Пишувам два дена по свеченото отворање на Летните олимписки игри, по нешто што требаше да биде глорификација на олимписките идеали и вредностите на земјата домаќин. Си се лутам самата што воопшто посветувам внимание на оваа тема. Но откако непотребно изгубив четири часа гледајќи кич-шоу на културна декаденција измешана со сè и сешто, следуваше бурна дебата (и локално и глобално). Што сакал авторот да каже и кој е тука глупав и неедуциран, а кој слеп при очи? Каква е пораката што (не) ја разбравме, а ни беше упатена нам, на обичните смртници? Ореолот над Олимписките игри одамна е загубен, не е само до невкусот и морбидноста на шоуто, туку затоа што и спортот е уништен со постојана комерцијализација и естрадизација… (Впрочем, видете го калибарот на спортисти што играат на фудбалскиот турнир за разлика од оној на Европското првенство). Како и да е, остана конфузијата дали она беше Евровизија или Олимпијада, дали е музички и уметнички настан и каква е неговата врска со спортот. Каква е врската на гротескната појава на Штрумф со ерекција (поточно, богот на виното Дионис/Бахус) со аскетскиот и здрав живот, па и саможртвата и дисциплината на врвните спортисти? Која е пораката на карикатурални ликови што божем слават различност, а се примери со вистинската дијагноза на болеста на модерното време – обесност (претерана телесна тежина). Без навлегување во сите контроверзни и невкусни детали од тој предолг настан, не може а да не се забележи дека имаше повеќе морбидни елементи отколку славење на животот. Или ако она беше прослава на животот, тогаш јаден е таквиот живот. Кој генијалец беше тој што ја смисли обезглавената Марија Антоанета чија глава пее од нејзините раце? Или оној „енигматичен“ лик, кој на крајот нè потсети на јавачите на апокалипсата. (Всушност, била божицата на Сена, ама глупави ние, од каде да знаеме кога не сме образувани!).
Божемниот спектакл е зад нас, можеби веќе и подзаборавен. Прашањето е: зошто колумна? Затоа што секоја Олимпијада е и (гео)политички и културен чин, особено по свет што е на раб на војна. Она што го видовме е само показател колку длабоко пропаднал Западот во сфаќањето на естетиката и симболиката… Фактички, тоа е естетика на смртта и негрижа за животот (тоа што ја отпеаја легендарната песна на Џон Ленон, „Замисли“, па дури и Селин Дион со љубовните стихови не можеа да го скријат тоа). Настанот го одрази нашиот тажен цајтгајст, кој веќе ни со спектакли не може да ја прикрие културата на морбидност и песимизам. Како што тоа точно го кажа ирската професорка Хелена Шеехан, станува збор за одраз на длабоката структура на глобално доминантната култура, одраз на колективната психа, ирационалноста, безобѕирноста, декаденција на доцниот капитализам. Безгрижно кабаре, поточно баханалии (така уживале и Античките Грци пред илјадници години, со оргии) среде пропаст. Очајничкиот обид да се покажат светлата на велеградот (на Западот) е сепак само нов показател колку е длабока човечката алиенација (отуѓувањето на човек од човек и на човек од самиот себе). Со ваквите настани Западот си зборува самиот на себе – или верува дека тој е вистинското лице на денешнината, т.е. на „рајската градина“ на Борел. Дури и симфониски оркестар и врвни музичари беа изложени на понижување и уништување на нивните скапи (и верувам сакани) инструменти. А сите знаеме дека слушавме снимка. Музичари веќе кажаа дека на отворен простор, во онакви услови, под дожд, е невозможно да изведувате музички дела што ќе стасаат до сите. Нешто слично е и со олимпискиот оган, кој всушност не е оној оган пренесуван од Грција до Париз, туку привид – иновација и игра на водена пареа и светлина што свети ама не е оган. А, балонот (можеби добро замислен како признание на француските автори) повеќе асоцира на планета во оган (што е и вистина) отколку на некакво олимписко светилиште.
Сите што мислиме различно од творците и што не ги разбираат (не дај боже, одбиваат) нејзината естетика и еротика се само примитивци што треба да се образуваат или екскомуницираат. Се редат високоучени објаснувања на сите погрешно разбрани сцени од спектаклот (за кој медиумите уште тврдат дека е ненадминат со неговиот сјај и иновативност). Но прашањето е: зошто тоа шоу не зборува со универзалниот јазик на мирот, доблеста, грижата за човекот и животната средина, за спортот како можност да се натпреваруваме без оружје и омраза? Зошто е неразбирлив за мнозинството? Или е наменет на некаква елита? Ако сега некој објаснува сцена по сцена, тоа е како кога го објаснувате вицот што никој не го разбрал. Попусто е. Најапсурдно е што сега сите ние сме виновни што не сме ги сфатиле или сме имале пропусти во образованието за историјата на Франција, за уметноста, за постмодернизмот и што ли уште не (а патем во одбрана на спектаклот мораа да ја споменат и хомосексуалноста на Леонардо да Винчи – и така да обвинат дека секоја критика е атака на ЛГБТ-популацијата, што е извртување на тезите). Можеби имале добри намери, ама патот ги однесе на друга страна, што би рекол Данте.
