Шлаканица за грчките новинари

Грчките медиуми и новинари што го обелоденија скандалот со прислушување беа во улога на сведоци на судското рочиште што се одржа на 25 јануари, а во однос на тужбата поведена од SLAPP, а поднесена од внукот на грчкиот премиер и поранешен секретар

Грчки новинари и медиуми што известуваа за скандалот со прислушувањето сведочеа на судското рочиште што се одржа на 25 јануари, во Атина, Грција, а во однос на Стратешката тужба против учеството на јавноста (SLAPP) поднесена од Григорис Димитријадис, поранешен секретар и внук на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Димитријадис досега има поднесено две SLAPP тужби, и тоа против грчкиот весник „Ефимерида тон Синтактон“ (EFSYN) и медиумот што се занимава со истражувачко новинарство „Репортерс јунајтед“ и неговите новинари Николас Леонтопулос и Тодорис Хондројанос, но и против новинарот Танасис Кукакис, кој е првата потврдена жртва на користењето на нелегалниот шпионски софтвер Предатор.
На првото рочиште, кое се одржа на 25 јануари, Димитријадис ги обвини медиумите и новинарите за нанесување морална штета затоа што во нивните извештаи објавени во август 2022 година е обелоденета неговата наводна вмешаност со „Интелекса“, израелска компанија што го продава софтверот Предатор во Грција. Григорис Димитријадис бара отштета од 250.000 евра од страна на весникот EFSYN, 150.000 евра од „Репортерс јунајтед“ и неговите новинари и 150.000 евра од Кукакис. Вкупната барана сума е 550.000 евра.
Скандалот со прислушувањето, познат како „Предатор гејт“, го окупира вниманието во Грција уште од 2022 година и се однесува на употребата на нелегалниот софтвер Предатор од страна на грчките тајни служби, EYP, за следење новинари, политичари, деловни луѓе и други поединци.
„Балкан инсајт“ извести дека голем број луѓе, меѓу кои и пратеници од опозициските партии СИРИЗА, ПАСОК, Нова левица и грчката комунистичка партија ККЕ, потоа новинари, припадници на граѓанското општество и читатели, дојдоа на судењето, кое беше закажано за 25 јануари, со цел да ги поддржат медиумите и новинарите. Потребно е да се додаде и тоа дека господинот Димитријадис не беше присутен на рочиштето. Сведоците од страната на грчките медиуми, грчкиот правник и академик Никос Алевизатос и истражувачкиот новинар Тасос Телоглу, документираа дека публикациите не само што не биле клеветнички туку сосема спротивно – му служат на јавниот интерес. Ова беше првпат скандалот со прислушување да се анализира во судница.

„За првпат луѓето од правната фела и новинарите што го истражуваа скандалот можеа да се изјаснат пред судот за тоа што точно се случило со софтверот Предатор, а сето тоа ќе биде запишано во записникот од судењето“, изјави Кукакис за Балкан инсајт.
Одлуката на судот се очекува да биде објавена во наредните месеци или за четири години, во зависност од бавното темпо на грчкиот правосуден систем.
По објавувањето на информациите од страна на новинарите во август 2022 година, Димитријадис поднесе оставка и ја поднесе својата прва тужба против медиумите и новинарите. На крајот на ноември 2023 година, тој исто така поднесе нова серија тужби против нив, во кои побарува вкупно 3,3 милиони евра и ги обвинува за нарушување на моралниот углед од причина што има нова истрага што го доведува во врска со скандалот со прислушувањето.
Во официјалното соопштение од декември, Синдикатот на новинари на дневните весници на Атина (ЕСИЕА) објави дека тужбите на Димитријадис имаат цел да ги заплашат новинарите и да го ограничат пристапот до информации.
SLAPPs, кој уште се нарекува и Стратешка тужба против учеството на јавноста, се однесува на правни дејства што најчесто се користат од страна на големи корпорации или моќни поединци со цел малтретирање, заплашување и финансиско или психичко исцрпување новинари, активисти, академици и бранители на човекови права. Меѓународните медиумски организации, како што се Меѓународниот институт за печат (IPI), ARTICLE 19 Europe (A19), Комитетот за заштита на новинарите (CPJ), Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите (ECPMF), Европската федерација на новинари (EFJ), Фри прес анлимитед (FPU), ОБЦ трансјуроп (OBCT), Репортери без граници (RSF) и Организацијата на медиуми од Југоисточна Европа (SEEMO) ја осудија тужбата на Димитријадис која ја карактеризираа како „застрашувачки обид да се попречи истражувачкото новинарство за врските што ги има Димитријадис со скандалот со шпионски софтвер во Грција.

Во соопштението објавено на 18 јануари 2024 година, тие ја повторија својата „осуда на неоснованата тужба за клевета поднесена против грчките новинари и медиуми“ од страна на Григорис Димитријадис, внук на премиерот, и го повикаа тужителот „итно да ја повлече тужбата пред претстојното рочиште“.
Советот на ЕУ и Парламентот на ЕУ во ноември постигнаа политички договор за донесување директива што ќе ги заштити новинарите и бранителите на човековите права од SLAPP. Претставниците на земјите членки во Советот (Coreper) мора да ја поддржат новата директива. Доколку биде одобрена, текстот на директивата ќе треба формално да биде усвоен и од Советот и од Европскиот парламент. Грчките новинари стравуваат дека феноменот на SLAPP ќе ескалира во 2024 година. Грчките медиуми и новинари што зборуваа за „Балкан инсајт“ изјавија дека не е јасно како ќе се применува новиот закон во Грција, каде што владините претставници и големите компании честопати користат SLAPP за да ги заплашат и замолчат новинарите.
„За жал, начинот на кој се формулирани одредбите во директивата им остава дискреција на земјите членки во однос на тоа како ќе донесуваат закони“, изјави Јанис Кимпуропулос, уредник и директор на грчкиот медиум „Ефимерида тон Синтактон“ (EFSYN).
Фондацијата „Дафне Каруана Галиција“, која е невладина организација во Малта формирана по убиството на истоимениот истражувачки новинар на Малта, изјави дека предложената antiSLAPP директива треба да има текст што ќе содржи ефективен механизам во однос на предвременото отпуштање и широко инклузивна дефиниција за прекугранични случаи и да го поставува стандардот за надоместување за жртвите на SLAPP. Дополнително, оваа фондација нагласи дека „90 отсто од идентификуваните случаи на #SLAPP нема да бидат опфатени со предлогот за општ пристап поднесен од страна на Советот. Ваквата статистика може и треба да биде обратна. Ставањето крај на SLAPP е прашање од јавен интерес. Кога се злоупотребува законот, имаме прикривање на клучните информации, со што се крши правото на тоа секој да биде информиран “.

Елени Стаматуку

(Республика.еду.мк)