Гоце Делчев барем некако го разбирал светот. Како поле за културен натпревар меѓу народите, ама сепак… го разбирал. Јас ни така не можам да го разберам, а камоли поинаку. Што, бре, има тука за разбирање? Тројца први братучеди се испокарале меѓу себе и цел свет тргнува по нивни памет во дотогаш најголемата планетарна кланица. Половина западен свет финансира и му аплаудира на еден очигледен лудак и потоа се чуди како тоа психопатов решава сè да однесе по ѓаволите, затоа што си увртел во глава дека владее со супер раса, па ѝ сервираше на планетата уште една грозоморна кланица од епски размери и уште заклучи дека некои народи треба да бидат целосно истребени. Половина век подоцна, еден од народите што за малку ќе беше истребен решава да истребува друг народ, затоа што, пазете ваму, само така можеле да опстанат. И јас сето тоа треба да го разберам, па уште да му дадам име, демек геополитика, реалполитика, what the fuck?
И ќе се најде некој паметен за да ја срочи фразата илјадапати досега преџвакана, дека тогаш луѓето не биле информирани како денеска. Океј, денес сме страшно многу информирани. А ха, важи! Жената што некако оддаваше најсериозен впечаток на светското политичко небо, мртва ладна излегува јавно и вели, а па ние ја лажевме најголемата светска нуклеарна сила, само ги маткавме со потпишување на оние два мировни договора, со цел да ја вооружиме и да ја спремиме за војна против неа државата која, ај што е дваесет пати помала и понемоќна, ама и системот ѝ е еден од најкорумпираните на планетата. Па уште за лидер, по исценирана обоена револуција, им бапнаа толку сериозен комичар што најголем животен перформанс му е свирење пијано со пенис и потоа се чудиме како тој успеа половина свој народ да го испрати во сигурна смрт. Има такви коишто и го глорифицираат за оваа постапка.
И сега си велиш, ако Меркел, која важеше за умна, стабилна, сталожена и прагматична политичарка, прави вакви будалаштини, што да очекуваме од другите политичари? Официјално најмоќната држава на светот ја водат политички кловнови, плејбои, шоумени и сенилни старци. Еве сега се топори да ја води жена која вообичаено не знае што зборува, а ти се фаќаш во крајна недоумица кога се обидуваш да ѝ го пофатиш кажаното. Жената пак којашто води демек моќна и сериозна унија на држави со врвни цивилизациски вредности, за воениот џин што низ историјата се покажал како тврд орев за сите воени машинерии, тврди дека сега, на терен, војува со лопати, а чипови за ракети вади од микрбранови печки и миксери, па медиуми што светот ги доживува како врвни гласила на јавноста, мртви ладни го пренесуваат тоа како сериозна информација. И сето тоа јас треба да го разберам и да го доживеам како сериозна вистина?
Гоце Делчев барем имал некакво разбирање и визија за тоа како треба да изгледаат светот и неговата (нашата) татковина во таа приказна, но за „среќа“ загина млад за своите идеали, па не доживеа да види во каква идиотска гротеска се претвори планетава, ама и Македонија. Ете, светот е пред генијални дилеми на кои Нилс Бор, Никола Тесла и Марија Кири заедно можат да им позавидат. Дали да се води војна со Путин до последниот жив Украинец? Дали Израел да ги рокне нуклеарните централи во Иран, при што светот можеби ќе се соочи со нуклеарна војна? Дали НАТО да почне директна војна со Русија што сигурно, а не можеби, ќе донесе нуклеарна катаклизма? Дали попатно да се почне војна и со Кина? А? Какви генијални дилеми, нели?
Добро сега, не се сите планетарни дилеми поврзани со војни. Имаме и хуманистички дилеми. На пример, дали сепак да го населиме Марс откако ќе заврши сагата со Паф Деди ако тој не одлучи да се обеси како Џефри во својата ќелија? Или што правиме со правата на сексуалните малцинства меѓу оние што го преживеаја носењето напалм-демократија, ама останаа без домови, семејства, раце или нозе при тие бомбардирања? Или дали има доволно расен диверзити во филмската индустрија и како на тоа ќе реагираат гладните и жедните во Африка? А ха, сериозни дилеми се тоа, чист доказ за цивилизациски вредности што не секоја точка на планетава ги достигнува?
Си го замислувам понекогаш тој наш Делчев, седнат таму некаде горе на небесата, додека си пуфка цигара од табакерата и зјапа запрепастено во светот што требаше да биде поле за културен натпревар меѓу народите и си велам, сигурно фрла поглед и накај Македонија, па сакам да му довикнам, еј, војводо, даскале, ама не биди толку будала, што има, по ѓаволите, да гледаш наваму и да си правиш неарно на душата? Ама, пустиот, ѕирка наваму и признавам, му ја разбирам потребата, па и јас би ѕиркал ако тоа небесната администрација ми го дозволува.
И што ќе види? Нема веќе Отоманска Империја, ама нема ни автономна Македонија. Додуша веќе нема ни Македонија, оти по желбите на некои нови империи, таа стана Нордистан, протекторат на безумноста. И сето тоа за да се исполнат идеалите на илинденците, а тоа е зачленување во Европската Унија, така? Ха!!! Сега ни останува само уште раководството, членовите и симпатизерите на ДУИ да ги внесеме во Уставот како Бугари за да ги има ко малцинство приближно колку Македонци во Бугарија и портите и поглавјата на Брисел сами ни се отвораат. Па, нели мудриот народ со право рекол, наведната глава поглавја отвора?
Делчев барем го разбирал светот и имал визија за слободна Македонија во таа светска приказна. Јас веќе ништо не разбирам и сè повеќе сум убеден дека најдобро е да се здобијам со визии ако почнам со секојдневна ЛСД-терапија. Ама и без такви визии, наречени халуцинации, посведочив како овој народ поверува дека ќе добие правда, вистина и економска ерекција од човек што мисли дека рибата смрди од опашката, а сидрото го влече бродот напред, дека Македонија е невеста што треба да се омажи за да влезе во постелата на сексапилна дама наречена Европска Унија. За сето ова пееја химни и се расфрлаа со восхит оние што се доживуваат себеси за мудри, прогресивни и убави и сеедно што нивната плиткост е маскирана со елитизам и ароганција, останува поразителниот факт дека едночудо луѓе им поверуваа. И би Нордистан! Но, за трагедијата да биде гротеска како што ѝ доликува, политичките противници на оваа безумност сега се адаптираат на неа, демек тоа е реалполитика, а оние пак што се во темелите на нордистанизацијата како главни врескачи во исценирана обоена револуција, сега врескаат против истата таа. И веќе не е прашањето како, туку зошто јас ова воопшто би сакал да го разбирам?
А кубурот бе, ајвани, ќе викне Делчев разгневен.
Кубурот… па, види даскале, војводо, кубуриме ние со многу ствари, ама со здрав разум најмногу.