Тој е многу страстен, многу емотивен, секогаш извикува гласно „вамос“, по гол или по голема победа. Тој е умен, тактички е толку добар и добар во техничките работи, вели известувачот на „Скај Германија“, Филип Хинзе

ФУДБАЛ – ТРЕНЕР ВО ФОКУСОТ

Отказот на Јулијан Нагелсман од Баерн го изненади германскиот фудбал, но на „младиот, гласен, генијален“ тренер нема да му недостигаат понуди кога ќе сака да се врати на клупата, пишува „Скај спорт“.
Претходно овој месец тој го водеше Баерн до пласман во четврт-финалето на Лигата на шампионите, по совршената групна фаза за да го нагласи статусот на Баерн како кандидат за тој трофеј. Но падот на формата на домашен терен по Светското првенство ја отвори вратата за Борусија Дортмунд да го заземе првото место во Бундеслигата и, пред дербито помеѓу двете екипи утре, Баерн, со желба да ја продолжи низата од 10 последователни титули, брзо го замени Нагелсман со Томас Тухел. Одеднаш на располагање е еден од највисокооценетите тренери во светскиот фудбал.
– Ниту еден друг тим не играше како Лајпциг под водство на Нагелсман – вели известувачот на „Скај Германија“, Филип Хинзе.
Откако се пензионира на 20 години и работеше како скаут за Тухел во Аугсбург, Нагелсман се прослави во Хофенхајм, каде што се искачи од младински тренер за да го одведе тимот до најдобриот пласман во Бундеслигата за клубот. Откако ги спаси од испаѓање во сезоната 2015/2016, тогаш 28-годишниот фудбалер ги однесе до четвртото, а потоа и третото место во Германија. Не му требаше долго време за да остави сличен впечаток во Лајпциг, водејќи ги во полуфиналето на Лигата на шампионите во својата прва сезона. Во неговата втора сезона Лајпциг заврши како второпласиран во Бундеслигата.
Но стилот на фудбалот поттикнат од младиот тренер освои толку многу обожаватели. Нагелсман примени пресинг и техничка игра со посед на топка со што го претвори тимот во ефикасна машина дома и во странство.
– Мешавината на посед и пресинг со висок интензитет беше клучот. Беше многу тешко да се игра против нив – вели Хинзе.
Интензивниот модерен фудбал на теренот беше олеснет од интензивен модерен тренер надвор од него, кој воспостави плодна врска со играчите на слична возраст.

– Тој е многу страстен. Тој е уште млад тренер, но беше многу млад тренер кога пристигна во Лајпциг и се разви во клубот. Тој е многу емотивен, секогаш извикува гласно „вамос“, по гол или по голема победа. Тој е умен, тактички е толку добар и добар во техничките работи – вели Хинзе.
Со воспоставената репутација, Нагелсман во 2021 година го примени својот шаблон во Баварија, каде што е роден. Во својата прва сезона, Нагелсман го предводеше тимот до титулата во Бундеслигата на три кола пред крајот на сезоната, иако изненадувачкото излегување од Лигата на шампионите од Вилјареал во четврт-финалето беше разочарување, особено по максималниот ефект во групната фаза. Нагелсман го повтори тој стоотстотен ефект во групната фаза сезонава, но оствари само четири победи во првите девет натпревари од сезоната во Бундеслигата. Тимот закрепна и го освои првото место пред почетокот на Светското првенство, но потоа падот на Баерн и подемот на Борусија Дортмунд ја отворија трката за титулата.
– Отказот беше изненадување, но резултатите во 2023 година беа поента за негово отпуштање. Исто така имаше влијание и резултатот и ефект во поразот од Баер пред репрезентативната пауза. Да, во Лигата на шампионите играа многу силно, но во германската лига имаше многу подеми и падови. Суштински фактор беше тоа што Тухел беше достапен. Тој беше единствената алтернатива на тренерскиот пазар – изјави Торбен Хофман, известувачот за Баерн на „Скај Германија“. Н.М