Што со народот?

На еден или друг начин и по малку срамежливо може да се чуе тезата дека на Република Македонија ѝ следува поделба. Според оваа теза, едниот дел би се приклучил кон т.н. голема Бугарија, другиот дел кон голема Албанија, во која би биле интегрирани сите Албанци во една држава. Меѓутоа, колку и да звучат налудничаво некои идеи, па дури и да се наоѓаат на работ од фантастичното, сепак се темелат врз некои искуства (некогашни или скорашни), бидејќи ништо не се појавува тукутака или, како што во филозофијата се формулира, sui generis. Во поблиската историја, за време на фашистичката окупација, идејата за поделба на Македонија меѓу Бугарија и Албанија беше, во одредена смисла, остварена. Границата, сеедно како се нарекуваше, одеше по должината на линијата Групчин – Подмоље. Скопје и Охрид, на пример, беа во рамките на царска Бугарија, додека Струга беше под своевидна албанска администрација, во присуство на албанските паравоени формации, блиски до италијанскиот окупатор. Со тоа (донекаде) беа остварени соништата на Призренската лига, од една страна, и сонот за Санстефанска Бугарија, од друга, која би опфаќала, според замислата на рускиот двор, и делови од Србија, Грција и Македонија. Оваа замислена држава би се протегала од Црно Море до Охрид, а на југ до Егејот. Идејата, како и секоја мегаломанска творба, набргу се распрсна. Не остана ништо од голема Албанија ниту од голема Бугарија, освен надежта дека некогаш ќе се оствари тоа.
За жал, оваа идеја и понатаму живее во нечии глави. Во прилог на ова одат некои процеси, својствени за последните триесетина години, макар што нивното постоење беше забележливо и пред тоа. Сепак, до особен израз дојдоа по осамостојувањето на Македонија од југословенската федерација. Ако се погледне непристрасно, што значи sine ira et studio, на она што се случува во Бугарија (како на политички, така и на планот на нејзината историографија), ќе се забележи дека оваа држава никогаш и не се откажала од претензиите кон Македонија, нејзината историја, македонскиот народ и јазик. Исклучок беше периодот за време на Георги Димитров, кога од страна на Бугарија не само што беше признаено постоењето на македонската нација туку беа отворани македонски училишта во кои наставата ја држеа македонски учители, беа отворани културни домови, уметнички друштва и сл. Меѓутоа, сето тоа пропадна по смртта на Димитров, особено за време на (сега фалениот, а во тоа време предмет на потсмев и од самите Бугари) Тодор Живков.

Она што до пред неколку години не можеше ни да се замисли, барем од македонска страна, денес се засилува. Се склучи Договор за добрососедски односи, кој наместо да доведе до приближување и меѓусебна доверба меѓу двете држави и до заемно дружење на македонскиот и бугарскиот народ, целосно ги раздели. Почнаа да се појавуваат (и тоа не од кого било) мапи на голема Бугарија, да се негира фашистичката окупација на Македонија, сторените злосторства и сл. Сепак, нечии апетити не беа задоволени со тоа. Почна да се негира постоењето на македонскиот народ и јазик, со нескриени амбиции бугарската држава да арбитрира во пишувањето на македонските учебници, во културата, уметноста. И оној културен центар што неодамна се отвори во Благоевград набргу беше затворен. Бил сомнителен. Особено било сомнително неговото финансирање. Кон оваа оцена се приклучи и сеприсутниот Бујар Османи, кој се грижи за сѐ, освен за интересите на Македонците, како и за самата македонска држава, бидејќи му се побитни некои ситуации во Косово или Албанија, отколку во Македонија. На сето ова македонските власти занемено молчат. Паралелно со овие процеси доаѓа до нечовечно уривање на спомениците посветени на македонските херои и интелектуалци.
Наедно, течат и некои процеси чија природа не води ниту може да доведе до кохезија на македонското општество и држава. Не мислам само на Договорот што беше потпишан на нелегален начин во Нивици или на промената на името туку и на прифаќањето, односно неодбивањето на т.н. Тиранската платформа од страна на албанските парти во Република Македонија, како и желбата албанскиот јазик да биде официјален јазик на целата државна територија, од која не се исклучени и етикетите на производите, сеедно во кој дел од Републиката се произведени. Претходно се создадоа етнички универзитети, дотогаш невидена практика, освен онаа во Финска и тамошниот универзитет, во пошироката јавност познат како шведски. Меѓутоа, неговото постоење е преседан и ниту една држава не би требало ниту би смеела да се гради според преседани, бидејќи ќе стане преседан-држава. Понатаму, во училиштата дојде до етничка поделба во смените на наставата – во една смена одат ученици од една етничка припадност, во друга од друга, нешто што е својствено за поделените општества, каков што е апартхејдот. На ова укажував (не само јас) уште во 1990-тите години.

