Насловот е цитат од големиот композитор Сергеј Рахманинов, кој мене особено ме импресионира и кој дава малку повеќе оптимизам во овие мрачни, депресивни денови. Како верен музички поклоник, многупати сум пишувала за влијанието на музиката на човекот, на развојот на детето, на смалувањето стресни состојби, лекувањето душевни проблеми… И во овој текст ќе наведам некои најнови истражувања што ја потврдуваат веродостојноста на насловот.
Има аргументирани докази дека како комплементарна и алтернативна, музиката е изборен метод за лекување на хроничната болка. Во најновата студија објавена во „Неуросаенс њуз“ се покажува дека слушањето музика има физиолошки и сознајни (когнитивни) бенефиции кај болни што страдаат од хронични болки. Познато е дека хроничната болка има девастирачки ефект на животот на личноста, оневозможувајќи му ги секојдневните активности и искуства на добросостојба. Со децении, давањето опиоидни лекарства, преку нивното директно влијание врз перцепцијата на телото и емоциите, беше речиси единствен избор кај вакви состојби. Но последните студии потврдуваат дека музиката може да биде алтернативен и комплементарен начин за ослободување од хроничната болка, обезбедувајќи намалување на болката и анксиозноста, поттикнување на мотивацијата за вежбање и значајно подобрување на спиењето.
Студијата за која зборувам покажала дека жена што цели 20 години страдала од хронична болка, со слушање музика доживеала смалување на интензитетот на болката, подобрување на меморијата, емоциите и когнитивните функции, а истовремено тоа довело до смалување или целосно исклучување на опиоидните лекови од терапијата. Наодите сугерираат дека аналгезијата индуцирана од музика вклучува когнитивни и емоционални механизми, како што е модулаторниот пат на болка во опаѓање и дека е можно да се намали употребата на лекови против болки. Терапевтската придружба, од друга страна, која вклучува посредничка фигура помеѓу пациентот и институцијата, може да биде корисна за да им помогне на пациентите да ја преориентираат својата субјективност и да ги следат нивните искуства за време на третманот. На крајот на музичката терапија, пациентката изјавила: „Си го вратив мозокот назад“!
Сајберска болест (Cyber-sickness) претставува еден понов вид растројство, предизвикано од искуства поврзани со виртуелна реалност како што се компјутерските игри и се препознава по нагонот за повраќање, главоболка, намалување на вербалната меморија, промени на широчината на зениците, забавено читање текст и проблеми со спиењето. Секако дека ова растројство повеќе ги загрозува помладите.
Студијата направена во Универзитетот во Единбург вклучила истражување на 40 пациенти на возраст 22-36 години и потврдила дека слушањето радосна музика сигнификантно ги смалила симптомите на сајберска болест, особено нагонот на повраќање. Во иста насока, најдено е дека сајбер-болеста предизвикува привремено намалување на вербалната работна меморија, ги смалува зениците, го намалува времето на реакција и брзината на читањето. Од друга страна, свесни сме дека сите демографски истражувања покажуваат дека жителите на планетата земја стареат, а со тоа се јавуваат разни видови когнитивни промени, што го оптоварува општеството и особено семејствата на овие луѓе. Според тоа, многу е битно да се најде ефективна интервенција што ќе промовира „здраво стареење“.
Во Кинеската академија на науките била направена студија што потврдила дека музичкиот тренинг го подобрува аудиовизуелниот говор кај повозрасни адулти, зачувувајќи и компензирајќи ги невралните обрасци. Значи, музиката освен што нѐ наградува преку своето естетско влијание, може да обезбеди потенцијална корист за мозокот, особено кај постарата популација. Студијата објавена во „Саенс адвансес“ покажала дека музичкиот тренинг може да го ублажи дури и започнатото намалување на аудиовизуелниот говор, преку функционално зачувување на обрасците на активност во сензори-моторните делови на мозокот, преку функционална компензација во фронтопариеталниот и регионот со стандарден режим на мозокот. Посебно, постарите музичари ја задржуваат нервната специфичност на говорната репрезентација во сензори-моторните регии на ниво многу слично како кај младите немузичари. Од друга страна, постарите немузичари покажале деградирана неврална репрезентација. Дополнително, истражувачите нашле дека постарите музичари, споредено со постари немузичари покажале поголема активност во фронтопариеталните региони што ги поддржуваат повеќенаменските задачи низ разни домени и влијаат на поголема инхибиција на нерелевантни задачи во региони со неврални мрежи со стандарден режим на функционирање. Според тоа, слушање музика кај постарите адулти предизвикува зачувување на невралните обрасци и дополнување со активност на други компензаторни региони во мозокот. Со тоа, мозокот им станува помлад, побистар! Значи, слушањето музика доведува до адаптивна реорганизација на мозокот кај постарите луѓе, па музичкиот тренинг води до успешно стареење преку зачувување на карактеристиките на младешкиот мозок и подобрување на компензаторни мозочни региони.
