Либералната дилема на Европа

496

По победата на Макрон и враќањето на пролибералното крило во Словенија, либерализмот во Европа доби светла надеж дека ќе може да преживее и да се консолидира. Европскиот либерализам, кој е под притисок веќе подолг период барем во безбедносна смисла, има повеќе од потреба за тоа. Најнапред мигрантската криза и реакцијата на исламскиот насилен екстремизам го воскреснаа европскиот национализам, кој се преслика во десничарски движења со насилна агенда. И кога се мислеше дека тоа е заканата што го демне европскиот либерализам, порастот на Кина и на Русија, секоја на свој начин, и нивната амбиција за редефинирање на моќта, па дури и подготвеноста на Русија да го стори тоа преку сила повторно ја наметна потребата од консолидација на Европа. Тоа само по себе го реафирмира прашањето за отсуството од единствен глас на Европа, за да има стратегиска релевантност. Во исто време како никогаш досега на разни конференции и настани на кои присуствуваат и дебатираат врвни експерти од доменот на меѓународното право, меѓународната безбедност и меѓународните односи се повторува или артикулира познатото реторичко прашање на Кисинџер, ако ни затреба црвен телефон, кому да му се јавам. На Брисел, Париз, Берлин… или кому?
Без разлика што оваа фраза има повеќе слични верзии, по инвазијата врз Украина, потребата од единствена европска стратегија кон Русија во екот на операционализацијата на европската амбиција за стратегиска релевантност е повеќе од евидентна. Во тој контекст, гледано од друга перспектива, со оглед на тоа што зародокот на новиот светски поредок е почнат, без разлика каков ќе биде исходот од него, ако Европа сака место што ќе ѝ обезбеди стратегиска релевантност во тој свет, мора да реагира кохерентно. Последното е релевантно уште повеќе поради фактот што по вербалното единство и по консолидацијата на економски план до одредена мера во реакцијата против Русија поради инвазијата врз Украина, пареата што се крена како да ја загуби потисната моќ да ја испрати локомотивата во посакуваната насока.
По првичната дипломатска врева и прашината што се крена против Русија, она што во пракса може да се забележи, секако, без да се заземе став (бидејќи за тоа сѐ уште е многу рано) е дека односот на ЕУ кон Русија не само што не е единствен туку е во спектар.

Од крајно агресивен став кон Русија, главно од владејачките политички табори, преку неутрален став, до крајно позитивен став или проруски став (кој е во директен конфликт со владејачкото мнозинство или официјалниот владин став по однос на Русија). Она што загрижува е што дури и во водечките земји што би требало да бидат лидери спектарот на однос кон Русија е евидентен. Тоа само по себе не само што ја артикулира кризата на либерализмот туку наметнува дилема дали воопшто водечките либерали се свесни за потребата од промена и приспособување. Како посебен проблем за европскиот либерализам, феномен што станува сѐ појасен од неколку еминентни дебати на темата низ регионот, е и дека квазилиберализмот има заземено сериозни позиции на водечки места, кои сами по себе се исто толку сериозна закана, како и наездата од Русија и од Кина. Само како за илустрација, секогаш кога на овие дебати ќе се понуди став или теза дека либерализмот мора да се промени и да се ревидира, не да прекине или да се замени со авторитаризам, притоа и да се дадат аргументи за тоа кои се предизвиците, дали во безбедносен контекст или економски, односно, дипломатски, првата работа што квазилибералите ја прават е да се нападне предлогот со рамка на „анатемисување“ дека предлогот да се сменат некои работи што се „пуш“ (туркаат) или „пул“ (влечат) фактори во негативна насока. Притоа, не се битни аргументите (барем по од пет до шест, кои се даваат како причина за предлогот). Меѓутоа, она што најверојатно загрижува кога е во прашање Европа е историски цикличната арогантна игнорантност да се разберат грешките од минатото. Доволно е да ги исчитате односите пред Првата светска војна или, пак, оние пред Втората светска војна за да стане јасно на што алудира претходната теза. Земете ја Германија на пример. Германија е една од државите што се исправени пред сериозна дилема и која поради одбивањето на Зеленски да го прими претседателот на Германија поради блискоста со Путин, но и поради политиката на иницијалната воздржаност околу испорака на оружје е под лупа.

