Нашата љубов Чарли Паркер

Отворено писмо до Клинт Иствуд

„Сите пријатели на џезот се и мои пријатели“
Клинт Иствуд
(„Даун бит“, јануари 1998)

Деведесет и двегодишникот Клинт Иствуд – легендарниот актер и режисер зад „Unforgiven“, „Million Dollar Baby“ и „Bridges of Madison County“ – одново јава и се подготвува да сними филм за својот долгогодишен студиски дом „Варнер брос“, уште еден во низата „есеи за индивидуалноста, суровите вистини и основата на она што значи да се биде Американец“. (Б. Обама)
Повод за потсетување на ова писание и обраќање објавено во магазинот „Форум“, март 1998, и во магазинот „Џез тајмс“ (форум), јануари 2010, е 30 Април – Денот на џезот

Почитуван господине Иствуд,

Ја користам оваа пригода да Ви се обратам во врска со Вашата гореспомената изјава во интервјуто за јануарскиот број на џез-магазинот „Даун бит“, за да скицирам и креативно да се вклучам во некои од релевантните одредници во подемот на музичката апстракција или како што тоа во текот на целиот овој век популарно се означува и нарекува – ЏЕЗ. Статусот пријател на џезот и, понатаму во преносна насока Ваш пријател, ќе се обидам да го образложам со неколку за мене важни сфери на интерес во доменот на креативно-интелектуалното битисување, што во извесна глобална проекција допира до некои од Вашите ставови и творечки преокупации.
Звучи, се разбира. нескромно и претенциозно, но ова обраќање е иницирано како одраз на Вашето креативно дејствување во глобалниот простор, стварност што несомнено допира и до нас, ја храни и ја предизвикува нашата љубопитност и нѐ охрабрува во преземање ваков тип ризик, што во прв ред е прашање на доброто воспитание и зрелоста.
За почеток едно општо, заедничко место, без остаток, најинтензивниот човечки свет – музиката, столбот на креативното битие, особено оној доминантен дел на Вашиот и мој интерес, што денес широко се квалификува како уметност на џезот.

„Свирењето џез е секогаш одново компонирање“ („Џез тајмс“, септември 1995)

Вашата констатација од интервјуто во магазинот „Џез тајмс“ ќе ја исползувам како појдовна премиса во мојата експликација на ова поле на човечкото дејствување. Но, освен како последица, јас на џезот гледам како на методологија, постапка во која формата се третира како глагол, не како именка. Притоа е нужно да се подвлечат неговиот гносеолошки карактер и широкиот простор и неговото значење и во другите сфери на човечките креативни напори.
Создавањето на фреските во нашите македонски манастири Курбиново, Нерези, Лесново, конкретно сликањето животописи и претстави врз врел малтер, „Кукулинскиот“ прозен циклус на нашиот истакнат писател Славко Јаневски, во фазата на неговото рано настанување е исто толку џез како и настапот на Чарли Паркер во Вашиот град во 1946 година, кога за првпат го чувте во „живо“.
Временската и просторната дистанца се големи, но суштината е иста – создавање и транспонирање на објективниот свет, негово вообличување во вид на висок уметнички дострел, со постапка во чија основа лежат врвно мајсторство и дарба. Во таа насока, разгледувајќи го џезот од визурата на методологија, јасно се забележува примената на одделни постапки во структурното конципирање како и кај другите форми на модерната уметност. Добро е да се потсетиме на вистинскиот избор на џез-стандардот Мисти и вклучувањето на оваа прекрасна џез-балада во драмското ткиво на Вашето нискобуџетно филмско деби како режисер, насловот „Play Misty for Me“ во 1971 година.
Џезот бил и останал предизвик за филмското творештво уште од првиот звучен филм „Jazz Singer“ и во редица други остварувања, но со Мисти тој прераснува во забележителна музичка и драмска структура и методологија.
Поради трајниот интерес за џез-музиката, го режирал „Bird“ (1988), биографски филм во кој глумецот Форест Витакер го глумел џез-музичарот Чарли Брд Паркер. Алт-саксофонистот Џеки Меклин и Спајк Ли, синот на џез-басистот Бил Ли и долгогодишен критичар на Иствуд, го критикувале ликот на Чарли Паркер бидејќи не ги доловувал потребното ниво и смислата за хумор. Иствуд добил два златни „глобуса“ за филмот, наградата „Сесил Б. Демил“ за доживотен придонес и наградата за најдобар режисер. И покрај тоа, „Bird“ бил комерцијален неуспех, заработувајќи само милион долари, а Иствуд го оправдал тоа со намалениот интерес за џез помеѓу црномурестите луѓе.
Сигурно ќе се запрашате чуму моето инсистирање на формулацијата за џезот како методологија.
Е па, вака господине Иствуд… Во рамките на мојата почетна нескромност, дозволете ми да се претставам. Моето основно занимање е филмски и телевизиски режисер, со екстремно нагласени музички афинитети и музичка ориентација. Едно мало појаснување во врска со нагласената музичка ориентација. Со оглед на карактерот на мојата професија, музиката секогаш ми е во близина, но не и обврска и главно занимање, што го сметам за привилегија, бидејќи оваа константа на моето живеење е надвор од зоната на здодевната рутинска обврска. Музиката за мене секогаш била и останува средство за експеримент, уживање и комуникација.
Тоа е нешто слично на Вашиот ангажман во барот „Омар“ во Оукленд, онака, свирка за душа, пиво, пица и понешто бакшиш. Слично нешто како и мојот ангажман во барот „Боеми“ во мојот роден град Скопје, Македонија, најмногу од љубопитност и проверка на сопственото искуство. И добро е што е така, всушност да се воспостави блага дистанца и музичкиот хоризонт да се растовари од цврстиот баласт на востановените музички „железни“ форми. Особено е важно на самото место на збиднувањето да се почувствува ритамот на перцепцијата на оние што ја сакат и разбираат уметноста на џезот, во која и протагонистите и промоторите играат еднакво важна улога во расчистувањето на просторот и дилемите на музичката апстракција.
Убав момент и голема благодарност и за нашиот џез-фестивал, каде што го видовме и документарниот филм за легендарниот Телониус Монк, „Straight no Chaser“, уште една причина за зголемениот интерес за уметноста на џезот во овој дел на светот.
Истото тоа се однесува и на Вашиот филм „Midnight in the Garden of Good and Evil“.
Вашиот потпис и воопшто Вашата инволвираност во овој медиум се голема промоција за џезот и голем поттик и патоказ во трасирањето и вкрстувањето на огромниот потенцијал на светската креативна културна интуиција. Многу често светот на џезот, површно и злонамерно, е оквалификуван како елитизам, помоден конструкт, херметичност. Но светот го движат напред големите и сложени идеи, силната волја, бескомпромисност и предиспозиција кон новото и непознатото.
„Џезот не е нешто што уште при првото слушање ќе ве наведе да заклучите – ова е апсолутно извонредно. Се сеќавам на мојот прв допир со уметноста на Чарли Паркер. Не мислев веднаш дека станува збор за нешто извонредно, но сфатив дека е добро обработено. И, тогаш си го поставив можеби клучното прашање: Што всушност прави тој?“

