравот дека вие сте министри за внатрешни работи, кои треба да се грижат за нашата и безбедноста на децата, а сосема на врвот од државната пирамидата сте вие како министри за војна! Вие што лажно сте се колнеле во вашите деца, утре ќе ги испратите во војна нашите деца! Како да ви верувам дека нема да ги испратите во смрт, кога не сте се двоумеле во смрт да ги испратите и вашите деца, ставајќи ги во залог за исполнувањето на вашите кариери и вашите материјални богатства? Не ви верувам ништо! Не ви е гајле вам за децата, ниту за моите, а искрено, ниту за вашите! Но нема како сите ние другите да не имаме на ум дека вие сте тука, насекаде околу нас и дека голем дел од вас се социопати, луѓе без одговорност, без морал, без етика и без страв од казна, дури и од Господ Бог!

• Вие сте претседатели, премиери, министри, функционери и директори.
• Вие сте професори, наставници и учители.
• Вие сте војници, полицајци, царинарници и граничари.
• Вие сте обвинители, судии и извршители.
• Вие сте лекари, ветеринари и аптекари.
• Вие сте пилоти во авиони, машиновозачи, шофери на автобуси и таксисти.
• Вие сте готвачи, месари и продавачи на храна.
• Вие сте службеници и одговорни лица за нашите животи.
И сосема за крај, вие сте тие што на вашите пријатели Европејци, а особено Американци им ветувате дека заедно со нив во НАТО ќе ги браните вредностите на Европа и Америка! Хм!? Тие странци што ви веруваат вам, за моја утеха го кажувам ова, се поголеми будали и од нас! Па вие што сте подготвени само за да му угодите на вашиот мрсен задник се колнете во вашите деца, тие Американци и Европејци очекуваат вие утре да ги браните во војна со Русите и Кинезите?! Вие?! Ќе се борите со Американците во војна?! Диар фелоус, сте си ја ставиле главата во торбата. Господ нека ве чува! Гад блес ју, маченици мои!

Јани Бојаџи

Авторот е режисер и универзитетски професор