Фото: Игор Бансколиев

Мачните времиња полни со притисоци и стрес ги направија македонските граѓани европски рекордери по бројот на испушени цигари, посети на казина, консумација на шеќер, за на крајот сето тоа да резултира со најкраток животен век во Европа. Се чини дека македонското срце не може долго да ги издржи сите премрежиња со кои постојано се соочува, особено во последните три децении, секогаш далеку од мирните води што значат убав живот, среќа, просперитет. Сето тоа како да е резервирано за некои други, стандардно посреќни и подолговечни народи

Како стигнавме до колективна апатија, безволие и рамнодушност во однос на најкрупните клучни прашања на македонското општество

Многу работи се случија во изминатите 30 години што денес од македонските граѓани направија луѓе со загубено достоинство, дигнитет, понижени, без доволно количество енергија во себе, луѓе што се само неми набљудувачи на агонијата што им се случува секојдневно. Ни се наметнаа бенчмаркови и (не)принципиелности, кои безмалку беспоговорно ги прифативме како матрица на наше дејствување, несвесни дека токму таквата матрица се покажа како еден безизлезен лавиринт, во кој досега речиси во целост ни ја исцрпи нашата општествена животна енергија.
Процесите минуваат, а граѓаните со наведната глава беспоговорно ги прифаќаат, гледајќи како најблиските им заминуваат од земјата со порака дека немаат намера никогаш повеќе да се вратат.
Таквите мачни времиња ги направија македонските граѓани европски рекордери по бројот на испушени цигари, посети на казина, консумација на шеќер, за на крајот сето тоа да резултира со најкраток животен век во Европа. Се чини дека македонското срце не може долго да ги издржи сите премрежиња со кои постојано се соочува, особено во последните три децении, секогаш далеку од мирните води што значат убав живот, среќа, просперитет. Сето тоа е резервирано за некои други, стандардно посреќни и подолговечни народи.
Но, како што се вели, надежта последна умира, па, така, и во овој народ сè уште има надеж дека работите еднаш ќе мора да се сменат на подобро, дека нашата способност да се издигнеме и тогаш кога сите мислат дека сме ничкосани повторно ќе исплива на површина и ќе нè спаси од апатијата и сивилото на секојдневието.
Социологот Илија Ацевски вели дека колку и да изгледаат работите лошо и непоправливо и дека државата сè подлабоко тоне во безизлез, никогаш не смее да се изгуби надежта.

– Тешко е во овие денешни времиња да ги убедите луѓето дека работите ќе се сменат, дека живеачката во оваа наша Македонија ќе стане подобра, бидејќи сиве овие години граѓаните беа најбезобѕирно лажени од оние што ги предводеа. Сите ветуваа повисок стандард, подобро здравство, квалитетно образование, инвестиции, инфраструктурни проекти, ефикасно судство, за на крајот да си ги наполнат џебовите, а народот да го остават уште посиромашен. Како ќе мотивирате таков народ – реторички прашува Ацевски.
Тој нема никаква дилема дека процесите во државата, во најголем дел негативно се одразија врз општеството и влијаеја македонските граѓани да бидат меѓу најнесреќните, да живеат нездраво, а со тоа и пократко од другите.
– Кога народот во една држава ќе ја загуби енергијата за промени, тогаш не постои ниту критична маса што ќе инсистира промените на подобро постојано да се случуваат. Клучното прашање е кој е тој што знае како да ги придвижи процесите напред, но истовремено околу кој народот ќе се обедини, ќе му верува и ќе го поддржи во она што го прави – појаснува Ацевски.
Според него, без оглед што сите сфери во општеството, почнувајќи од лошото образование и здравство, катастрофалното судство, метастазираната корупција, се извор на незадоволство, граѓаните како да се помируваат со заклучокот дека нема решение за ваквите состојби.

– Како да се вратат достоинството и вербата во образованието, во здравството, во правосудниот систем, кога реално шансите се многу мали. Ако се обидеме да го вратиме достоинството, првиот чекор што треба да се направи се коренити реформи во сите сфери. Тука е она што е поразително. Кој ќе го направи тоа, бидејќи во државата ги нема тие сили, а уште помалку тие што би се осмелиле за таков реформаторски чекор. Ние сето тоа го сведовме на принципот – ако немаш профит, не се занимаваш со ниту една работа – потенцира Ацевски.
Неговото мислење е дека вака како што сме тргнале, се движиме во насока да станеме протекторат, ако веќе и не сме станале, кога добар дел од политиките ни се наметнува однадвор, без да се праша народот за тоа.
– Тоа раѓа фрустрација и чувство на немоќ и очај кај граѓаните. Па, дури и некој однадвор да сака искрено да помогне, тоа на некои сили овде не им одговара, бидејќи ги спречува да прават што сакаат. Кога ќе се изгуби таа верба во државата, во институциите, е тоа е застрашувачки. Во една таква навидум безизлезна ситуација, ние социолозите си го поставуваме клучното прашање – дали при ваква состојба во општеството може да се акумулира граѓанска енергија за нов рестарт на системот – истакнува Ацевски.
Тој смета дека откажувањето и прифаќањето на ваквите лоши состојби се најлесното нешто, но тоа ќе биде погубно за македонското општество во целина.

– Лесно е да се каже дека нема шанси да се промени нешто, но тоа не е решение. Решението е пред нас, вистински и чесни луѓе, на вистински места, кои ќе знаат како да направат радикални реформи без да прават какви било компромиси. Тој процес мора да го направат луѓе со визија, на кои мнозинството граѓани ќе им поверуваат дека тоа што го прават е за добро на државата и за добро на сите оние што живеат во таа држава. Ние како поединци сите треба да се приклучиме кон процесите што ја водат државата напред. Тоа е едно од решенијата како граѓаните да почнат да се чувствуваат подостоинствено, да им се врати надежта дека има излез од оваа апатична состојба. Таа потреба за подобра иднина треба да биде нешто околу кое сите ќе се обединиме и ќе ја вложиме сета енергија во нас, колку и да остана од неа – порачува социологот Илија Ацевски.