Клуч за УКИМ!

Секое пијанство има свои последици, а завршува или фатално или со отрезнување. Фаталното е траурно, а отрезнувањето е долготрајно и болно. Така, предупредувачкиот протест на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) донесе повеќе фрустрација отколку чувство на достоинство заради (конечно) кренатиот глас. Се соочивме со фактот дека нашата „опиеност“ со сопственото значење се судри со актуелната власт, но и со јавноста, која не само што не покажа разбирање туку покажа и злорадост („да им се покаже на тие (лоши) професори каде им е местото“).
Патот за дискредитација во медиумите беше поплочен со неколку божем дебати, бидејќи синдикалците го кренаа, иако срамежливо, гласот за срамното ниво на платите. Тие беа губење време, повторување на исти рефрени и потурање со пепел за наводната сопствена вина. Уште самокамшикување недостигаше пред циничните новинарки, кои се потсмеваа спомнувајќи го „Шангај“, без абер да имаат за што зборуваат. Дискурсот модериран и насочуван од медиумите во насока на перење мозоци, а потоа преземен и примитивизиран на социјалните мрежи. Како тоа професори бараат пристојни плати и услови за работа во вакво време!
За волја на вистината, не поминаа подобро ни наставниците од основните и од средните училишта со штрајкот, што зборува за општиот статус и углед на образованието во општество во кое луѓе се борат за живот и си бараат жртви во Учителите. Важно војската, полицијата, здравството и правосудството си добија повисоки плати без воопшто да се побунат и заканат со штрајк. Да се разбереме, мојата теза од поодамна е дека вештачкото подигнување на минималната плата (без реална поткрепа во економијата, т.е. кај оние што го создаваат доходот) беше непромислен чекор. Очекувано, тој повлече реакции поради нарушување на односот и коефициентите на сложеност на трудот и некои други параметри. Само неук и владин апологет нема да види дека секое подигнување на плати/пензии се врши на сметка на зголемување на буџетот, и тоа главно со задолжување на државата.

Овде фокусот е на еден друг аспект на проблемот: ние, во високото образование (и УКИМ, особено) сме најнеомилената професионална група. Социјалната солидарност и заедништвото никогаш не нѐ краселе. Дури и во рамките на ист универзитет, едни земале астрономски плати, додека други живееле на работ на срамот – без оглед на придонесот во научната афирмација. Разликите во социјалниот статус на професорите од еден државен универзитет до друг се уште поголеми. За илустрација, колегите од Тетовскиот факултет се вџашени кога ќе слушнат за колку малку пари работиме на УКИМ. Слично е и со „Мајка Тереза“ и некои други. Накратко, кадарот на најдобриот универзитет е најмалку платен и обратно, според статистичките податоци, полошите од УКИМ, никој не ги чепка, бидејќи имаат статус на заштитени мечки, а платите на вработените им се двојно повисоки. Ќе чуеме, УКИМ живее на стара слава. За волја на вистината, УКИМ и натаму е најпрестижен универзитет, дури и ако е на дното на ранг-листите. Не е новина дека само тој се детектира и како-така го обелува образот на македонското високо образование. Мнозина од нас имале понуди да работат на приватните универзитети (дури и кога тие нудеа баснословни плати, незамисливи за матичниот универзитет), ама „името“/угледот ни значел многу повеќе и сме одбивале да направиме „трансфер“ или да работиме на „тезги“. Она што го заборава јавноста е фактот дека за да паднеш на некоја ранг-листа, значи дека претходно си бил на неа; оние што никогаш и не се искачиле и не постигнале степен на видливост се заштитени од „срамот“ на паѓањето, меѓутоа останува сознанието дека тие и вака и така се на дното. Тие се невидливи за јавна критика и суптилно негувани поради мотиви што немаат врска ниту со квалитетните знаења на студентите ниту со научни резултати на професорскиот кадар. Зачудува што најголемиот дел на гласните оганофрлачи во државата врз УКИМ, од инженери, лекари, наставници, па и новинари што сега нѐ срамотат, произлегле од УКИМ. За родителите што сакаат најквалитетно образование за своите деца, сепак, УКИМ е првиот избор.

Новинарите (со дипломи од УКИМ) божем зачудено прашуваат „зошто УКИМ про/паѓа“ и како крунски „доказ“ ќе ја извадат Шангајската листа. Така, во секоја божем конструктивна дебата, во почеток ве поставуваат во дефанзивна положба, па професорите гости речиси се правдаат, дури и извинуваат. Никој да спомене дека инфлацијата на универзитетите (што државни, што приватни) не само што го доведе најдобриот универзитет до питачки стап (да не може греење и струја да плати, а не пак да издвојува за наука и модерни наставни методи), туку и рефлекторите на јавните судии и цензори ги свртува исклучиво на него. Ниту еден друг универзитет не е подложен на ваков јавен третман, дури и кога се краде од студентските фондови или се делат дипломи и без да го видат студентот. Веќе е дегутантно да се повторувам, но предизвикана сум. Без да се земе предвид целината на високообразовниот систем, не може да се дојде до суштинското прашање: зошто државата не се стреми кон извонредност (excellence/brilliance), туку кон непринципиелна битка за студенти, со гарантирање поголема „проодност“ и штанцање дипломи? И дали оваа држава сака најдобрите да ги вработи на вистинските места? Чуму извонредност, ако елитите се алергични на неа и ако веќе си направиле „свои“ универзитети? Основен показател дека високото образование не го земаат сериозно е нововработениот кадар на УКИМ, кој „морално“ е да ги помине партиските филтри.
Ќе си дозволам да бидам пристрасна како професор пред пензија: како ниту еден друг универзитет, УКИМ бил секогаш предмет на бизарен однос на власта, кој може да се опише како мешавина на „љубов и омраза“. Нема политичка елита што не сакала да го стави УКИМ под свое, ама и да го држи дисциплиниран за да не стане совест на општеството и двигател на некои за нив непожелни тенденции. Во таа „смртоносна прегратка“ институцијата се крши однатре, се наоѓа точката на топење кај поединци (професори, декани, ректори), кои или биваат кооптирани во политичките кругови или се ангажирани како советници и носители на функции блиски до носителите на власта, или се денунцирани и озлогласени како неспособни, корумпирани, мрзливи, политички некоректни итн. УКИМ е огледало на општеството, но и општеството се отсликува во него. Во таква ситуација се оди по линија на помал отпор, па се негува послушнички дух или симболички се отстрануваат „црните овци“ – без оглед на научната тежина на нечија кариера и придонес за афирмација на УКИМ и на Македонија. Онака како што ја девалвираа целата држава (државност), така се однесуваа(т) и кон УКИМ, за кој повремено правеа и испитување на јавното мислење: дали треба да постои или да се растури. Сега постои, полурастурен.

