Македонски маглини

Не е важно само да се создаде новото што е сигурност, туку да создадеме општество во кое Македонците веќе никогаш нема да страдаат. Да се случи дефинитивен самрак на патолошко-сатанистичкиот елитизам. А тоа е она што нѐ поткопува во темелите. А тоа веќе требаше да го научиме како народ и како нација.
Што е демон? Канцерогено ткиво во општеството? Тоа е нехармонизиран дел, тоа е отсуство на љубов, тоа е незнаењето. Каде паднавме како индивидуи, како општество? Ова прашање, кое е базично – онтолошко, треба да го поставиме денес!
Злото во својата основа е незнаење (Тесла), канцероген облик на однесување, во едно општество. Но се поставува прашањето како дојдовме дотука, еве, и да нѐ тепаат? Ова е целосно ништење на достоинството и самопочитта кон себеси, една безобразна рамнодушност кон тоа во какво општество живееме и какво општество оставаме. За вашите деца се работи, разбудете се! Од каде свесното прифаќање на оваа самоуништувачко-мазохистичка тенденција? Не ме чудат состојбите, се случи дури и тоа – на работно место да ни влегуваат и да нѐ тепаат. Постојано сме во процес на откажување на себеси и своите достоинства, па зарем тоа ве зачудува? Овој процес почна одамна, со промената на знамето, а кулминираше со промената на името. Тогаш кажавме еве сме, правете ни што сакате, и сега зошто се чудиме дека живееме како зомбија во сопствената, мрачна сенка како народ и како нација. Поради својот кукавичлак останавме не кадри да ги менуваме патолошките облици на однесување, напротив ние ги афирмираме. Секако, со ваква инертност како народ, ова ни е само почеток. Треба да очекуваме сѐ поголем број девијантни, самоуништувачки појави, кои ако сега не станеме и не ги запреме, ќе нѐ преплават, а ние ќе се удавиме во нив. Има неосвестени индивидуи што на овие појави дури и аплаудираат. Секогаш едните исти мизантропи виз а ви македонскиот народ.

Каква величествена манипулација над народот? Еве, така, тие лажејќи нѐ, дојдовме до еден неостварлив идеал, а цената е превисока. Македонскиот народ е главната жртва на злоупотреба. Затоа е многу важно луѓето во Македонија да немаат свест, да немаат слобода и да бидат покорни од страв. Затоа што во името на добронамерноста стана веќе нејасно што е зло, а што е добро. Одиме некаде, не знаеме каде ќе стигнеме, затоа што се самоуништивме онака патем, а вакви сите имаат право да нѐ тепаат, им дозволивме. Ја изгубивме контролата, а не смеевме.
Дали политичарите знаат што се етика и етичност? Тоа е оној чин кога правиш сѐ за најголемиот број луѓе да не страдаат, да бидат среќни. Има ли денес среќен Македонец, мислам на оној вистинскиот? Што посакува Македонецот, дајте ни со љубовта да ги излечиме раните, а добиваме само ништење и омраза. А ние се откажуваме еден по еден со молчењето. Не само што ја изгубивме контролата туку им дадовме моќ и голем простор да нѐ уништат онака докрај. Треба еднаш да ја земеме судбината во свои раце, затоа што станавме животно загрозени. Луѓето како да не забележуваат дека се во пробиеното дно на бездната, заведени се, излажани, изманипулирани за некои туѓи цели. Додека сите патолошки појави не бидат отстранети од оваа власт, ние бел ден нема да видиме.
Сега се случува најголемиот тест на народот. Дали сме зрели за формирање едно здраво општество? Прво треба да го заштитиме здравото ткиво во општеството – оние што се кадри и способни, оние чесните што си ја сакаат својата татковина. Во последната деценија се разори она тешко сплотено единство на оние што ја сакаа државата. Се јави и антихристот, кој дејствуваше лажно. Мора да се надминеме самите себеси во колективното несвесно и веќе да не учествуваме во самоуништувањето и да се разбудиме! Зарем не сфативме досега дека сѐ што ни рекоа е илузија? Каде се резултатите? Да сфатиме дека патолошкото ни се сервира како возвишен идеал. Да прифатиме дека станавме осакатени и дека луѓето со вистинско знаење не се на вистинските позиции, туку, напротив, се прави сѐ да бидат исклучени од јавниот живот, од страв дека нивните илузии ќе се распрснат како големиот биг бенг и народот ќе го проѕре уништувањето.

И на крајот, не е само важно да се создаде новото што е сигурност, туку да создадеме општество во кое Македонците веќе никогаш нема да страдаат. Да се случи дефинитивен самрак на паталошко-сатанистичкиот елитизам. А тоа е она што нѐ поткопува во темелите. А тоа веќе требаше да го научиме како народ и како нација.
На македонскиот простор не може повеќе да се изневеруваат базичните вредности без притоа да не нѐ засега сопствениот национален развој. Ете, затоа и денес, на овие бришани балкански простори, кога најжестоко ни се закануваат домашните и балканските циници и програмери на геноцид, како што ги нарекуваше Конески, ние најсилно и несоборливо да се одбраниме себеси.
Во срцата на Македонците ни гори една голема надеж како светлина, светлина што чека од нас да биде распламтена денес, затоа што утре можеби веќе ќе биде доцна.

Мимоза Рајл