Македонија е сѐ што немаме

Не, овој наслов не е преземен од една новинарка, која ламентираше над 32-те изгубени години од 1991 наваму. Тоа е насловот на мојата книга, збирка колумни, објавена уште минатата година и јавно промовирана. Низ хрониките на нашето време, т.е. она што сум го бележела, се обидов ретроактивно да го прикажам процесот на деградација на сè што значи државност, држава, нација, идентитет. Но новинарката сметаше дека сме ја изгубиле (она што ние во науката го нарекуваме) веберијанска држава, т.е. јавен апарат составен од институции, правни норми и јавен сервис за граѓаните. Таа и не забележа дека криминалниот начин на кој низ грло ни беше натурена „Преспа“ беше дел на таа ерозија. Претходно тоа беше Охридскиот договор, а на него се надоврзаа триста „мајски“, „пржински“ и слични ад хок договори меѓу политичките елити и странските губернатори.
Ете, накратко, така ја „снемувавме“ Македонија, и продолжуваме по ист пат – кон бездна и безличност, пробивајќи ја секоја смисла за дното. Тин Ујевиќ ја има кажано оваа ситуација на свој начин: „Одевме по патот. Патот беше долг. Доцна забележавме дека тој пат е круг.“ Ние како да сме го напуштиле и кругот, кој можеби значи стагнација, бидејќи ние „сваког дана у сваком погледу све више и више“ – пропаѓаме. Го прославија Денот на независноста на „нашата држава“ и на „ова парче земја“, тивко, тивко, срамежливо, во тесен круг на „семејството“. Ние другите – кој како… Некому му беше до патриотски наплив, друг куртоазно сметаше дека треба да искаже љубов кон безимената земја, а јас бев меѓу оние на кои не им беше до славење. Некој убаво го кажа тоа: на 8 Септември, Македонија е како стара и немоќна мајка малтретирана од своите чеда, кои на нејзиниот роденден љубат да се сликаат со неа зашто така е редот. Ден потоа, пак е заборавена и згазена…
Ајде да ја прифатам песната што сега ја пее Блажевска за тоа на што е сведена Македонија; еве, настрана идентитетските прашања… Прославата на ајдуците е во ек: си донесоа измени на Кривичниот законик по своја мера и со претходен пазар, па сега или им застаруваат кривичните постапки или се ослободија од иден кривичен прогон за сето зло што го сторија досега („Бехтел и Енка“ и „Онкологија“ се само последниот пример од долгата листа).
Некои сметаат дека ова е вовед во Преспа 2.0, чекор кон уште една промена на Уставот на криминален начин. Но дури и да не е тоа во прашање, дали сме ние нормални? Дали сме ние слободни луѓе кога една багра нè третира како инфантилни и зомбифицирани? Каква е таа казнена политика во која ги намалувате казните за злоупотреба на службена должност (на сите нивоа, на сите институционални позиции) во земја во која отоманскиот башибозук би се сметал за мачкина кашлица? Зошто ние би плаќале драконски (мандатни) казни за сообраќајни прекршоци, кога тие или се судат условно или делата ќе им застаруваат дури кажеш „кекс“? Како може заштитата на дивечот да биде поголемо зло од кршење на законот при вршење јавна функција?
Остана ли некој нормален овде? Еден колега професор ќе застане во одбрана на ваквата „политика“ (т.е. дил) договорена буквално прекуноќ, без никаква дебата, без никаква експертска консултација или анализа, очекувајќи дека сега судиите со полесно срце ќе изрекувале казни за ваквите дела, оти оние досегашните биле „како од 19 век“. И оп! Ете ти го оној што се нарекува премиер како ехо ја повторува сентенцата на професорот, па зборува за 19 и 21 век!?

Во своја одбрана од јавните реакции, професорот кривичар ќе цитира еминентен странски колега (Том Тајлер, Зошто луѓето го почитуваат правото, 2006): „Луѓето го почитуваат законот ако веруваат дека е легитимен, а не затоа што се плашат од казна“. Еве да го довршиме воведот со кој „Принстон јуниверзити прес“ ја промовира оваа книга, па заклучете сами: „Тајлер сугерира дека законодавците и спроведувачите на законот би сториле многу подобра работа кога би ги направиле правните системи достојни за почит отколку да се обидат да всадат страв од казна. Тој открива дека луѓето го почитуваат правото првенствено затоа што веруваат во почитување на легитимната власт“.
Всушност, тука нема ништо спектакуларно ново од времето кога и јас студирав право на истиот факултет: политиката се води во границите на правото, тоа ја ограничува (суштина на конституционализмот сфатен како ограничена власт). Правото е најефикасно кога се прифаќа како дел на една општа правна култура, па дури и морален светоглед. Санкцијата се нарекува секундарна диспозиција на правната норма, т.е. следува само кога и ако оние на кои нормата се однесува не ја почитуваат. Но правото добива легитимитет само кога е креирано во транспарентен и законит процес. Само тогаш граѓаните знаат зошто некоја казнена политика се менува (од полесна кон потешка или обратно). Суштината на правото, особено казненото, е дека сите сме еднакви пред законот. Но во нашиот случај некои се поеднакви од другите. Санкциите (барем теоретски) не се одмазда, туку мерки за генерална и специјална превенција – генералната значи дека на сите што сведочат на казнената политика нема да им падне на памет да вршат злодела бидејќи ќе ги стаса казната: специјалната превенција е „оправање“ на оној што бил извршител.

