Сведоци сме на големото аерозагадување, кое не е актуелно само во овој момент туку со години се споменува како фактор што на нашите граѓани (особено на скопјани) им го загорчува живеењето. Постојано пишуваме, алармираме, се жалиме, но како да не се презема ништо, барем така тоа го чувствуваме ние – обичните граѓани и страдалници!
Аерозагадувањето го чинат хемикалии или тврди честички во воздухот, кои може да бидат штетни за луѓето, животните и растенијата. Тие исто така може да ги оштетуваат и градежните објекти. Полутантите во воздухот имаат разни форми: гасовити, солидни честички или водени капки.
Загадувањето на воздухот во атмосферата настанува на разни начини. Ваквото загадување најмногу го произведуваат токму самите луѓе, преку производствата во фабриките, користењето автомобили, авиони или користењето разни аеросоли. Исто така, пушењето се смета за голем фактор во аерозагадувањето. Сите овие извори поврзани со човечката активност се нарекуваат антропогени. Друг вид загадувачи се нарекуваат природни и доаѓаат главно од вулканските активности.
Најголемо е аерозагадувањето во големите градови, каде што емисиите од разни извори се концентрирани. Понекогаш планините и високите згради превенираат ширење на аерозагадувањето, па тоа во вид на облак го затемнува воздухот и тогаш се нарекува смог. Всушност, зборот смог доаѓа од комбинирање на англиските зборови – пушење (смок) и магла (фог).
Како најзагадени светски градови се наведуваат Карачи, Њу Делхи, Пекинг, Лима и Каиро. Но оваа листа постојано се менува, така што и Скопје, Тетово и други наши градови беа цитирани во врвот на загадените во последниов месец.
Да биде попрецизно, аерозагадувањето е навистина глобален проблем, но сепак не е в ред нашата земја да се вбројува во првите десетина по количеството на измерени ПМ10 честички!
Аерозагадувањето има краткорочни, но и долгорочни ефекти врз здравјето на луѓето. Краткорочните ефекти се главно во форма на пневмонии и бронхитис, но исто така се можни и иритација на носот, грлото, очите или кожата. Долгорочните ефекти траат целиот животен век, а можат дури да предизвикаат и смрт. Тука се набројуваат срцеви заболувања, белодробниот рак, емфиземот итн. Аерозагадувањето може да ги оштети нервите, бубрезите, црниот дроб и други органи. Особено подложни на штетните ефекти од аерозагадувањето се децата и оние возрасни со намален имунолошки систем на одбрана. Се смета дека годишно околу 2,5 милиони луѓе низ светот умираат како последица токму од аерозагадувањето.
Како што спомнав погоре, вообичаено се концентрираме на влијанието на аерозагадувањето врз дишните органи, особено на функцијата на белите дробови, но, еве, загадувањето на воздухот се потврди како штетно и за еден друг важен човечки орган – мозокот.
На крајот на јануари 2023 излезе во печат уште една нова студија, работена во Универзитетот на Британска Колумбија, за влијанието на аерозагадувањето врз мозокот. Потврдено е дека вообичаеното ниво на полуција само по потекло од сообраќајот ја оштетува мозочната функција во многу краток период од изложеност – само по неколку часа.
Поточно, два часа по изложување на честички испуштени од согорување на дизел-гориво се намалуваат мозочната функционална конективност, мерка што покажува како разни делови на мозокот комуницираат еден со друг. Оваа студија дава јасна евиденција за луѓето, преку контролиран експеримент, но слично се однесува и за другиот жив свет.
Со години се сметаше дека мозокот е можеби некако заштитен од штетните ефекти на аерозагадувањето, но токму оваа студија, која е можеби прва во светот, го покажува сосема спротивното: постои сигурна поврзаност помеѓу аерозагадувањето и когнитивната функција.
Имено, во направениот експеримент здрави возрасни индивидуи биле изложени на супстанции што настануваат со согорување дизел, групирани во една група, и други (контролна група) изложени на филтриран воздух во лабораториски услови. Мозочната функција била мерена пред и по изложувањето, со користење функционална магнетна резонанца. Анализирани биле промените во мрежата на стандардниот режим на мозокот (brain’s default mode network- DMN), мозочен регион што е важен за меморијата и за внатрешните мисловни процеси. Функционалната магнетна резонанца покажала дека луѓето изложени на отпадот од дизел-согорувањето имале намалена функционална поврзаност во широки делови токму на овој регион, споредено со оние што биле изложени на филтриран воздух. Познато е дека токму растројствата кај оваа неврална мрежа се асоцирани со намалена когнитивна способност и појава на симптоми на депресија, па сосема е јасно зошто загаденоста на воздухот како резултат на сообраќајот ја оштетува токму оваа регија и таа станува нефункционална.
Со оглед дека овие промени може да бидат долгорочни, авторите на студијата нагласуваат дека луѓето би требало да се свесни за воздухот што го вдишуваат и да преземат чекори за намалување на сопственото експонирање на ваков потенцијално штетен загаден воздух. Во таа насока, треба да се внимава прозорците на автомобилите да бидат затворени, особено кога возилото се наоѓа во заглавен сообраќаен метеж. Исто така, возачите треба да бидат сигурни дека филтерот во автомобилот што го користат е добро функционален. Најдобро е, наместо во автомобил, дистанците да ги поминуваме со пешачење или со велосипед.
Освен ваквите штетни последици врз мозокот, авторите на студијата сметаат дека аерозагадувањето целосно го загрозува човечкото здравје и дури во иднина ќе можат да се откриваат штетните последици од овие дејствувања. Слични штетни последици настануваат и од горењето дрва, феномен што особено е присутен во нашиов регион, од пушењето итн. Затоа, со зголемување на инциденцата на невродегенеративни заболувања неопходно е повеќе внимание да им се дава на јавно-здравствените мерки и посебно да се активираат креаторите на политиките.
Всушност, процесот на глобалното затоплување претставува околински феномен причинет токму од природното и антропогеното загадување на воздухот. Овој феномен се огледа преку зголемување на температурата на океаните и воздухот на целата Земјина топка, а особено поради зголемените стакленички гасови во атмосферата – јагленороден диоксид, природни гасови, гасови ослободени со согорување фосилни горива. Поради овие причини, уште во 1997 година е потпишан меѓународен договор, наречен Протоколот од Кјото, во кој 183 земји се согласиле да работат врз намалувањето на емисиите на јаглеродниот диоксид. Сепак, најголемиот загадувач, САД, не е потписник на овој протокол.