Сепак, работите и понатаму ескалираат. За некои персони рамковниот договор е претесен, бидејќи имал рамки, а тие би сакале да живеат надвор од секакви рамки. За нив не бил остварен дури ни принципот за правична, што значи етничка/неправична застапеност, својствена за апартхејдот или, не дај боже, за расистичките општества и држави. Колку за потсетување, Нелсон Мандела не се бореше за посебни училишта, бидејќи тоа беше фактичката состојба во неговата земја, туку за заеднички училишта или за заеднички вработувања, според принципот на способност/квалификуваност. Меѓутоа, мериторноста одамна е замината од Македонија. Од држава се преобразува во територија.
Во набројувањето на дезинтеграциските процеси би можело да се продолжи. Сепак, мислам дека и овие се доволни за да се види дека Македонија оди по патот на дезинтеграција, чиј резултат би бил нејзина федерализација, како чекор кон целосна поделба. Кон оваа можност не водат само дел од наброените процеси туку и односот на „меѓународната заедница“ кон нив. Во 1999 година, непосредно по претседателските избори, имав приватен разговор со Марк Алмонд, професор по современа историја на колеџот „Ориел“, кој е дел од Оксфордскиот универзитет. Во овој неформален разговор проф. Марк Алмонд кажа дека е можна поделба на Република Македонија, при што едниот дел би се припоил кон Бугарија. Мојот одговор беше (и сѐ уште е) дека со тој чин би се создала монструм-држава, која во регионот би генерирала нестабилност, бидејќи бугарската држава (и ваква каква што е) е нестабилна. Нестабилна е, помеѓу другото, бидејќи опфаќа повеќе нации, сеедно што нивното постоење не го признава, и дека состојбата уште повеќе би ѝ се влошила кога на Македонците од пиринскиот дел би им се приклучиле и Македонците од овој дел и дека, во тој поглед, тоа би било самоубиствена политика за Бугарија.
Од друга страна, евентуалното создавање голема Албанија исто така би одело на штета на Албанците. Доволен е само еден пример. При евентуална поделба на Република Македонија (нагласувам: евентуална поделба!), Албанците не би ги задржале оние права што ги имаат сега, особено во местата во кои претставуваат доминантно население, како што се Кумановско-Липковскиот Регион, Арачиново, Скопје, Сарај, Тетово, Гостивар…, бидејќи би биле дел од голема Бугарија. Бугарија, пак, не признава етнички малцинства, уште помалку етнички права. Сепак, за ова упорно се молчи, сеедно што сѐ ќе се струполи врз народот, сеедно дали е тоа македонскиот, албанскиот, бугарскиот или кој било друг народ.
Оттука, неопходно е да се чуе гласот на луѓето, на народот, бидејќи нивниот интерес и мир мора да бидат над сѐ. Исто така мора да се укаже, повикувајќи се на искуствата од историјата, каде водат идеите што се залагаат за еден народ, за една историја, во една држава. Единствено така може да се укине досегашната политика во Република Македонија, во која еднакво страдаат обичните луѓе, граѓаните. Нормално, ако некој и помислува на нив.

Љубомир Цуцуловски