Нашите шанси од никакви до секакви

Една од најупотребуваните реченици на политичката сцена во последнава година е прашалната реченица „какви се нашите шанси за Европа“.
Филозофска фраза е дека животот дава многу шанси. Многумина тврдат дека може да се дефинираат само пет вистински: прва, втора, трета, пропуштена, последна и никаква. Степен повисоко се единствената и историската шанса.
Во просторот на овие можни рангирања се водат дебатите околу можностите за промена на Уставот, околу почнувањето на преговорите со ЕУ и конечното отворање на вратите за можно членство во нејзините палати.
Се разбира дека првата шанса ги има сите предности над преостанатите. Првата си е прва, плодовите од неа се најсвежи и највкусни. Но ако се оплеска првата, често има втора, иако не мора да ја има. Нема статистички податоци дали, според крајниот ефект и конечниот епилог, втората има превага над првата, ако се цени според крајниот ефект и конечниот епилог. Ако првата шанса се одликува со тврдост и непопустливост, втората е помека, порелативизирана, потпрена на какво-такво искуство. Но не е непознато дека човек што оплескал по првпат, може за истата работа да го стори истото тоа и вторпат.
Третата се изразува преку фразата и детската фикција „трета среќа“. Таа е најретка, повеќе е среќа одошто избор. Кај Евреите, наводно, постои традиција секому во секоја работа да му се дава шанса до трипати. Ако човекот не успее да ја искористи и третата, него веќе не го сметаат за добар претставник на нивниот род.
Насекаде во светот има луѓе што тврдат дека целиот живот го поминале низ испуштени шанси, други со можни а неискористени, а трети дека во животот немале никакви шанси да го направат поинаков или да постигнат нешто повеќе од тоа што постигнале.
Последна шанса е онаа по која нема поправен испит, нема оправдување. Последната шанса дава можност работите да се поправат за последен пат. Ако не се искористи, се испаѓа од возот, од колосекот, од играта, од екипата. Се оди во резерви или, најчесто, во заборав. Последната шанса трае до последниот момент, миг. Во животот до последниот здив, во некои спортови до последната минута, до последната секунда. Спортот дава, но животот не дава толку шанси, толку можности за поправки.
Последната шанса не се однесува само на луѓе, туку и на општества, на народи и држави. Многу од нив низ историјата се наоѓале на крстопат и на искушението за користење на последната шанса за опстанок или нејзино пропуштање, по што следувал пропаст. Не е мелодраматично, но најверојатно е вистинито дека Македонија се наоѓа во таква ситуација, кога доста влијателни фактори ја предупредуваат дека нејзе ѝ е последната шанса да спроведе реформи, да најде вистински решенија и да застане на цврсти нозе.

Градирањето на шансите за промена на Уставот и почнување преговори со ЕУ во македонското општество се движи по строгата линија од нулта точка до максимум. Односно од никаква до единствена и историска шанса за влез во Унијата. Опозицијата, и не само таа, смета дека шансите се никакви. Власта дека сегашната шанса е единствена, историска и неповторлива. Прашање е до кога ќе трае таа неизвесност.
Денес Македонија никој не ја гледа како оаза на мирот (замислен, а неостварен модел на Киро Глигоров), туку како земја на проблеми. Не е непознато дека долготрајното лутање и лошата власт можат толку многу да го збунат и унакажат сфаќањето на еден народ, што тој веќе не може да го разликува не само доброто од злото туку ни својата сопствена корист од очигледната штета што самиот си ја нанесува.
Мојата генерација, која заинтересирано ги следи состојбите, веќе не ја чека последната шанса, туку последната шанса нѐ чека нас на некоја кривина. Не дека не сме загрижени за државата, не дека чекаме некоја друга пригода, не дека немаме можност да го кажеме тоа што сакаме да го кажеме, туку поради тоа што немаме никаква шанса што било да промениме.

Но, што прават другите, помладите? Имаат ли тие шанса да променат нешто, или ќе чекаат друга ситуација, друга пригода, друга можност? Да се променат не толку себеси, колку сопствената држава во која сакаат да живеат. А животот е еден тежок спорт, еден долг и неизвесен натпревар.
Во својата основа францускиот збор „шанса“ значи среќа, среќен случај, можен поволен резултат, добар изглед за успех, веројатен успех. Гледано обратно, испуштена, неискористена шанса е неуспех. Во македонскиот јазик шанса е именка од женски род и значи изгледност, можност за успех. Зборот „можност“ се толкува во смисла на можно решение, излез од некоја ситуација, по правило заплеткана, веројатност за нешто да се оствари или да се спаси.

[email protected]