Ова беше и политичката злоупотреба на Олимписките игри. Иако и во делот на (предолгите и здодевни) говори се инсистираше на братство, солидарност, слобода и инклузија на различностите, вистината е инаква. Париз прво се ослободи од бездомниците, ставајќи ги во гето. Тоа е класниот момент. Оној другиот е безбедносниот: спектаклот се одвиваше под заштита на огромни вооружени сили. Трето е нетолеранцијата кон оние што се културно различни (од Западот), па на некои спортисти им е забрането да се натпреваруваат во нивните традиционални одори (на пример, хиџаб) – затоа што Франција е република и не дозволува таква облека. Што е со демонизацијата на спортистите од Русија и од Белорусија (оние што настапуваат се фактички апатриди, ќе добијат медал, а нема ни химна да им се свири)? Зошто тогаш срдечно дочекување на спортистите од Израел и од САД? Во што е разликата? Imagine! Замисли! Тоа било за нив братство и солидарност. Ах, да, и длабоката иронија со посебниот тим составен од бегалци – главно од земји уништени од западна чизма и бомба.
Не знам зошто се нервирам кога овој свет отапе на геноцид уште од октомври минатата година. Не може да се очекува згрозување од бесмислен спектакл од луѓе што не се згрозуваат од убивање деца. Напротив! Мнозина го бранат жестоко она што е ба(ха)нално, затоа што е забавно. Сакаат да си веруваат на лагите дека во Париз се случува нешто убаво, хумано, светот на едно место. Мижат пред фактот дека и Олимпијадата е милитаризирана, а исламофобијата се гледа, храни како милениче, додека се гони наводниот антисемитизам. Ваков свет, односно неговиот западен дел, и судниот ден ќе го дочека со аплауз: ајде малку да се релаксираме и забавуваме, да не го тупиме. Доста ни е од сериозни теми, од социјални кризи, од еколошка деградација, од војни и геноцид… Време е за Дионис во син костум. И за оној зад него кому му ѕиркаат тестисите од под кусото здолниште. Некои мислат дека секоја критика од ваков вид била хомофобија. Напротив! Ваквите баханалии се навреда за луѓето со инаква сексуална ориентација, бидејќи тие не се фрикови, туку нормални луѓе.
Во македонскиот дел на социјалните мрежи повторно кавга и изрази на неверојатен мазохизам. Самомразечките Македонци, истовремено и видни кафени сахиби, споредуваат баби и жаби, па во одбрана на спектаклот ги вадат на површина сите загноени делови на оваа држава во гнилеж (редат депонии, расипана храна и што ли уште не). Тезата е дека ние, вакви никакви, немаме право да ја критикуваме Франција. Други дотрчаа да ја прифатат оваа извртена теза (како што наопаку беше истакнато и олимпиското знаме) и да речат: еве, треба да почнеме од себе да се поправаме наместо да ги критикуваме Европејците! Демек, не гледате дека ви смрди под носот, особено Вардар, а сте нашле недостатоци на парадата на Сена (која беше налик на парада на нео/колонијализмот). Други се подбиваат: ајде нека се јави уште некој кој не дал мислење за спектаклот. Небаре мора да се молчи и поклонува или треба да се има докторат за да се дискутира (а добар дел од сеирџиите се она што се вика „инфлуенсери“). Ако се Олимписките игри она што тврдат дека се – симбол на заедништво, еднаквост, универзалност, и биле форма на здружување на човештвото – тогаш, зошто секој од нас не смее да каже дека кралот е гол! Или критиките се за самокамшикување, а никако гледање на очигледниот глобален распад. Врвот на сè е односот кон она храбро 16-годишно момче на кое му аплаудираа кога се возеше по Сена, а наредниот ден го удавија со навреди зашто бил последен во пливачката трка. Какво лицемерство!
Вистинската декаденција всушност се случи на ден пред почетокот на игрите. Конгресот на САД со овации дочека воен злосторник на чија душа лежат над 30.000 невини деца. Доби повеќе аплаузи отколку во израелскиот Кнесет! Сцена што асоцираше на собирот на американските нацистички сили во „Медисон сквер гарден“ во 1939 година. Нетанјаху за кого Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење очигледно негува извонредни топли односи и со Трамп и со Камала. Во речиси исто време, на другиот крај на планетата, Кина ги собра лидерите на палестинските организации и фракции за да им помогне во постигнување единство и мудар политички план за реализација на палестинската држава. И Русија зборува за мировен план, и земјите на АСЕАН. Глобалното мнозинство бара запирање на возот што јурнал во амбис. Но најлесно е да уживкаш пред ТВ. Олимпијадата е дистракција од вистинските проблеми на човештвото, а не воздигнување на моќта на телото и духот на човекот. Да имаше Човек и Хуманизам, прво ќе имаше примирје на сите фронтови, па ќе се бараше траен мир и излез од еколошката криза, а не гладијатори.