Се сеќавам како почна распадот на Југославија. Тоа е онаа држава за која уште жали и младо и старо во независна Македонија, триесет години по нејзиното крваво исчезнување. А сѐ почна со „разиграниот показалец“ на тогашната моќ на последниот конгрес на Сојузот на комунистите на Југославија. Трулежот на системот што се распаѓаше беше персонифициран во тој показалец, кој насочен кон поединец требаше да биде генералната закана за секој оној што ќе се дрзне да размислува и да зборува поинаку од востановената догма на партијата. Тоа беше „показалец“ што страдаше од дегенеративните тенденции на долгогодишното авторитарно владеење. Мавтањето со него ги покажа сета немоќ и страв на тогашната власт дека времето за промени отчукува и обидот низ закана да го воспостави нарушениот авторитет и да го одржи веќе неодржливото. Гледам денес историјата се повторува. Власта повторно мавта со прстот заканувајќи му се на народот и знам: стравот од губење на власта и функцијата станал хронична состојба што им ги затапила сетилата, здраворазумското резонирање и однесување на нејзините носители и експоненти. Тоа значи дека од понорот кон кој се движи власта ја дели само размавтаниот показалец како последен обид низ закана и страв да го одложи своето заминување од власта и збогување со моќта. Показалецот е последната лажна надеж на очајна власт. Во Македонија сѐ повеќе почнува нервозно да заигрува показалецот. Се навредува и пцуе по „рајата“. Не е за изненадување што тоа се случува токму сега од политичките аниматорски безлични кукли што нѐ извозија низ водвиљот на дегенерираниот политички спектакл и мислат дека сѐ уште можат да го прават тоа. Дозволивме корумпиран политички систем да произведува вакви политички марионети и безлични полтронизирани функционерчиња, кои одбиваат да слушаат некого надвор од нивниот тесен свет на моќни посредници, бизнис-донатори и скротени кротки интелектуалци.
Денешната политика стана совршен медиум за култура на групно безумие без потреба од различни гласови и алтернативни погледи што ѝ се потребни на една нација за да преживее во неизвесен и проблематичен период каков што е денес во Македонија. И во таков пејзаж, една клучна провалија во нивната свест е муабетот за вината. Издлабена во нивните плитки умови од моќта, оваа клисура на свеста се претвора во суптилен лак, нежно канализирајќи ја одговорноста далеку од оние што се најодговорни кон оние со најмало влијание; далеку од колективното кон индивидуалното. Политиката на обвинување започнува во страв. Затоа осиромашените се прекоруваат затоа што се сиромашни, новинарите се криви што медиумскиот простор (и буквално физички) се распаѓа, интелектуалците за слободата на мислата, вработените за нефункционирањето и распадот на институциите, народот за промашувањата на власта. Само тие што ја погребуваат државата глумејќи власт, не. Нивната непорочност е во моќта да ја заматат заднината на нашата ментална слика за она што ни се случува. Можеби досега и некако успеваа. Но, веќе не. Затоа кога го вперуваш прстот кон некого и го обвинуваш без вина треба да бидеш подготвен да ги сносиш последиците од тоа. Ние нема да паднеме пред моќниците колку и да мавтаат со показалецот и колку и да се закануваат. Тие се неменливи само во нивните дегенерирани умови. Кога ќе паднат, а ќе паднат наскоро, ќе го видат и ќе го почувствуваат гневот на оние кон кои покажуваа и мавтаа со нивните показалци. Ќе го почувствуваат гневот од онаа „стока“ од народ како што милуваа да ја ословуваат.
Затоа викајте, засипнете ако сакате од викање, барајте ја вината во народот, заканувајте се, мавтајте со показалецот, лигавете се од моќта што ви е дадена во нелегитимен политички процес, крајот е блиску. Ако ги мразиме нивните постапки, мора уште повеќе да ги мразиме лекциите на кои биле научени. Во политиката, вината водена од страв дава илузија на контрола без реално соочување и решавање на проблемите што се акумулираат. Секој ден го чувствувам гневот на луѓето што ми приоѓаат и се жалат дека секоја „шушка“ неписмена во државава се истура врз нив, обвинувајќи ги за нивните неуспеси да ги менаџираат институциите што им се доверени. Разиграниот показалец е главниот актер во нивните драмолетки на очај и страв. Тоа се оние недоквакани безимени функционерчиња на кои им довериле да раководат институции од национален интерес и кои не ги гледаме и не ги слушаме. Дури не знаеме ни како изгледаат.
Анонимуси, силни и лажно моќни во затворениот свет на нивните институции. Нив нема да ги видите да преземат одговорност за фрленото македонско знаме, за списоците за нивните и нашите соговорници и експерти, за распаднатата и распродадена македонска колективна меморија собрана во сликовни и тонски записи, за одамна нездравиот работен амбиент што го креираа, за задушување на слободната мисла, за политичкото полтронство, за криминалот во кој се вовлечени. Одговорноста ќе ја побараат кај другите, но никако кај себе. Затоа утре ние ќе ја побараме од нив. Зашто правдата мора да биде испорачана. За понижувањето и злото што го трпиме. Доста ја ведневме главата пред оние што надолу газат, а нагоре лижат. Гневот е голем. Од ден на ден сѐ поголем. Само се чека моментот кога народот како цунами ќе ги збрише. Политичка збирштина од луѓе што не заслужуваат ништо подобро. Утре ќе нема за што и за кого да жалиме. Можеби само за изгубените години.
Автор:Проф. Звонимир Јанкулоски