Политиката некогаш може да биде многу тешка и стресна работа. Особено за време на изборите. Политичарите ги доживуваат возбудувањето на победата и агонијата на поразот, како што некој велеше за спортот. Не се сè наслови и слава. Има многу тешки моменти и разочарување. Сѐ повеќе ми изгледа дека ќе има такви на овие избори. Целиот изборен амбиент лесно може да стане неподнослив – за некого. Ако веќе не е. Обидете се да ги сфатите изборите како да се холивудска драматизација на демократијата. Со вистината се претерува, емоциите се манипулираат, се ветуваат и се кажуваат лаги – сето тоа во потрага по добра приказна. Ние, јавноста, имаме две опции. Можеме да уживаме во изборниот циркус, да го следиме наративот, да дебатираме и да се расправаме или да ги искористиме изборите за да ги тестираме нашите сопствени ставови. Или едноставно можеме да се исклучиме до денот пред гласањето и да прочитаме добро резиме на клучните политики.
Со години во македонската политика сѐ се менува, а сѐ останува исто. Возбудата и тагата, депресијата и радоста го следат секој изборен процес. Овој посебно, со оглед на неговата поларизираност и задоцнетост. Сакале ние да признаеме или не, изборите предизвикуваат вознемиреност кај политичарите и имаме добра причина да веруваме дека изборите сепак се трауматичен настан за нив. А богами и за нас после сѐ што преживеавме во последните седум години. Симптомите на депресија, тага, осаменост и замор се чини дека се вообичаен одговор на изборната загуба.
Но кога тоа се случува пред изборите тогаш сериозно треба да се загрижиме колку политиката ги окупирала чувствата и животот на граѓаните и политичарите. Луѓето обично не зборуваат за политика во иста конотација со тагата и несреќата, но двете се потесно поврзани отколку што можеме да сфатиме. Психолозите долго време ја препознаваат депресијата како чест одговор на загубата. Но депресијата пред загубата во политиката, тоа сепак малку е невообичаено. Уште сега се чувствува длабок и застрашувачки очај од губењето на власта. А велат дека анкетите не биле важни и дека вистинската анкета ќе била на денот на изборите. А тие потонати во депресија пред изборите да се случат. Депресијата е една од петте фази на тагата, заедно со негирањето, гневот, договарањето и на крајот прифаќањето и, секако, доказ дека сте целосно болно свесни за поразот што следува. Можеби и не толку за политичкиот пораз, колку за последиците од истиот тој.
А како да не бидете депресивни кога ве одминува иднината што сте ја очекувале и посакувале за себе. Полека исчезнува „северна Македонија“ во која сте верувале, земјата што ги претставуваше вашите вредности и желби и сонот за Европа за кој ја продадовте државата. Ужалени ја губите својата вашата визија за тоа што е Македонија, додека сте соочени со новата реалност. Исцелувачката тага, сепак, бара од вас неволно да ја прифатите реалноста, наместо да ја негирате и да жалите за изгубеното.
Очигледно, како што гледам, избориве длабоко ги погаѓаат социјалдемократите емотивно, а страста што ја чувствуваа во годините кога победуваа со силна поддршка однадвор, ја заменија стравот и депресијата од сѐ поизгледниот пораз на истите тие. Изгледа престанаа да веруваат во чуда и ја изгубија довербата во нивните ментори однадвор. Знам дека власта и нејзините поддржувачи ќе бидат мизерни поради исходот од изборите, зашто ептен им легнаа власта и привилегиите. Заборавија дека демократијата е процес, а не статична состојба и дека власта лесно може да се изгуби, но никогаш да се добие целосно. Како да барам од рециклирани комунисти да разберат дека промената на власта е суштината на демократијата и дека помина времето кога власта ја добиваа во наследство од нивните родители.
Можеби токму затоа за многумина овие избори генерираат чувство на страв и беспомошност и сѐ повеќе стануваат трауматичен настан. Еве да бидам искрен: не ги споделувам со нив загриженоста и вознемиреноста од претстојните избори. Не толку дека можеме да ја изгубиме демократија, да бидат поткопани нашите лични слободи, или да биде еродирана националната безбедност, колку што некој ќе ги изгуби привилегиите и профитот од занимавање со политика. Според моето сфаќање, што е, без сомнение, носталгична заблуда, политиката треба да има форма на расправија меѓу разумни луѓе за најдобриот начин да се решат проблемите на земјата. За жал, политиката на оваа власт во последните седум години ме убеди дека може да градите ставови без докази, расправа со навреди, деструктивност наместо конструктивност, глупост наместо здраво разумско расудување.
Затоа е потребна промена на власта. Колку и да е болна и трауматична за некого. Викањето и тропањето по бината нема да помогнат во тоа. Напротив.
Проф. Звонимир Јанкулоски