Новите законски промени не само што не ја исполнуваат оваа функција туку дејствуваат контрапродуктивно. Ниту законот е сменет на легитимен начин, ниту тие што го смениле кај јавноста уживаат доверба. Толку од Том Тејлор. Но кај нас би требало да се напише студија со ист или сличен наслов: „зошто граѓаните молчат кога правото нема легитимитет, а ни легалитет?“ Од каде оваа апатија и зомбификација?
Овој последен чин е само врвот на фарсата започната под парола „нема правда, нема мир“. Во земја во која владее култура на неказнивост, во која судиите повеќе се плашат од црната листа на амбасадорите отколку од граѓаните, земја во која нема контролни механизми над оние што управуваат со нас, да намалиш казни за најчестото кривично дело што го вршат оние на кои им е дадена јавна власт (во наше име) да вршат функции од општо значење, а кои и досега си функционирале според принципот „врана на врана очи не вади“ – е само средство за поттикнување на криминалот. И создавање поголема потчинетост на оние што не се носители на функции, бидејќи тие ќе одговараат пред непроменети казни за банални дела. Тие (ќе) тренираат строгост врз нашите грбови, додека удобно ги злоупотребуваат фотелјите и функциите.
Ова боли, многу боли на втората годишнина од трагедијата со модуларната болница во Тетово, за која веќе и врапчињата знаат дека буквално никој (освен кабелот) не понесе ни политичка, ни морална, а најмалку кривична одговорност… И се случува за време на скандалот со онкологија, за која секоја напатена душа ќе ви каже дека не е инцидент, туку системска појава во целиот болнички систем. Штедат на пациенти (особено сиромашни и безначајни), им кратат на храната и на услугите, не дај боже да си старец/старица – ќе те остават да умреш. (Тоа го доживеав со мајка ми минатата година, која додека се задушуваше, операторот на брза помош бараше да разговара со „пациентката“ за да утврди дали ѝ треба помош. Побудалев, почнав да го пцујам и да му се заканувам дека ќе се најде на насловна страница ако веднаш не прати возило. Тој „увреѓен“ ми вели: „Госпоѓо, вие ми се заканувате, правите кривично дело!“ Му одговорив: „Ти правиш кривично дело ако не го направиш она за што те ставиле таму и жената почине!“ Колата стаса – доцна… мајка ми веќе падна во кома.) Кога сме кај брзата помош, во целата земја има 183 медицински возила наспроти 2.600 удобни службени возила за нечии дебели газиња.

Не, драги колега, овде ниту политичката власт има легитимитет, ниту законите што ги носи – дури и кога се завиени со европско знаменце како со смоквин лист да ја скријат божем голотијата на нивната морална беда. Стариот добар Маркс велеше дека правото е волјата на владејачката класа подигнат на степен на закон. Ленин ја разоткри суштината на парламентот како место за млатење празна слама, место без никаква моќ, место што служи како параван за оние што на друго место одлучуваат за своите привилегии и казнуваат секаков отпор. Протестите, кои се во тек (еден ќе има и вечерва за случајот „Онкологија“), навидум се издувен вентил: ќе се извикаш, ќе фрлиш неколку пцости, ќе им кажеш гласно колку се одвратни – и си одиш дома. Со оглед на сите болештини што ја навалиле нашава мајка Македонија, овде е потребен генерален штрајк! Парализа на целиот систем додека не дојде до промени. Потребни се меѓусебна емпатија и солидарност (меѓу старите и младите, меѓу пензионерите и студентите, меѓу луѓето од различни групи и струки). Бидејќи освен малата каста на политичари (на власт или опозиција сеедно, сите живеат како бубрег во лој со 78 отсто повисоки плати, додатоци и неказнивост), сите други сме жртви на нивната неодговорна и ненародна власт. Од толку одење во Грција можевме барем да научиме од нив како се организира генерален штрајк, како се протестира – ама жестоко, не со игри и песни и солзи. Македонија не ниже јубилеи на државност или независност, бидејќи нејзините граѓани се престорени во вазали. Македонија буквално изумира. Она нивно „Ние сме Европа“ е подбивање со стварноста, која гласи „ние сме онкологија“. Цитостатици може веќе и да не дејствуваат, а отстранувањето на метастазата бара радикални мерки. За спас на пациентот.