Рускиот цевковод „Дружба“ (прв дел)

Големите енергетско-политички игри

Најзначајниот нафтовод што ги поврзува Европа и Русија е нафтоводот „Дружба“. Тој е составен од главна линија и неколку нејзини краци и низ неа се пренесува сурова нафта. Проектиран е за проток до околу 1,4 милион барели дневно. Нафтата од Касписко Море, западен Сибир и Урал се складира во Алметјевск во Русија (Република Татарстан) и од тука преку главната линија на нафтоводот се носи на пат долг неколку илјади километри, сѐ до некогашната Источна и Западна Европа. Главната линија се протега сѐ до Мозир во Белорусија. Еден крак од главната линија се одделува пред Мозир, и тоа околу Брјанската Област во Русија и врти десно нагоре кон Белорусија, Летонија и крајната цел Венстпилс на самиот брег на Балтичко Море во Летонија, но тој крак во моментов не е во функција. Во Мозир (Белорусија) главниот крак се дели на два поткрака, Северен и Јужен поткрак. Северниот поткрак води до Полска (Гдањск) и Германија (Росток и Лајпциг), додека Јужниот поткрак го преминува остатокот од Белорусија и преку Украина и Словачка се протега до Прага во Чешка.
Низ земјите низ кои поминува „Дружба“ се наоѓаат неколку рафинерии што ја преработуваат суровата нафта, и тоа: во Полска е гигантската рафинеријата „Плок“ со дневен капацитет од 276 илјади барели нафта дневно, во Германија се наоѓаат две рафинерии, „Швед“ со дневен капацитет од 220 илјади и „Леуна“ со дневен капацитет од 240 илјади барели нафта, во Унгарија се наоѓа рафинеријата „Дуна“ со дневен капацитет од 162 илјади барели нафта, во Словачка се наоѓа рафинеријата „Братислава“ со дневен капацитет од 124 илјади барели нафта, во Чешка е „Литвонов“ со дневен капацитет од 100 илјади барели нафта.
Должината на „Дружба“ низ Русија е околу 1.800 км, низ Украина е 1.500 км, низ Полска 670 км, низ Белорусија 2.910 км, низ Литванија 330 км, низ Унгарија 130 км, низ Летонија 420 км, низ Словачка 220 км и низ Чешка 180 км. Управувањето со нафтоводот е поделено во зависност од тоа низ чија територија се протега. Во Русија тоа е нафтената компанија „Транснефт“ преку подружницата „ОАО МН дружба ОАО“, во Белорусија „Гомелтранснефт дружба“, во Украина „УкрТрансНафта“, во Полска „ПЕРН Прзијан СА“, во Словачка „Транспетрол АС“, во Чешка „Меро“ и во Унгарија нафтениот гигант МОЛ.
Договорот за изградба за нафтоводот бил потпишан во 1958 г. помеѓу СССР, Полска, Чехословачка, ГДР и Унгарија. Изградбата започна во 1960 г., Чехословачка ја доби првата нафта во 1962 година, Унгарија во септември 1963 година, Полска во ноември 1963 г. и ГДР во декември 1963 година. Целиот нафтовод беше пуштен во употреба во октомври 1964 г. Цевките за нафтоводот беа произведени во Советскиот Сојуз и во Полска, додека фитинзите беа произведени во Чехословачка, ГДР беше одговорна за пумпите, а Унгарија обезбеди опрема за автоматизација и комуникација. Дијаметарот на цевката на цевководот варира од 420 до 1.020 мм и се состоеше од речиси 730.000 тона цевки. Примената на стандардите и другите придружни документи одиграа клучна улога во изградбата на цевководот и цевките. Стандардизацијата во индустријата за нафта е неопходна од неколку причини:

1. Да воспостави минимален пакет правила за процесите што се однесуваат на материјали, дизајн, производство и тестирање во индустријата за нафта;
2. Да се обезбеди униформност на работењето на локално или глобално ниво;
3. Да се создадат цевководи што се постојано и сигурно безбедни и без дефекти.
Додека за изработка на нафтоводот Баку – Тбилиси – Чејхан во најголема мера се употребуваше западна технологија, европски директиви, американски, европски и ИСО-стандарди, во Русија (тогаш дел од СССР) се употребуваат руски правила поткрепени со руски ГОСТ-стандарди, стандардизациски документи и ИСО-стандарди. Употребата дали на руски, американски, европски, канадски стандарди во индустријата што се однесува на транспорт на сурова нафта не значи дека некои се подобри од другите, туку едноставно секоја земја си ја штити својата индустрија. Најразвиените економски сектори во Русија се оние што се занимаваат со суровини (Raw materials). Врз основа на тоа дека производството на нафта и гас се главните сектори се доаѓа до заклучок дека пазарот на цевки е исклучително профитабилен. Откога ќе се направат цевките дали правоаголни или овални и во зависност од материјалот тие треба да се тестираат, при што постојат агенции што се одговорни за верификација и издавање сертификати, како на пример ГОСТ, ГОСТ Р, Ростехнадзор…
Дел од стандардите што се употребуваат за овој нафтовод се: ГОСТ Р 51164 – Мрежа од челични цевки, Општи барања за заштита од корозија; ГОСТ Р 55435 – Транспорт на нафта ГОСТ Р34181 – Матични цевководи за транспорт на нафта и нафтени продукти; ГОСТ 34182 – Транспорт на магистрален цевковод за нафта и нафтени производи, Работење и одржување, Општи принципи; РД 153-39,4-113-01 – Стандарди за технолошки дизајн на магистрални цевководи; Нарачка 461 Федерални норми и правила од областа на индустриската безбедност „Правила за индустриска безбедност за магацини на нафта и нафтени производи“; SNiP III-D.10-72 Главни цевководи, Правила за производство и прифаќање на работа; VNTP 2-86 Стандарди за инженерски дизајн за цевководи за пренос на сурова нафта….

Руските производители на нафта само го користат нафтоводот „Дружба“ за пренос на суровата нафта и обично немаат долгорочни договори со „Транснефт“. Поради тој начин на работа, самите производители на нафта поднесуваат барања за количествата што имаат намера да ги произведуваат и дестинациите до кои сакаат да ги испраќаат. Така што, секој купувач може или преку берза или лично да се договори со кој било производител. Распределбата на количествата е предмет на комплицирана процедура каде што се вклучени „Транснефт“ и Министерството за енергетика. Врз основа на информациите од производителите на нафта, а во согласност со Законот за природен монопол, руското министерство за енергетика годишно го доделува расположливиот капацитет на „Транснефт“ на производителите на нафта за извозни испораки, со квартални и месечни распределби. Испраќачите однапред го добиваат распоредот. Откако ќе се распределат, производителите на нафта вообичаено не можат да го зголемат доделениот капацитет во системот за извозни нафтоводи. Сепак, тие можат да бараат да ги променат маршрутите за испорака и да ги доделат своите права за пристап на други. Наредниот пат повеќе за проблемите со кои се соочува овој нафтовод и земјите низ кои поминува од еколошки, геополитички и економски аспект.

Љупчо Давчев

(Авторот е магистер по технички науки од областа на енергетското машинство)