Тајните пораки на архиепископот Стефан

Вреди, вреди да се анализира и памети торжественото слово на архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, на заедничката литургија во соборниот храм „Св. Климент Охридски“, на светиот ден, на денот на даденото право за автокефалност на Македонската православна црква од страна на српската сестринска црква. И тоа не само деловите што имаат световна важност туку и наведените библиски мотиви, кои кријат своевидни тајни и универзални пораки на христијанската вера.
Зборуваше архиепископот во библиски параболи земени од Евангелието по Јована, споменувајќи ги бањите Витезда и Силоам, како и изворот на апостолот Јаков. Во што е значењето на параболите што ги нагласи архиепископот охридски и македонски? Дали низ нивната симболика е опишана голготата на македонската црква. Кому му оддава признание, кому му е благодарен за автокефалноста? Која е симболиката?
Да се обидеме да објасниме.
Во Ерусалим уште од библиско време постоела Овчата врата, а до неа бања што на еврејски се викала Витезда, што значи Овча бања. Името го добила по тоа што во неа некогаш се капеле овците за жртвување. Водата во неа била чудотворна, но само еднаш-двапати во годината. Како ангелско чудо сама од себе се разбранувала и заматувала и само тогаш била лековита. Околу бањата лежеле многу болни што барале лек, пет трема преполни со најголемите очајници и страдалници од еден цел народ. Слепи, сакати, парализирани, душевно болни чекале да се замати водата. Оние што влегувале меѓу првите излегувале излекувани без оглед од што боледувале, другите чекале друга прилика.

Болест од 38 дена на човека му се чини како бесконечност, а камоли болест цели 38 години. А толку години некој тешко подвижен болен доаѓал со надеж дека ќе влезе во лековитата вода и ќе оздрави. Но не можел да стигне до водата, немало кој да му помогне, да го поттурне и довлечка до водата. Така, од година на година, од деценија на деценија. Но трпението му било многу големо, нескршливата надеж за спас не го напуштала.
Дури по поминати 38 години дошол некој до неговата постела и го прашал: сакаш ли да оздравиш? Да господе – одговорил болниот – но немам свој човек што може да ми помогне, да ме донесе до водата за да бидам исцелен. Секогаш се испречува некаква пречка, секогаш некој друг е пред мене. Близок човек немам, а слуга не можам да платам. Тогаш Исус, а тој беше првиот што му се доближи, му рече – стани, земи си ја облеката и оди. И стана и оздрави.
А еве што рече архиепископот Стефан: „Овој денешен свет ден, е и бањата Витезда, зашто ни пристапи човек – таткото на православните, Неговата сесветост вселенскиот патријарх, г.г. Вартоломеј, кој нè спушти во водата, бидејќи не 38, туку 55 години седевме чекајќи во тремот и не наоѓајќи некој да се погрижи за нас!“
Толку и повеќе години Македонската православна црква боледуваше од непризнаеност, барајќи лек на сите страни, а немајќи помош од никого. Секогаш се појавуваше понекоја неочекувана пречка што не дозволуваше да се стигне до разбранетата вода, да се добие автокефалноста. Црквата немаше близок човек, а немаше ни пари за да плати. Конечно, чудото од ерусалимската бања Витезда, пренесено преку Цариградската патријаршија, свое место и време си најде и во Македонија, во Соборниот храм во Скопје.

