И онака сите ќе умреме

Добро, не ти е срам?
Зошто? Што направив сега?
Биваше да ми го заборавиш роденденот?
А, не, драга моја! Јас со такви глупости веќе не се занимавам. Откако Кале Анѓа ми рече да го заборавам минатото и да гледам само во иднината, детали од типот кога си родена, сосема се небитни.
И што гледаш таму… во иднината?
Сите ќе умреме.
Ма, ти не си нормален!
Почнаа роднини, пријатели, соседи да ме гледаат попреку. Не им честитам родендени, годишнини, не одам на слави, помени, ништо веќе од тоа не ме интересира. Откако ги открив задоволствата на гледање во иднината, ни сегашноста не ме допира. Денес ќерка му матурирала. Па? Важно е што ќе бидне во иднина. Ме кани на гости, син му докторирал астрофизика. Е, веќе многу важно! За таквите како него забегани научници, згора на сè, евроскептик и антимилитарист, а не е во партија, јасна е иднината. Ќе вози такси.
Значи многу ти е сладок малиот!
Што сладок? Кој мал?
Луј Мал… А бе ти зборувам за детето. Твоево бебенце е така слатко, косичката виткана како на татко му, очите зелени како твоите.
Оди лечи се, бе!
Таа си мисли ако не го нашла човекот на својот живот и е далеку од бременост, јас не можам да знам што ќе роди. Чуда се случуваат кога ќе престанеш да се ѕвериш во минатото и почнуваш да зјапаш во иднината. Додуша, пазарџииве на Кале Анѓа, на ваги што ја мерат вистината, ме исправија. Бебето за кое Русјаков тврди дека ќе има зелени, всушност ќе има сини очи. Така напишаа. Добро сега, тие се искусни гледачи во иднината, ние почетниците може и да згрешиме.
Ме загрижи малку фактот што пријателите почнаа да ме избегнуваат. Не злонамерно. Загрижени се. Се собираат и разговараат за мојата душевна, емотивна состојба. Се прашуваат дали ми е потребен разговор со психијатар. Треба да им објаснам дека во нив е проблемот. Премногу се повикуваат на искуства од минатото, демек кога човек ќе почне да се однесува вака како мене, сигурно му е потребен разговор со некој стручен. Немаат искуство во она што јас го откривам. Затоа продолжувам, очи не тргам од иднината. Онаа совршена иднина каде што Мицковски одбива да нè однесе. Сигурно и своите деца не сака да ги однесе таму… во иднината.
Тато, носи ме во иднината!
Не може, ако сакаш, ќе одиме во зоолошка градина.
А бе, Мицковски, а можеше да ги носиш во лунапарк… таму во иднината.
За оние што сакаат како мене да уживаат во благодатите што ни ги откри Кале Анѓа, оние спремни да берат плодови од влегувањето во мегафизичка состојба кога му велиш факоф на минатото, па си ги отвораш сите чакри за иднината, мора да им кажам, не е лесен патот. Има пречки што мора да се надминат. Треба да се помине обука како Нео во „Матрикс“, како Ван Дам во „Кикбокс“, и не дека е којзнае колку тешко, ама знае да збуни. Јас, на пример, запаѓав во временски парадокси. