Пинки го виде Тито

Тие две-три куртоазни реченици беа сосема доволни да се направи фама дека којзнае колку бил срдечен приемот и којзнае какво внимание ни посветил кралот.
Како безмалку судбината на империјата да зависи од тоа што го кажал Османи, судејќи според медиумското покривање на оваа едноминутна средба. Но, тоа сме ние. Се палиме на надворешни ефекти. Наместо нашата дипломатија да даде активен придонес во проблематизирање, а подоцна и во решавање на актуелните проблеми наметнати пред сѐ од нашите соседи, ние се соочуваме со едно гласно молчење од нивна страна и повлекување од секоја можна ситуација

Колкава е моќта на пиарот? До каде може да оди разубавувањето на стварноста, ако е дадена во вешти раце на мајстори или, пак, ако од друга страна невешти раце едноставно ја примат здраво за готово некоја полуинформација? Резултатот е речиси идентичен и секогаш е во полза на оној што ја лансирал веста. Се создава лажна слика за нечиј успех, за некакво достигнување што безмалку се граничи со светски рекорд во најтешката спортска дисциплина.
Сѐ уште е свежо сеќавањето со какво одушевување дел од македонските медиуми ја пренесоа веста дека висока македонска делегација беше пречекана на американски носач на авиони со, замислете, македонско знаме истакнато во нивна чест. Но, кога работата се расветли, се виде дека тоа всушност било знамето на сојузната држава Аризона или која и да била, а која има знаме што потсетува на нашето. Но додека се разбере работата, истите тие медиуми ги славеа нашите политичари, демек еве каков респект и внимание им се посветува, па дури и наше знаме поставиле на американски воен брод.
Нешто слично се случи и пред два дена, кога медиумите беа полни со извештаи дека Пинки го виде Тито, пардон дека Бујар го виде Чарлс. И не само што го видел туку се развила бурна дискусија, пренесуваат нашите среќни и радосни известувачи.
Кралот Чарлс евоцирал спомени за Македонија. Браво. Министерот Бујар Османи на прием во палатата „Сент Џејмс“ во Лондон кај новокрунисаниот британски крал Чарлс Трети.
Како што побрзаа да пренесат нашите медиуми, Османи изразил голема благодарност до кралот Чарлс Трети за одличните политички и економски односи што Обединетото Кралство и Македонија ги градат во изминатите три декади соработка. Згора на тоа, Османи и кралот Чарлс Трети се осврнале и на неговата историска посета на земјава во 1998 година.
Па, па, па, каков убав извештај, човек да помисли дека Османи бил на службена аудиенција кај Чарлс Трети, а не дека размениле едно здравоживо при влегувањето во свечената сала, додека редица други претставници од целиот свет чекаат да му стегнат рака на новиот владетел на Обединетото Кралство.
Тешко е да се поверува, според скромното познавање на протоколот и искуството од слични ситуации, дека Османи едвај можел да размени две-три реченици. И толку. Недогледниот ред нови гости чекаат и тие да ја стегнат раката на кралот и да влезат на приемот.

Па, сепак, тие две-три куртоазни реченици беа сосема доволни да се направи фама дека којзнае колку бил срдечен приемот и којзнае какво внимание ни посветил кралот. Како безмалку судбината на империјата да зависи од тоа што го кажал Османи, судејќи според медиумското покривање на оваа едноминутна средба.
Но, тоа сме ние. Се палиме на надворешни ефекти. Наместо нашата дипломатија да даде активен придонес во проблематизирање, а подоцна и во решавање на актуелните проблеми наметнати пред сѐ од нашите соседи, ние се соочуваме со едно гласно молчење од нивна страна и повлекување од секоја можна ситуација.
Се однесуваат како да е тоа работа на некој друг, како да очекуваме некој друг да ни ги реши проблемите – да се обиде да ја претстави нашата вистина во сите меѓународни форуми каде што имаме пристап, да лобираме кај пријателски земји, да се обидеме барем дискретно да го искористиме претседавањето со ОБСЕ, па нешто меѓу редови да кажеме и за тоа – но ништо од тоа. Ние сме невидливи.
Наместо тоа, ќе се сликаме. Добро би било некој да му шепне на министерот дека слики не ни требаат. Таа слика може да си ја чува во паричникот и да ја покажува дома кога ќе му дојдат гости. Нам ни треба проактивна дипломатија, искористување на сите можни ресурси, за добробит на Македонија, а не маргинализирање на дипломатите што ги разбираат работите, проследено со фаворизирање партиски кадри, кои, за жал, влегуваат од грешка во грешка, од скандал во скандал. Сепак, Македонија е мала земја, па тешко дека ќе се скријат таквите работи, колку и да ги одмолчуваат од министерството за по надвор. Јавна тајна е што се случува во нашите амбасади.
Токму затоа, една фотографија не може да ги покрие сите незавршени или, пак, овие неубавите работи. Па, колку и да се пенават самонабедените пиар-специјалисти, секој ваков обид ќе им паѓа во вода. Народот очекува резултати, а не фотографирање.