Втората бања е бањата Силоам. Силоам значи „испратен“, некој што е испратен. Со нејзина вода Христос го оздравел слепиот од раѓање на обреден и симболичен начин. Откако во очните дупки му ставил кал измешана со плунка, му заповедал да оди во бањата да си го замие лицето. Се замил и прогледал. Ја видел светлината, ја доживеал радоста на животот. Оваа парабола архиепископот Стефан му ја посвети на српскиот патријарх Порфириј, кој го нарече „нашиот собрат и денешен сослужител“.
Порфириј е тој „кој нè пресретна здрави и исцелени и срдечно нè прегрна и испрати при првосвештеникот за да го потврди нашето исцеление, како што слепиот беше пратен во бањата Силоам“. Порфириј е првиот од српските патријарси што покажа не само волја туку и посебна храброст да ја види вистината и да го одоброволи строгиот српски Синод да ѝ даде слобода на Македонската православна црква да добие автокефалност и да се вклучи во светот на сите помесни православни цркви. Да биде своја на своето, да биде еднаква со другите. Ако се знае крајно негаторскиот став што со децении го заземаше црковниот врв на Српската патријаршија, ако се знаат нивните жестоки кавги и расколи по македонското црковно прашање, дури тогаш ќе се види смелоста на Порфириј да се реши спорот меѓу двете сестрински цркви.
Третата парабола е изворот на Свети Јаков. Според легендата, секој што пие вода од тој кладенец пак ќе ожедни, а кој пие од водата што ќе му ја даде Исус нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода што ќе тече во живот вечен. Низ овие зборови извира заклучокот дека од денот на славната заедничка литургија, од заедничкото сослужување со Српската патријаршија, македонската црква, Охридска архиепископија добива вечен живот. Тој вечен живот ќе биде потврден со давањето томос од Цариградската патријаршија. Очите се излекувани, останува уште да се замијат со водите од Фанар.
Светиот апостол во Новиот завет е познат и по своето Соборно послание. Во таа беседа, Јаков му посветува внимание на јазикот на човекот, беседа поучна и неповторлива. Наведувам цитати од тоа послание.

„Јазикот е мал орган, вели Јаков, но големи работи зборува. Ете, мал оган, а голема гора запалува. Јазикот е оган, свет полн со неправда. Јазикот се наоѓа во таква положба меѓу нашите органи, што го осквернува целото тело и го пали времето на нашиот живот, воспалувајќи се сам од пеколот. Зашто секаков вид ѕверови и птици, лазачи и риби, се скротуваат и се припитомуваат од човечкиот род, а јазикот никој не може да го скроти: тој е немирно зло и полн со смртоносен отров. Со него го благословуваме Бога и Отецот, со него ги колнеме луѓето, создадени според подобието Божјо. Од истата уста излегува и благословот и клетвата.
Не треба тоа така да биде. А тече ли од еден ист извор слатка и горчлива вода? Може ли, смоквата да раѓа маслинки, или лозата смокви? Така, од еден ист извор не може да тече солена и слатка вода. Кој е меѓу вас мудар и умен, нека ги покаже преку своето добро однесување делата свои во кротост и мудрост. Но ако во срцата свои имате горчлива завист и карање, не фалете се и не лажете против вистината. Тоа не е мудрост, која доаѓа одозгора, туку земна, душевна, бесовска, оти, каде што има завист и карање, таму има неслога и сè е лошо. А мудроста, што иде одозгора, е најнапред чиста, а потоа мирна, кротка, покорна, полна со милост и нелицемерна. Плодот, пак, на правдата во мир се сее од миротворците.“
Македонската православна црква конечно ќе стане автокефална. Господин господин Стефан ќе влезе во историјата како прв автокефален архиепископ на охридската црква – Охридска архиепископија. Родија богат плод трпението и мудроста негова и на неговите претходници. Црковната историја се потврди на македонска страна. Заедничка со српската црква, не со Бугарската егзархија. Со автокефалноста македонските православни верници се целосно вклучени во божјите тајни на крштевањето, миропомазанието, причестувањето, венчавањето, бракот, покајанието и елеосвештенството. Тие се врвот на црковните закони и слободи.
Кажано најпросто: Со автокефалноста сите наши поединечни крштевања, причесни, венчавки, опевања, сите литургии и обреди се признаени во целата православна екумена. Македонските православни верници ќе бидат рамноправни во целиот свет, во секој православен храм во светот.

[email protected]