За Прогласот и за повторното обединување на македонските интелектуалци

Зошто го ставив мојот потпис под Прогласот на македонските интелектуалци „Македонизмот е легитимна еманципаторска идеја. Чуму ѝ е на Европа една размакедончена Македонија“? Затоа што македонската државност е безмалку поништена, затоа што посебноста на македонскиот идентитет е загрозена и затоа што Македонија треба повторно да ја обнови својата демократија. Тоа е големата слика, која постојано ми стои пред очите и поради која сум подготвен со секого да стојам во колона и да зачекорам во борба.
Во моментов, најудобна местоположба за мене би била да излегувам од самото јадро на моите истомисленици. Целокупната борба за Македонија, најмалку од Заевиот бојкот на Собранието во 2014 година (но и од многу порано), па до денешен миг, ги надмина и најзлокобните предвидувања и на најтемните касандри во македонската политика. Противењето кон Заевите безумни политики создаде една јатка македонски интелектуалци што прво предупредуваа, потоа се противеа, за на крајот да даваат и активен отпор кон чудовиштето што ни растеше пред очите. Сиве овие години поминати во жестока борба го зацврснаа тој скелет на интелектуалното спротивставување кон сите разградувачки политики. Тоа е мојот круг соборци и навистина за мене ќе беше најлесно да останам во рововите, особено сега, кога се развеа сета магла, испарија сите привиденија и вистината излезе на виделина.
Меѓутоа, секој интелектуалец има одговорност кон целото општество. Заев ја доведе Македонија пред пукање, живееме во необјавена граѓанска војна и неговите приврзаници само додаваат масло во огнот. Оттука е нужно да се излезе од рововите, да се подаде рака и повторно да се обединиме, макар околу најосновните вредности, а тоа се заштита на македонската државност, одбрана на македонскиот идентитет и повторно воспоставување на македонската демократија.

Знаците дека ѓаволот ја однел шегата стигнаа одамна. Токму професорот Владимир Милчин беше помеѓу првите „од другата страна“ што го кренаа гласот против Преспанскиот договор и преименувањето, потоа и против газењето на референдумот, а постојано е помеѓу најгласните критичари на политиката на Зоран Заев и на Владо Бучковски кон Бугарија. Покрај него, многумина други се осмелија јавно да излезат и против преостанатите аспекти на Заевото владеење – од сломот на СЈО и финансирањето на режимската телевизија на Боки 13, преку сеприсутната корупција, ароганцијата на власта, крупните и ситните режимски привилегии, порастот на криминалот, будалестата идеја дека економскиот развој на Македонија треба да се темели на производство на марихуана, воскреснувањето на политичкиот бизнис и на партиските олигарси, на сметка на чесните претприемачи и на пазарот, потиснувањето на македонската култура и така натаму. Секој од овие наши сограѓани го направи овој исчекор во моментот кога „неговите“ или „нејзините“ (веќе поранешните „негови“ или „нејзини“) беа на врвот на моќта и на разгоропаденоста, па јавно искажаната критика и отпор одеа исклучиво на нивна штета. Тој чин треба да се почитува.
За мене воопшто не е важно дали точката на пресврт било потпишувањето на Преспанскиот договор или уривањето на уставниот поредок и на демократијата по налудничавиот избор на власта да ја пренебрегне народната волја, иако самите им се обратија на граѓаните на референдумот од 30 септември 2018 година, или пак нешто друго ја прелеало чашата.
Битно е дека во Македонија веќе ферментираше јавното мислење и одамна ниту еден интелектуалец, ниту еден ангажиран општественик не стои зад политичкиот од кон сеопштата пропаст. Токму ова е моментот повторно да се сретнеме и повторно да отвориме дебата, за да ја увидиме суровата реалност и повторно да се обединиме околу клучните вредности – одбрана на македонската државност, посебноста на македонскиот идентитет и повторното воспоставување на македонската демократија.
Притоа, за мене одамна не е битно каде јас и професорот Владимир Милчин се разидовме во почетокот на 2000-тите, или, пак, каде ги судиравме копјата со Бранко Геровски во 2010-тите или кои досетки на моја сметка објавувал Божидар Божиновски, зошто полемизиравме со Ивор Мицковски преку колумни или во кој контекст ме спомнувала Симона за време на „Шарената револуција“.

Колку пати треба да повторам – патриотите со кои чекорев во движењето „За заедничка Македонија“ се бореа за зачувување на Македонија, а демократите што протестираа со „Шарената револуција“ се бореа за демократија. И едната и другата борба беа благородни и беа праведни. Но таа војна е одамна завршена, а изгубија и двете страни. Победи Заев, кој ја сотре Македонија и целосно ја укина демократијата во земјата.
Исто така, еве јавно објавувам дека немам никаков проблем што стојам заедно со кого било од првичните тринаесет потписници. Секој од нив е интелектуалец и врвен професионалец во својата дејност и за мене е гордост што сум во нивно друштво. Обединувањето е нужност, а навистина одамна нема место за расправии околу минатото. Историчарите имаат цела вечност да ни судат за нашите постапки во минатото, постапки што доведоа до националната катастрофа, но сега имаме многу позначајни задачи пред историјата – да ја обновиме македонската државност, да ја одбраниме посебноста на македонскиот идентитет и повторно да ја воспоставиме македонската демократија. Исто така, јас ќе сторам сè што е во моја моќ оваа група да продолжи да дебатира меѓусебно и да излегува со иницијативи во јавноста.
За мене нема никакви дилема дека Преспанскиот договор е национално велепредавство и најголем срам во современата македонска историја. Не постои ниту една клетка во мојот организам што не е згрозена од „Северна…“, од натписите пред институциите, од говорите на Заевата тајфа, на кои од уста не им излегува срамната придавка. Не можам да најдам и нема да најдам оправдување за преименувањето. Сè додека е „Северна…“, мојата Македонија не може да биде ни демократска, ни суверена, а ни независна држава, а македонскиот идентитет ќе биде загрозен од шовинизмите на соседството и од геополитичките равенки на регионалните и на глобалните сили.
Но Прогласот не се однесува на Преспанскиот договор и секако дека Прогласот не го легитимира Преспанскиот договор, ниту, пак, претставува некаков чудовишен план на некои невидливи ликови од заднината да се прифати „Северна…“. Овој проглас на интелектуалците се однесува на политиката за Заев кон Бугарија, која продолжува и од неговите следбеници во новата влада на Ковачевски, проглас против обидите да се избрише целосно македонскиот идентитет и Македонија да се побугарчи, како услов за нејзин влез во Европската Унија.

И за Преспанскиот договор веќе може да отвориме рационална дебата, особено затоа што сега е јасно дека тој е извориштето на сите наши проблеми и дека Македонија не може да постои сè додека е обременета со „Северна…“.
Во моментов, тоа е најголемата опасност што демне над главите на Македонците и власта мора да се спречи во нејзините злокобни намери за прифаќање на монструозните бугарски барања кон Македонија. Не може во име на европската интеграција да се поништат вековната борба на македонскиот народ за сопствена држава, антифашистичката борба за национална и социјална слобода во Втората светска војна и борбата за демократизација на Македонија од 1980-тите и 1990-тите години.
Ова се превисоки цели за да си дозволиме да ги загрозиме со ситни игри и со малодушност. Оттука, сакам да заклучам дека јас се гордеам со мојот потпис зад Прогласот на македонските интелектуалци и јавно објавувам дека ќе ја поддржам секоја борба за обнова на македонската државност, за одбрана на посебноста на македонскиот идентитет и за повторно воспоставување на македонската државност.