МЕЧ ЗА СВЕТСКИ ШАХОВСКИ ПРВАК

Со реми заврши третата партија од предвидените 14 на мечот за светски шаховски првак во Астана (Казахстан), помеѓу Русинот Јан Непомнијашчи (2.795 рејтинг-поени) и Кинезот Динг Лирен (2.788), по три часа игра во 30-от потег, со повторување на потезите. Моментниот резултат е 2-1 за Непомнијашчи, кој во четвртата партија вчера ги имаше црните фигури.
– Се обидував да играм на победа во еден момент, но не можев да најдам начин да се пробијам. Мислам дека нерешениот резултат е реален и за двајцата – изјави Лирен по партијата.
Непомнијашчи се одлучи да почне со потегот д4, наместо својот вообичаен потег со пешакот на e4, но Лирен брзо дојде до рамноправна позиција во отворањето Дамин гамбит, варијанта Карлсбад. До 17-от потег и двајцата играа исто како и во партијата Аниш Гири – Лирен во 2022 година, која заврши со реми. Лирен, кој дејствуваше многу посигурно и помина значително повеќе време на таблата отколку во претходните две партии, потоа се одлучи да игра поактивен потег, но позицијата, сепак, беше еднаква.
Првиот потег во партијата, церемонијално го одигра Талгат Мусабаев, советски и казахстански космонаут, кој трипати бил во вселената помеѓу 1994 и 2001 година, каде што поминал 341 ден, девет часа и 46 минути, и имал осум вселенски прошетки, информира Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Г.И.