Трите лица (власти) на Македонија

Јанус првобитно бил почитуван како римски бог на сонцето, а подоцна бог на годината, на војната и на мирот, на времето и промените во него. Во митологијата на древниот Рим бил бог на нови почетоци, поврзан со врати и порти, со првите чекори при патување. Бил со две лица: едно младешко, што гледало напред, во иднината, и едно старо, што гледало назад, во минатото. Легендата вели дека така обликуван со лицата на минатото и иднината немал лице што би ја прикажало актуелната сегашност.
Земајќи го примерот на Јанус, до кои логички изведенки може да се дојде ако се направи некаква општествено-политичка споредба со денешните состојби во Република Македонија (сега Северна), која е на нов почеток на патот кон Европската Унија, која се труди да отвори тешки врати, шимшир-порти?
Ако Јанус бил со две лица, Македонија е со три. Едниот лик е на СДСМ, другиот на ВМРО-ДПМНЕ, третиот на ДУИ. Овие три политички партии ја формираат главата на системот на управување со државата, тие се нејзината структура, нејзината слика пред домашните поданици и пред светската политика.
Следствено на горенаведеното, може да се дојде до заклучокот дека не постои една Македонија со една власт, туку реално суштествуваат три Македонии, во кои независно една од друга функционираат три власти со три различни лица и на различни нивоа. Три партии – три држави. Три независни политики, независни управи, три различни интереси и локални управни системи.
Првото лице е на Социјалдемократскиот сојуз, партија што како некогашен наследник на Комунистичката партија на Македонија се има вградено во историјата на Република Македонија, сега именувана како Северна по нејзина одлука и волја. Несомнен е и нејзиниот придонес во извојувањето на дефинитивната независност и во обидите за создавање суверена, демократска и правна држава.
Партиското идеолошко топење ја достигна највисоката температура во времето на нејзиниот лидер Зоран Заев, кога во замена за членство во НАТО државата го смени името и самата си ги избриша со еден клик националните македонски атрибути. Големиот државен пресврт, и покрај противењето на мнозинството од македонскиот народ, е направен со Спогодбата за името со Грција и со Договорот за пријателство со Бугарија, документи преку кои македонското прашање се врати сто години наназад, на македонска штета.

Последниве година-две СДСМ го прави истото тоа со речиси безглавото инсистирање за запишување на Бугарите во македонскиот устав, услов што го презеде како обврска за отворање на вратите за евентуалното далечно членство во ЕУ. Гледа во иднината, го заборава минатото, виси околу сегашноста.
Според одредени мислења, под плаштот на демократска и граѓанска партија, СДСМ е во суштина автократска, клиентелистичка, анархична, без јасна и суштинска идеолошка матрица. Во практика, по последните локални избори, речиси нема моќ и власт на теренот, бидејќи има мал број општини со свои градоначалници. Што се однесува до централните органи на државно ниво – Влада, министерства, агенции, јавни претпријатија и други органи, нејзината моќ и улога се слабокрвни, со низок авторитет и податливи, зависни од коалицискиот партнер, во случајов од ДУИ. Поделени се и мислењата дали функционира партиската доктрина за „едно општество за сите“ или врвот на партијата е повеќе свртен кон себеси, користејќи ги сите погодности и привилегии што му стојат на располагање. СДСМ арогантно се гордее со власта, мнозинството од Македонците не ја поддржува таа возгордеаност.
Обновеното ВМРО, со додавката ДПМНЕ, за минатите 33 години остана доследно на својата историја исполнета со национални сомневања и контроверзии. Не изостанаа скандали, пресметки и внатрешни превирања, тоа е партијата со најдраматични идеолошки и кадровски промени. Двапати губи власт поради финансиски и други скандали, опстојува со обвиненија за тероризам и за обид за државен удар. По доаѓањето на Христијан Мицковски некако се рехабилитира, иако не може да побегне од сопствениот автократизам. Таа и по својата внатрешна организација е хиерархиски тврда и во еден нејзин дел нема излезено од шинелот од времето на комитите.
Како власт, формалноправно, држи во раце две третини од Македонија преку своите градоначалници, но таа власт не се ефектуира на вистински начин. Спротивставеноста на владината власт контра локалната е видлива и на заемна штета, но тоа никого не го загрижува. Секој си ги гледа пред сѐ партиските интереси и си живее со свои кадровски и финансиски комбинации.

Како опозиција, ДПМНЕ е против сѐ за кое и за што се залага СДСМ. Беше против двата државни договора, не го бендисува ниту Охридскиот, иако го потпиша своевремено. Со тие ставови, на еден и на друг начин, го вее знамето на македонството, на наводниот патриотизам. Но тоа не ја ослободува партијата од одредени тврдења дека всушност е националистичка, а не патриотска организација. Да, ВМРО е повеќе организација одошто партија, така вели историјата.
Во сегашниот состав на Собранието како опозиција е бројна и моќна, што ѝ овозможува да блокира донесување закони за кои смета дека не се усогласени со Уставот и со вредностите на македонското конзервативно општество, македонската култура и традиции. Особена цврстина (прашање до кога) одржува во ставот за незапишување на Бугарите во Уставот, односно за неприфаќање на условувањата од Бугарија и од ЕУ. Противниците ја обвинуваат дека премногу гледа во минатото, не може да ја согледа иднината, а ја опструира сегашноста.
Што да се каже за ДУИ, воено–политичка структура што 20 години во Македонија е држава во држава. Третата по големина, по членство, по влијание и по партиски и лични богатства. Иако е политичка партија на Албанците, Демократската унија за интеграција ја решава иднината на Македонците, ставила капа врз нивната судбина. Многу од законите што важат за преостанатата територија на Северна Македонија не важат во населените места каде што албанските жители се мнозинство. Во нивните големи села не може да стапне македонска нога, таму не може да вирее ниту некој трговец, учител или медицински персонал од друга националност, најмалку од македонска. Таму не може да стапне македонски политичар, дури ниту претседателот на државата, односно на сите граѓани.
Денес ДУИ ги држи главните клучеви на власта и министерствата со пари. Првиот вицепремиер, кој е Албанец, е над првиот премиер, кој е Македонец. Она што го постигна ОНА не го постигнаа заедно ни СДСМ ни ВМРО-ДПМНЕ. Играјќи коалициски мудро со двете македонски партии, ДУИ и двете ги испоиронизира, ги искомпромитира, ги сведе на млака политичка сила и им го минимизира влијанието во државата и општеството. Наводните политички лавови ги направи безгласни мачиња.
Некогаш тивко, некогаш заканувачки, некогаш „под маса“ ги спроведува речиси сите поставени национални проекти. Несомнено дека ја остварува историската агенда на албанскиот фактор за што поголема независност од Македонците и намалување на македонската улога во државните работи. ДУИ нема две или три лица. ДУИ е партија со сто лица и ниту едно не е докрај познато. Еднакво успешно го врти орото за минатото, мошне успешно се снаоѓа во сегашноста, а знае дека пред неа е иднината.

[email protected]