Сѐ е исто, само Грујо е во Будимпешта

На ревносните проследувачи на информациите во Македонија им е добропознато дека од денот кога американскиот генерал Весли Кларк го посети Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и откако разговараше со Артан Груби, првиот заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, оттогаш почна да се врти тркалото за новите автопатишта во државата. Тогаш излезе првата вест, плус фотографија како доказ.
Информацијата не мора да значи дека поранешниот командант на НАТО, познат по наредбите за бомбардирање на Србија, е главниот иницијатор за вклучувањето на „Бехтел и Енка“ во една од најголемите, ако не и најголема инвестиција во македонските автопатишта. Но имајќи пред вид дека и Груби е дел од некакви активности во војната на Косово, не е исклучено двајцата „соборци“ да биле „дил ориентид“ настроени и дошле до идејата за модернизација на излоканата патна инфраструктура во Македонија. Можеби или најверојатно затоа целиот повеќестран проект се одвива преку наведеното министерство и преку ангажираниот прв заменик-претседател. Тој е во центарот.
Идеја, како секоја идеја, подложна е на фалби и на критики. И изложена на дополнителни прашања и објаснувања, на проверки, споредби, различни мислења. Овој пат не се во прашање како да се продадат три тони краставици или да се прошверцуваат сто вреќи марихуана, бизниси што течат со години. Во прашање се милијарди, а народни пари, кои не се ниту на Кларк, ниту на Груби. Како и да е, идејата веќе стана план, од планот произлезе и потпишан договор. Исплатени се „ала минут“ првите двесте и педесет милиони евра, иако власта кука дека нема пари. Ќе остане запишана со златни букви во историјата на Министерството за финансии ваквата експресна уплата. Ветувањето е дека за пет години ќе се видат и првите ефекти од проектот, со кој се опфатени четири автопатски делници, а граѓаните од своите џебови ќе враќаат долгови наредните педесет. Нема да биде изненадување ако по тие пет години, тие патишта добијат приватни странски сопственици што ќе собираат милионски износи од патарини. А можеби во таа намера се крие финалниот план.
Сѐ ќе беше во ред ако уште од почетокот овој „бизнис на векот“ не го следат отворени сомневања, обвинувања за финансиско-корупциски скандали и спорни тендери. Што може да се забележи во тој галиматијас? Се забележува дека при сиот процес, за целата процедура, истите реакции беа регистрирани при претходната голема патна зделка, за автопатот од Кичево до Охрид. Тогаш на власт беа ВМРО-ДПМНЕ со Никола Груевски и ДУИ со Али Ахмети.

Граѓаните на Македонија (омилена реченица на СДСМ) се сеќаваат сигурно на тајно снимените разговори што ги пласираше јавно Зоран Заев, а се однесуваа на договорите со Кинезите добитници на тендерот за изградба на патот. Се сеќаваат на разговорот меѓу Груевски и Миле Јанакиевски, во чиј фокус беа „жутите“ и која (колку) провизија да се побара од нив. Беа спомнувани 25 милиони долари. Дали беа многу или малку, никогаш не се дозна.
Сега на власт се ДУИ со Али Ахмети и СДСМ со Димитар Ковачевски на чело. Меѓу актерите во овој трилер-тендер нова улога има Ковачевски, Груевски е во Будимпешта, Ахмети не го поместува ни руска крстостувачка ракета. Тогаш со тешки обвинувања за земање провизии настапуваше СДСМ како опозиција против власта на ВМРО, сега контра СДСМ и ДУИ настапува ВМРО-ДПМНЕ, поранешна власт сега опозиција. Опозициската партија сега го поставува прашањето: А кој ги зема провизиите, која е нивната сума, во чии џебови влегуваат „белите“, кои порано беа „жутите“ пари?
На сите обвинувања, за сите изразени сомневања, од власта се користат истите зборови, истите изговори и истите одговори како во времето на Груевски. Од власта тврдат сѐ е по закон. Исто тврдеше и Грујо дека сѐ што прави е по закон, ама ене го азилант во Унгарија. Истото тоа го тврдеа и другарите околу него, половина од нив со криминогени обвиненија или пресуди. Пред очи ми е сликата на несреќната Гордана Јанкуловска, поранешната министерка за внатрешни работи. Секоја трета нејзина реченица беше дека сѐ е по закон, по устав. Таа беше убедена дека е така, но крајниот епилог е да биде осудена и да трпи, како што тврдат адвокатите, затворска тортура.
За да се одобрат посебни услови за кинеската компанија „Синехидро“ за автопатот кон Охрид беше донесен посебен закон во Собранието. Пратениците, како неми риби, не рекоа ни забелешка. Истото тоа во Собранието се случи и сега, ама со обратен пратенички распоред. Едни тогаш седеа лево во Собранието, сега седат десно и обратно. Едните власт, другите опозиција, сега во изменети улоги.
Што уште друго паѓа в очи околу овој бизнис, кој не е „бонбона-бизнис“ туку чоколадо „нестле“, зачинето со најсилните афродизијаци и полеано со асли турски салеп. Не со бакшиш, туку со салеп, само со салеп, ако им се верува на министрите дека актуелната власт не е корумпирана како поранешната. Политички, финансиски, материјално, организациски, информациски, паѓа в очи дека орото го води ДУИ, дека ова е чисто партиски проект, во кој СДСМ е секундарен, резервен играч. Ако има дел за делење, за него е помалиот. Повеќето работи околу проектот се во рацете на партијата од Мала Речица, особено во дланките на младиот лав Артан Груби, кој очигледно е планиран за наследник на Ахмети, откако овој вториот ќе се реши (ако некогаш се реши) да ја напушти челната позиција на партијата на интегративците. Конечно оваа трансверзала географски и административно е нивна, минува насекаде каде што Албанците се над 20 отсто по жители, од Тетово преку Кичево до Ќафасан и понатаму.

Некои познавачи на состојбите тврдат дека како што своевремено ДУИ не им се мешаше во бизнисите на ВМРО, така сега СДСМ не смее многу да се меша во бизнисите на ДУИ. Верувам дека онолку колку што јас знам како изгледа површината на Нептун толку и социјалдемократите, дури и пратениците што гласаа, знаат што пишува, што клаузули има договорот од 700 страници. И колку анекси се зад него. А најмалку знаат кој ќе ги зема провизиите. Прашање е дали во сето ова е упатен и министерот за транспорт и врски или е само дел од потписниците, кому не му следува провизија и е таму само по службена должност како покритие.
За неукиот и неупатен граѓанин, за простиот човек, и овој тендер и овој договор се подведуваат под познатата поговорка лева рака, десен џеб. Лева партија – десен џеб, десна партија – лев џеб.
За разлика од нив, некои поучени и поинформирани сметаат дека не мора да е некоја високоосмислена светска политика нацртана во кабинетите на НАТО или ЕУ, но едно е очигледно – Американците доаѓаат, Кинезите заминуваат. Ако овие седум-осум години македонските патишта ги газеа Кинези, наредните децении ќе ги газат Американци, во сојуз со некој друг. Ќе газат во секоја смисла и за секаква нивна цел.

([email protected])