(„Даун бит“, јануари 1998)

Господине Иствуд, го поставивте навистина клучното прашање. Што е тоа што навистина го правеше Чарли Паркер за да прерасне во глобална џез-парадигма? Кои се референците и вредносните параметри што ги содржи неговиот артизам, причини поради кои (Бирд – Птица, уметнички прекар за Чарли Паркер) се наметна како фасцинација на многу генерации обожаватели и творци?
Што е тоа, а е во голема мера причина за Вашата (и моја) наклонетост и во континуитет духовна и творечка преокупација?
Еден од можните одговори е дека тоа се начинот и леснотијата (методологија) со кои Чарли Паркер ги третира содржините, ги растура и деконструира формите, одново составувајќи мелодиска вредност. И ако леснотијата во неговото музицирање ја сфатиме како божји дар, тогаш во начинот на неговата интерпретација ќе ја препознаеме методолошката одредница, модусот како да се излезе од рамките, како да се избави најинтензивниот човечки свет-музиката од „ропството“ на совршените, цврсти форми на класичната хармонија и да се насочи во бескрајот на „хроматскиот универзум“.
Бирд (Чарли Паркер) во Вашиот истоимен долгометражен филм од 1988 г. е вообличен и претставен како претежно биографско интуитивна конотација, но истовремено тоа е првиот голем чекор во расветлувањето на суштината на џез-естетиката. Неоспорно е дека оваа уметност настанува на тлото на Америка како резултат на голем број духовни и креативни вкрстувања и факт е дека за кратко време станува културен експорт што ни доаѓа од онаа страна на Атлантикот.
Јас се обидов Вашиот (и наш се разбира) Чарли Паркер, во мојот краткометражен игран филм, насловен „Мојата љубов Чарли Паркер“ (1994 – продукција „Вардар филм“) да го ставам во контекстот на живеењето и духовното опстојување на Лесновскиот манастир (14 век), Македонија. Во него, главниот протагонист, православниот свештеник се обидува да ги разоткрие светоста и духовноста во начинот на музицирањето на Чарли Паркер. Тој сака африканските корени на џезот да ги замени и практикува со македонски, со што на извесен начин ја повлекува и проектира духовната тангента меѓу Канзас Сити и Лесново.
Можеби ова ќе ви прозвучи дрско и пресмело, господине Иствуд, но во доменот на креативноста и визиите не треба да се има суета и предрасуди. Чарли Паркер функционира и кореспондира со бескрајот од цивилизациски континуитет и на ова наше мало парче земја и небо. Сметам дека Чарли Паркер треба, освен како мит, да се третира и како методолошка одредница, синоним, метафора на слободата на дејствување на бескрајот на човечкиот дух, особено во оној нејзин силен интензивен дел – уметноста на џезот. Ако на овој концепт му пријдеме како на методологија на креативниот слободен дух, џезот никогаш нема да исчезне. Напротив, ќе ја облагороди својата структура со елементи на безвременост и неограничени можности за духовна мондијална комуникација.
Добро е што постојат сличности, господине Иствуд. Тие ни помагаат да ги доизградиме поимите, да се поврземе духовно и креативно. За таа цел, господине Иствуд, јас и мојот пријател Драган Даутовски, виртуоз на народни инструменти, на почетокот на пролетта пред четврт столетие, џез-вечерта што ја приредивме во кафулето „Форум“ во Скопје, Македонија, Ви ја посветиме Вам и на Вашата и мојата трајна фасцинација Чарли Паркер. Се обидовме заеднички да го реинкарнираме духот на слободата, елитизмот и принципите на создавање, како вечна човекова потреба.

Аљоша Симјановски