Во исто време, не може, а да не се забележи дека Германија направи голем исчекор во редефинирање на одбранбената политика или ја сврте посветеноста кон политика за 180 степени, токму поради војната во Украина. Сепак, многумина прашуваат дали тоа е доволно. Дали либерално-заглавените бирократски рамки (кои се направени со добра намера) не се најголемиот извор на кочница за ефикасност против хибридната закана, која успеа да ги претвори во слабост токму овие либерални продукти на контрола на власта и функционирање на претприемачки основи. Причината зошто ја ставаме Германија на тапет е затоа што ако некој е подготвен и агилен за промени во ЕУ со брзина на светлината во однос на другите земји (како нација) тоа е Германија. Далеку дека тоа е совршено и без предизвици, ама Германците како нација историски биле најефикасни во промените и знаеле да се издигнат од пепел. Ако тие имаат проблем, а го имаат, посебно поради бирократијата и посебно поради подготвеноста за радикално откажување од некои ултралиберални пракси. Само како за илустрација, Германија го одби барањето на Украина да добие 100 тенка. Германија сѐ уште не може да се откаже од рускиот гас. Германија сѐ уште е убедена дека со Кина и со Путин најоптимално би се справиле преку дипломатија. Како и многумина европски лидери германскиот естаблишмент на целиот проблем гледа низ либералната матрица. Тука е и грешката бидејќи оној што треба да ја користи таа матрица знае како да ја манипулира. Она што е позагрижувачко, на пример, е што Германија во интерпретацијата на преговорите во Минск, по анексијата на Крим, ја интерпретираше формулата на Штејнмер (поранешниот министер за надворешни работи на Германија, Франк Волтер Штејнмер) исто како што ја интерпретираше и Русија.
Штејнмер беше шеф на кабинетот на Шредер и беше и најголемиот адвокат за Норд Стирм – 2. Само како за потсетување, целиот концепт на кој се заснова оваа политика датира од времето на Студената војна, позната како Ostpolitik. Идејата на оваа политика е да се развијат односи и кооперативност без да се потпирате на проекција на сила или воена моќ. Идејата оттука била да се развијат добри односи со земјите од СССР, особено со Источна Германија од тоа време. Оваа политика, која е доминантна во лидерството кај Унијата, ја направи Унијата економски џедај, но на безбедносен план „росен зајак“, кој стрепети од вистинска акција.

Во пракса, европскиот либерализам се соочува со најсериозната борба, а тоа се демоните што сам ги создал – ултралибералната администрација и пацифизам, со силно нагласена економска политика базирана на либерални вредности. Тука, уште еднаш, да се разбереме, нема ништо лошо. Лошото е во тоа што оној со кој ЕУ треба да трча во трката на новиот геостратегиски поредок има клон на европскиот либерализам, кој ги генерира сите грешки, негативни и нуспојави, стабилитократијата, двојните стандарди, поткопувањето на традиционалните вредности и наивноста на безбедносен план. Само колку за илустрација, погледнете како либерализмот во добар дел од Источна и пред сѐ во Југоисточна Европа во изминатите 30 години го исуши безбедносниот сектор, верувајќи дека либералната доминација ќе трае вечно. Земете ја структурата на лидерите во овој регион и ќе видите дека помалку од 5 отсто од лидерите во овие земји имаат основно безбедносно познавање, да не зборуваме за чувство за геостратегија. Европа може да го надмине овој проблем, драги мои, само ако успее да го победи апсолутниот идеализам со кој наивно е затруено либералното водство за тоа дека може да ги брани добронамерните, ама наивни пацифистички вредности во апстрактна форма (привидно). Тоа, да го преведам во пракса, е како да убедувате некој со кој сте во конфликт дека перото е посилно од мечот, ама каде што тој е со меч во рака, а вие со перо. Да, во преносна смисла, максимата има смисла. Ама ситуацијата е далеку од тоа дека проблемот може да се израмни со преносна смисла. Проблемот е буквален и се случува. Затоа либерална Европа мора да направи жртва и да започне да сече таму каде што најмногу боли, ако сака да остане тоа.

Методи Хаџи-Јанев

Авторот е универзитетски професор, придружен професор
на Државниот универзитет во Аризона, САД.