Фото: Фејсбук

Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак потсети за важноста да се избегне каков било некоординиран потег во пресрет на денешниот состанок на шефовите на преговарачките тимови на Србија и на Косово, Петар Петковиќ и Бесник Бислими во Брисел, во рамките на продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина под покровителство на Европската Унија.

На неодамна одржаниот состанок во Приштина, како дел од подготовките за нова рунда дијалог на техничко ниво во Брисел, тој изјави дека секој некоординиран потег може да го наруши процесот на нормализација.

Словачкиот дипломат ја истакна потребата од целосно фокусирање на нормализацијата и имплементацијата на Бриселскиот договор и анексот договорен во Охрид.

– За време на средбата во Приштина со косовскиот премиер Албин Курти и првиот вицепремиер Бесник Бисљими, разговаравме за очекувањата од претстојниот состанок во Брисел и ја истакнав потребата целосно да се фокусираме на нормализацијата и имплементацијата на Бриселскиот договор и неговиот анекс од Охрид. Исто така, ја нагласувам важноста да се избегнат какви било некоординирани потези кои потенцијално би можеле да го нарушат процесот – напиша Лајчак вчера на Фејсбук.

Тој изрази загриженост за настаните на северот на Косово, за кои, како што рече, го информирале претставници на граѓанското општество и политичките партии при посетата на тој дел на Косово и Метохија.

– За жал, тоа што го слушнав ме загрижи. Затоа, ја повторив потребата да се избегне каква било можност за ескалација и целосно да се фокусираме на нормализација – рече Лајчак.

Тој се осврна и на посетата на Белград, каде во петокот се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ.

– За време на нашата средба разговаравме за натамошното спроведување на Договорот од 27 февруари и неговиот анекс од 18 март со цел да се подготвиме за средбата во Брисел – рече словачкиот дипломат.

Тој изрази очекување дека двајцата главни преговарачи ќе бидат подготвени да договорат конкретни следни чекори кон имплементација на Договорот.

Последниот состанок во Брисел се одржа на 2 мај, на кој учествуваа Вучиќ и Курти, а беше усвоена и Декларацијата за исчезнати лица, но не беше постигнат напредок по прашањето за Заедницата на општините со српско мнозинство на Косово.