„Нема оданочување без претставување“ – македонски одговор за „Артановата осумка“

Кој би бил најдобар македонски одговор на скандалозниот договор помеѓу нелегитимната власт за изградба на „Артановата осумка“? Уште кога наметнатата власта сама си го донесе посебниот закон за овој проект, со непосредна спогодба само со една компанија, засмрди до небесата на корупција, на матни дејства и на арамилак. Но, јавноста зовре во моментот кога „група пратеници“ од владејачките партии излегоа со предлог на измена на цела серија македонски закони, со кои целосно се суспендираат македонскиот уставен поредок и правен систем, а целата наша земја, со сите природни богатства, ѝ се става на располагање на една приватна компанија. Дрскоста на власта отишла дотаму што се предвиделе и казнени одредби за Македонија со уплата на штети кон компанијата доколку не се остварат овие чудовишни намери. Како и секој обид направен крадешкум и прекуноќ, така и „Артановата осумка“ експлодира во јавноста и допрва ќе предизвикува бранувања. Наместо симбол за македонско-американското пријателство, сега целата зделка се заканува да биде големо црно петно во заемните односи. Небаре Македонците го развеаја американското знаме на отпорот каде што разјарената ѕвечарка, подготвена за напад и свиткана во клопче, вели „Не згазнувај ме!“
Никој не спори дека инфраструктурните мегапроекти се клучни за економскиот, социјалниот и демократскиот развој на секоја држава. Автопатиштата, пристаништата, аеродромите, железниците, енергетските постојки, урбаниот превоз, водоводите и водоснабдувањето, нафтоводите, гасоводите, топловодите, оптичките кабли, сателитите овозможуваат повисоки стапки на економски раст, подобар животен стандард, интеграција на граѓанството, полесен пристап до сите јавни добра и услуги, а сето тоа ја носи една заедница во повисок стадиум на развој. Оттука, неоспорни се стремежите на секоја влада зад себе да остави реализиран мегапроект од национално значење. Често овие зафати се претвораат во национални стремежи, па стануваат визии за иднината на целата заедница. Има ли подобар пример за тоа од проектот „Аполо“ на САД кога Американците се дрзнаа да сонуваат дека може да ја дофатат Месечината, но и се осмелија да го остварат овој сон, па и ден-денес нивниот американски бајрак е единствениот на површината на вечниот Земјин сопатник?
Меѓутоа, сите овие мегапроекти може лесно да се претворат од визионерски сништа во кошмарни коруптивни стварности. Едноставно, самата обмисла на мегапроектот подразбира мобилизација на многу луѓе и на уште повеќе пари, а трошоците само се умножуваат со секој нареден чекор до самата реализација на проектите. Имајќи предвид колку лични, приватни и посебни интереси се вградени во мегапроектите, јасно е зошто баучот на корупцијата тука е сеприсутен.

