Јас го имам тајниот мистичен клуч на Ватикан

Уф! Нордистанското пучанство експертски се трансформира како оние трансфореми што од камиони стануваат роботи. До вчера им се восхитував на експертизите за царински политики, а веќе денес сум опкружен со врвни теолози и биографи на папата Франциск, Бог да го прости. Тоа што речиси никој поим нема дека и нашата православна црква е католичка, оти соборна, а онаа другата римокатоличка, не ги спречува да знаат сè и сешто за сите можни теолошки детали со кои ни ги збогатуваат празните животи.
Лукавиот сака празни муабети, ама тоа не е важно, оти овде се сеекспертите кои ни го осветлуваат битисувањето како… па како расипана неонка што бесмислено трепери за да покаже дека е тука и некој треба да ја замени. Проблем е што најчесто сеекспертиве по социјални мрежи, низ маало, по сокаци, во молови и кафеани, се незаменливи сезнајковци и ако се обидеш да им објасниш дека не е баш паметно да се пенават за сенешто, убаво ќе ти кажат дека ја немаш нивната елоквентност и затоа тресеш зелени.
Значи се упокои папата Франциск и ме заплискаа такви жестоки експертизи што помислив дека сум со години вработен во Ватикан, и тоа како кардинал Анџело Војело. Си реков, уф, па јас сега знам сè за ватиканската историја, папизам, мистерии, мистификации, сатанизации, ритуали, тајни ходници, временски лифтови, скриени вистини, врамени лаги што можам без око да ми трепне да станам новиот папа Пио XIV, бидејќи Џад Лоу веќе беше Пио XIII.
А-ха, бел чад, значи избраа нов папа!
А, не, тоа Русјаков го спалија, оти проба да го узурпира престолот.
Па како, човече, му успеа да влезе на конклавата?
Е па, лесно, од експерти блиски на бесконечноста на вселената и она другото што оди во комбинација со репликата, ги откри тајните клучеви за ватиканските подземни ходници, скриени библиотеки и масонски лавиринти, па им се бапна среде конклава и проба да се самопрогласи за папа воз а ролинг стоун.
Ете, многу експерти верници им се налутија на атеисти, кои имаа да кажат убави зборови за упокоениот папа, затоа што тој крена глас против нееднаквоста, сиромаштијата, геноцидите, војната. Истите тие експерти верници најчесто им се лутат и на своите свештеници, откако од пазар ќе се бапнат на литургија, да запалат свеќа, да ја измачкаат иконата на Пресвета Богородица со десетденарка, па да разврзат комшиски муабети со оние другите, кои од пазар се бапнале на литургија и откако свештеникот ќе им посочи дека храмот не е автобуска станица, лути излегуваат надвор за меѓу себе да споделат експертиза од типот, а бе го знам јас тој поп што мустра е, жена ми го знае неговиот втор братучед, едно ѓубре од човек што просто ми е срам да… и така натаму. А можеа едноставно, наместо да им се лутат на атеистите, да им подарат Евангелие, барем на оние што лично ги познаваат, за да видат нивните ближни, кои не веруваат во Бога, а го почитуваат папата поради делата, од каде и од Кого учел така да се однесува.

Значи, браво Русјаков, како им го плесна на вернициве, еве, јас на пример, атеист сум, ама папава, човече… еее, нашиве попови да беа такви како него.
Голем број наши свештеници не само што го зборуваат истото туку и на дело, колку што можат, меѓу својата паства го спроведуваат, само што ги нема на телевизија како папата.
Е да бе, глупости! Сите наши попови возат џипови.
Прво, тоа е бесмислена невистина, а второ, ако веќе ти е битна материјалната состојба, папата има цела држава.
Ајде, ајде, видов еден поп како се однесува. Сите попови се исти. Алчни, дебели и возат џипови.
Исто мислење имам и јас за вас докторите. Сите сте корумпирани.
Како бе, така?
Па знам еден доктор што бара мито од пациентите, значи сите сте исти.
Бесмислени се верниците што осудуваат сè што не се совпаѓа со нивниот светоглед. Бесмислени се атеистите што својот атеизам го живеат како религија. А најбесмислен од сите сум јас, кој со сето срце, ум и душа знае дека Христос е животот, патот и вистината, ама никако да почнам да го одам тој пат за навистина да живеам. Лошо семе сум, она посеаното на трње, кое, „грижата за овој свет и примамливоста на богатството го задушуваат“. Ако не ви е сосема јасно што пишувам, се вика парабола за сејачот и ја има во Евангелијата. Додуша, богатството ми е апстрактен поим, најчесто го замислувам од позиција на постојана сиромаштија, ама грижата за овој свет, тоа е суштината. За гревовите што ги носам подобро да не пишувам.
Како и да е, се упокои папата и довчерашните експерти за царински политики, а веќе утре експерти за радијација и климатски промени, станаа експерти по теологија. И јас се вклучив во дебатата, па се обидов да им објаснам дека ако ја слушаат песната „Опрости ми папе“ на плоча наопаку, всушност ќе ја слушнат онаа песна на „Битлси“, која слушајќи ја наопаку зборува за сатаната што си купил мрежи за да ги фрли врз луѓето како социјални битија, ама ме исфрлија од муабетот зашто ме прогласија за христијански бот, па се свртев кон англиските теолошки статистичари, кои објавија дека секогаш кога се менува папа, англиски тим освојува Лига на шампиони и гадно се изнервирав. Може оваа година ќе биде Арсенал, а не Ливерпул. Потоа се сетив дека експертите ми го открија мистичниот клуч на Ватикан, па се фатив за џебот од мантијата, видов дека клучот е таму и погледнувајќи се во огледало ми стана јасно дека сум кардинал Анџело Војело, што значи, глупо е да се нервирам за Ливерпул кога навивам за Наполи.

За да биде бељата поголема, папата Франциск почина на Велигден, па освен теолошки експерти се јавија и оние за божествена идеологија. Левичари рипнаа да ни објаснат дека Исус бил левичар и социјалист, на што дотрчаа десничари за да докажат дека Месијата отсекогаш бил демохристијанин. Мене само ми се појави сликата на која лево и десно од Господа на крстот, распнати се разбојници. Фала му на Бога што нашиве фактчекери ми ја намалуваат гледаноста на колумната, но и без тоа никој не ме чита, оти по овој пасус веднаш ќе се јавеа леви и десни експерти за Голгота за да ни објаснат дали левиот или десниот разбојник заминал со Господа во Царството небесно, иако тоа не е суштината на она што се случило, туку покајанието.