Далеку од изненадувачки за постарите, но за помладите колеги реакциите по протестот беа депримирачки. Обичниот граѓанин покажува неверојатна жестокост во осудата на професорите што се дрзнале да побараат доцент (доктор на науки и наставник што морал да достигне некои повисоки стандарди од колегите со кои студирал) да има плата повисока од секој државен службеник. Фамата дека професорите се богати е далеку од вистината, а најлошиот судија добива две плати на редовен професор. Но кога професор со највисоко научно звање и исклучителни научни резултати ќе каже дека е платен 39.000 денари, одговорот е дека има сиромашни што живеат со 5.000 денари. Жестокоста зачудува затоа што толкав негативен набој нема ни во осудата на политичарите! Ни кон судиите со 8 отсто доверба! За тоа сме и самите виновни поради молкот и самопонижувањата проголтувани во име на „мир во куќа“, финоста и покажувањето разбирање за состојбите на другите, грижата за државата, но и експонирањето на одредени колеги во политиката на најнедостоен начин, па јавноста веќе не прави разлика. Во континуитет, веќе 30 години, секоја политичка гарнитура се потпира на принципот на „одмазда на понављачите“. Ќе оплескаат еден-два мандати, ама народот пак ги избира, гласа за нив, излегува на митинзи итн. Им простува за тоа што земјата ја доведоа до ова дереџе!
На професорите, сите на куп, без селекција, им се прилепува пресумцијата на вина – тие се виновни за сѐ, нека виси Педро/УКИМ, јадат леб преку погача, ајдуци се, неспособни се – и ги нема на Шангајската листа! За Шангајска листа зборуваат луѓе што не прочитале ни еден научен труд, ама знаат дека тоа е некоја референтна точка. Комичноста се дополнува со секојдневието. Небаре системот ни почива на позитивна селекција, напредување по заслуги на најдобрите, а не по етничко-политички клуч, во кој и лепењето плакати за време на избори или дури и пишување „мотивирачки фејсбук-статуси“ се наградува со директорски места или мрсни хонорари. Вистина е, на пример, дека Катица Јанева завршила Правен факултет на УКИМ, ама добила просек 6,00. Но тоа не им пречело на оние што ја избраа за специјална јавна обвинителка, и тоа на сметка на еден од најдобрите професори на истиот факултет. Ние ги оценуваме студентите во еден дијапазон (од 6-ка до 10-ка), кој на општеството треба да му е ориентир кој со какви знаења и способности располага. Но кога критериуми нема, мотивацијата паѓа и кај студентите и кај професорите. Уште во прва година студентите прашуваат: а зошто да се борам за повисок просек кога за работа ми треба партиска книшка? Или вујко владика…

Врз основа на сериозни студии, многу колеги укажуваа зошто УКИМ пропаѓа, нудеа решенија и предлози како нештата да тргнат кон подобро. Но кој да чуе, кога е полесно да ги држиш умните на кратко јаже да не те загрозат? Решенија има, ама во држава во која имаш премиери со легендарен IQ, кому му требаат умни и способни луѓе? Затоа младите и најдобрите заминуваат; затоа не можеме да вработиме солиден кадар, кој бара подобри перспективи наместо да работи на раб на егзистенција и без никаков општествен углед; затоа не можете да мотивирате професор, освен огромниот фонд часови (на прв, втор и трет циклус) уште и да создава, истражува и објавува во светски списанија, од свој џеб и во слободно време; затоа нашите „меѓународни“ конференции се организираат во Охрид или евентуално во Ниш и во Тузла. Во држава што глуми дека е држава (и дека е загрижена за Шангајската листа) и ние почнуваме да глумиме високо образование и наука.
Штом дојдовме дотаму да е срамота да се биде професор од УКИМ, па треба да се извинуваш и да објаснуваш пред полууки, да се посипуваш со пепел за да не те видат како арогантен и да ти се смилостиват – подобро нека му стават клуч на УКИМ! Ако народот е посреќен со другите универзитети, нека биде така. Почнете да се лечите кај кадри од Тетовски, нека проектираат кадри од МИТ, или одете кај стоматолози од Европски, учете кај чичко Мерко за да станете министри, зашто УКИМ ќе го снема. Навикнувајте се навреме. Ако ни тргне и без кадрите на УКИМ, тогаш и формално нека се затвори институцијата на која пред две години со гордост ѝ славевме 100-годишнина. Оние што ја нагазија нашава земја не трпат ни слободна интелектуална ни критичка мисла, на најдобрите не им простуваат, сакаат да ги снема. Дури и институциите, како УКИМ, кои во секоја друга држава се столб на националната гордост, напредок и развој.