За наша среќа, владите во една демократија имаат ограничен рок на траење, па одвреме-навреме граѓаните имаат можност да кажат дали сметаат дека една влада треба да продолжи да управува со земјата или, пак, му даваат шанса на некој друг политички тим. Повторно и тука Американците, како една од најстарите демократии во современиот свет, ни даваат пример. Кога тие кренале бунт против кралот Џорџ III бранејќи го принципот дека „нема оданочување, без претставување“, односно ако веќе собирате пари од мене (и од сите нас) преку даноци, тогаш ќе мора да ни овозможите увид во тоа како ни ги трошите заедничките пари. Увидот се остварува преку избори, каде што граѓаните определуваат кои нивни претставници ќе го контролираат трошењето на народните пари во законодавниот дом. Кралот Џорџ III стапна врз американската ѕвечарка и знаеме како заврши тоа. Сега, Артан Груби, како и владата на ДУИ и на СДСМ стапнаа врз македонската ѕвечарка. Да видиме како сега ќе заврши целата епизода!
Кога станува збор за мегапроектите јасно е дека правилата за нивно финансирање се меѓу најсложените. Целта е да се оствари максимална транспарентност, а притоа да се сведат трошоците за буџетот на минимум. Оттука произлегуваат тие долги постапки за објава на еден државен распис, рок за покажување интерес, па време за пријава и на крајот жалбени постапки по објавата на избраниот изведувач. Има една прекрасна сцена во филмот за несреќната мисија на „Аполо 13“ кога еден од астронаутите додека патуваат длабоко во вселената го прашува својот колега дали е загрижен, а овој одговара дека нормално дека е преплашен затоа што се наоѓаат во вселенско пловило изградено од десетици илјади делови, сите избрани на владини расписи, каде што клучен критериум била најниската понудена цена. Значи, во Америка уште пред педесет години се дефинирани правилата на државното финансирање, а дури и за вселенските пловила од мисијата „Аполо“, гордост на американската техника и технологија, се избирале делови на тендер, со најниска цена, без да се менува работното законодавство или тогаш постојните американски закони.
Во Европската Унија, пак, нештата се уште построги, па затоа и јавните набавки се предмет на посебно внимание при преговорите. По членството, пак, Европскиот суд на правдата од Луксембург ќе може дури и да поништува цели договори склучени од македонската влада ако бидат прекршени европските правила за спроведување распис. Можеби спас за оваа ситуација е ако при повторното преговарање за исправка на договорот се утврди дека ќе се користат европските директиви за распис и за изведба на мегапроекти, како и дека за можни спорови околу сите одредби на договорот ќе одлучува Европскиот суд на правдата, со примена на законодавството на ЕУ.

Сите овие факти даваат само делумно објаснување на вжештената реакција на македонското граѓанство на овој обид да се донесе договор спротивен на интересите на Македонија и на сите можни европски, западни и цивилизациски вредности. Не може една приватна компанија, која не ни излегува на берза, да не се придржува кон прописите на една држава, па била тоа и малата Македонија. „Бехтел“ многу добро знае за што станува збор затоа што компанијата работи во самите САД и во Европската Унија. Еве да ги ставиме на маса американското, европското и македонското законодавство во сите посочени сфери каде што „групата пратеници“ предлагаат измени. Ќе видиме дека разликите се минорни и дека и во САД и во ЕУ и во Македонија се води сметка за приватната сопственост, за животната средина, за природното богатство, за културното наследство, а посебно за работничките права. Не може Македонија да ја враќаме векови наназад и работниците да ги претвораме во робови само да може некој таму да си ги балансира резултатите во пресметковните табели, изработени во „Мајкрософт ексел“. Мене лично, пак, најсмешна ми беше заканата со увоз на работници. Нема да биде лошо некој да му објасни на „докторот по политички науки“ дека една држава им ги штити сите уставно загарантирани права и слободи на сите поединци што се наоѓаат на нејзината територија, без разлика дали се тие тука државјани или странци, дали се дојдени со работни дозволи или, пак, немаат никаков регулиран статус.
Разбирам зошто Владата влегла во еден ваков небулозен проект. Тие не веруваат дека можат да победат на демократски избори, па како очајници се надеваат дека потпишувањето налудничави зделки ќе им даде некаква геополитичка помош. Но, наместо тоа, само ги влошија односите помеѓу Македонија и нејзиниот клучен стратегиски партер, САД. „Артановата осумка“ сега е тег околу вратот и на Македонија и на САД, проблем што го урива рејтингот на САД во Македонија, наместо да биде симбол и триумф на македонско-американската соработка. Би било подобро уште отсега да се седне повторно, да се анализира со студена глава, па да се поправи тоа што може или, пак, целосно да се поништи проектот, наместо да се влезе во бесконечен круг на контроверзии, истраги и обвинувања за корупција. Секако дека бизнис-операциите на „Бехтел“ не зависат само од овој проект, а и конечната изградба на коридорот 8 може да почека уште некое време.
„Нема оданочување без претставување“, велат Американците, па ајде да одиме на избори, меѓу другото за да пресечеме и за овој проект.

Ивица Боцевски