Од друга страна, истражување направено во Каталонија, Шпанија, во Когнитивна невролабораторија и објавено во „Џрнал оф алцхајлмерс дизис“, покажува дека когнитивното страдање што веќе започнало, значи кај луѓе со веќе дијагностицирано когнитивно страдање, класичната музика не дава некои посебни бенефиции, иако поттикнува емоционална регулација.
Како и да е, откриено e дека слушањето музика што предизвикува „високо возбудување“ има можен позитивен ефект врз луѓето што се навикнати да ја користат музиката како емоционален регулатор во нивниот секојдневен живот, што сугерира дека постои потенцијал за понатамошни хипотези и истражувања. Меѓутоа, оние со веќе започнат когнитивен дефицит (Алцхајмерова деменција и сл.), кои имаат изразени проблеми со помнењето како резултат на невродегенерација, не покажале некој поголем ефект од слушањето музика. Во овие истражувања се користела класична музика бидејќи „тоа е тип музика што спаѓа помеѓу релаксирање и возбудување и се покажала како најефективна за подобрување на меморијата“.
Исто така, се истражувало дали музиката во заднина би можела да биде покорисна во други когнитивни домени, како што се вниманието и концентрацијата кај пациенти со Паркинсонова болест. Експериментите, исто така, вклучуваат употреба на нов уред за инфрацрвена спектроскопија во „Неуро лаб“, една од неодамна отворените нови лаборатории, која го покажува активирањето церебрално ниво додека се одвиваат когнитивните процеси. Овој метод помага да се одреди дали има или нема промени во модулацијата на мозокот, во кои области таа се случува и дали промените зависат од типот на личноста што се проучува, без оглед на нивото на одговор на музиката.
Генерално, овие истражувања помагаат да се најде тип маркер што ги одредува луѓето што, најверојатно, ќе имаат корист од музиката за решавање на когнитивните задачи. Колку повеќе знаеме за тоа како музиката дополнително ги формира когнитивните процеси, подобро ќе може да ја користиме како терапевтска алатка во когнитивни стимулации.
На крајот, ќе спомнам и едно истражување објавено неодамна во „Неуросаенс њуз“. Одредени мелодии можат да ни помогнат повторно да се потсетиме на моменти од нашите претходни времиња, велат истражувачите. Музиката што ни го привлекува вниманието ни помага и да ги шифрираме спомените што се клучни за одредени животни настани. Во таа насока, музиката може да ја евоцира автобиографската меморија и тоа е едно општо познато искуство. Ова се јавува често како неволева меморија, т.е. надоаѓа во мозокот спонтано. Истражувањата од неодамна почнале да откриваат зошто музиката има таква клучна улога во евоцирање на спомените. Таа, најпрвин, има тенденција да придружува многу битни животни моменти, како дипломирање, промоции, венчавки или погреби, па така, има битна улога во поврзувањето со ваквите настани. Привлекувајќи го нашето внимание, музиката влијае на нашиот ум, тело и емоции.
Најдено е дека емоционалната природа на музички делови се битен фактор што служи како емоционален знак. Имено, таа евоцира поконзистентно позитивни спомени отколку што тоа го прават зборовите или други емоционални стимулуси. Интересно е дека тажна и бесна музика евоцира многу повеќе позитивни спомени отколку тажната музика или зборовите. Изгледа дека музиката има способност да ги реконектира емотивно позитивните моменти од нашето минато, што значи дека таа може да има терапевтски успеси. Во слична студија се покажало дека пофамилијарна музика евоцира повеќе спомени и ги доведува спонтано до свеста. Така, дел од причината зошто музиката може да биде поефективен знак за сеќавања отколку, на пример, нашиот омилен филм или омилена книга, е тоа што ние обично почесто повторуваме мелодии во текот на нашиот живот, во споредба со гледање филмови, читање книги или ТВ-емисии.
Притоа, може да имаат влијание и ситуациите во кои слушаме музика. Претходните истражувања покажуваат дека неволните спомени се со поголема веројатност да се вратат за време на активности каде што нашиот ум е слободен да талка со мислите за нашето минато. Овие активности имаат тенденција да не бараат посебно внимание и вклучуваат активности како патување, домашна работа или релаксација. Ова е во спротивност со другите хобија, како што е гледањето телевизија, што може да бара нашиот ум да биде повеќе фокусиран на активноста што е при рака и така помалку веројатно да талкаме во сценарија од нашето минато.
Тогаш се чини дека музиката не само што е добра во евоцирањето спомени туку и времињата кога е поголема веројатноста да слушаме музика се моменти кога нашиот ум природно може да има поголема веројатност да талка.
Музиката е присутна и за време на многу животни настани, кои се карактеристични, емотивни или се поврзани со самодефинирање – и овие типови спомени имаат тенденција полесно да се потсетуваат. Навистина, моќта на музиката да нè поврзе со нашето минато покажува како музиката, сеќавањата и емоциите се поврзани – и се чини дека одредени мелодии можат да дејствуваат како директна линија до нашето помладо себство (јас).
Затоа, мислам дека сите овие истражувања ја потврдуваат насловната мисла на Рахманинов дека музиката е доволна за цел живот… Ве повикувам, наместо да се караме, ривализираме, критикуваме, ајде да слушаме музика!