Молкот за човековите права не е опција – тоа е флертување со авторитаризмот

Зарем остана уште некој што верува дека човековите права се темелот на нашиот демократски развој и едно од нашите најголеми морални достигнувања како држава? Зарем некој уште верува дека човековите права им обезбедуваат на граѓаните непроценлива заштита од моќта на државата? Кога не верува власта во тоа, зошто да верувам јас. Особено кога гледате како последниве години сериозно се засилува политичкиот авторитаризам во државава и како почитувањето на човековите права се заменува со опасна нетрпеливост.
Да, сериозно е нагризена универзалната природа на човековите права, тренд што води кон сѐ поголема нееднаквост, неправда, насилство и смрт. Тешко е да го избегнете заклучокот дека Владата продолжува неказнето да ги прекршува човековите права и дека нема никаков одговор на тоа. Особено кога ваков популистички квазиавторитарен хибриден режим влијае на низа слободи поврзани со демократијата, вклучувајќи ги слободата на говорот, слободата на изразување политичко несогласување и слободата на печатот.
Покрај тоа што се соочуваат со прикриени репресии и закани, владините критичари и печатот сѐ повеќе се цел на таканаречените закони за лажни вести, кои често се предворје на цензурата на слободната мисла во општеството. Никој веќе не зборува за новите технологии за шпионски софтвер, кои го направија надзорот поефективен и подостапен за државниот репресивен апарат со досие за замолчување на неговите критичари. Всушност, веќе никој не зборува за човековите права во оваа држава.
Чудно како одеднаш замолкнаа „чуварите“ на човековите права. До неодамна „бесните антирежимски кучиња“ сега „достоинствено“ ги премолчуваат прекршувањата на човековите права од оваа власт, дозволувајќи да се консолидира угнетувачката клима во македонското општество. Никој веќе не зборува за арбитрарноста во постапувањето на полицијата, за прекумерната употреба на сила, за полицаецот како граѓанин во униформа што е гарант на слободата во општеството, за случаите на физичка и психичка тортура и нехумано и понижувачко постапување и казнување, за притворите, нивната должина, или за нечовечните и понижувачки услови во затворите. Го премолчеа прекршувањето на членот 14 на европската конвенција за човекови права и за слободата на самоопределување, за позитивната дискриминација и квота-системот. Го премолчеа обезличувањето на државата преку прекршување на правата на еден народ да се самоидентификува според слободно изразената волја. Газејќи по правата, го изгазија народот. А, всушност, зашто би воделе туѓа војна доскорашните „заштитници“ на човековите права? Кога онаа за власт ја добија.
А власта, власта како во некој безвременски ролеркостер, успеа да ме врати во времето на комунизмот кога човековите права беа внатрешно прашање на државите.

Кога комунистичкиот блок на држави одбиваше секаква посилна имплементација и заштита на човековите права на меѓународно ниво, тврдејќи дека она што државата им го прави на сопствените граѓани е нејзина внатрешна работа, во која никој, па ни меѓународната заедница, нема право да се меша. Токму со истите зборови премиерот на оваа држава и неговиот прв евроинтегративец ме вратија во годините пред 1990-тите, велејќи дека она што се случува на македонскиот народ во соседна Бугарија и Грција е внатрешно прашање на државата.
Тоа е кога не можеш да се ослободиш од комунистичкото ДНК што си го наследил од своите предци. Затоа нашата држава молчи. Молчи дома, молчи во меѓународните организации за заштита на човековите права, како Советот на Европа, ОБСЕ и ОН. Се прашувам колку сериозно оваа власт ја разбира тежината на ратификацијата на Европската конвенција за човекови права со вакви ретроградни и подзаборавени концепти на грижа за човековите права и колку е посветена на спроведување на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур.

Очигледно за власта човековите права, па ако сакате и демократијата, се обична политичка алатка и ништо повеќе. Освежувач на нивните неинвентивни политички слогани и пароли и толку. Си останавме тивка и пасивна држава кога треба да им помогне на несреќните што страдаат од самоволното и сериозно прекршување на нивните основни права.
Само како потсетување до власта: унапредувањето на демократијата и човековите права ќе биде веродостојно само на денот кога недостатоците ќе бидат нагласени насекаде, без исклучок, и кога ќе ги опфатат сите оние чии права и слободи се загрозени, дома или надвор од државата. Сѐ друго е гола и празна демагогија. Каква што е и нивната заложба за човековите права. Молчењето за прекршувањето на човековите права не е опција. За никого. Тоа не е ништо друго туку флертување со авторитаризмот.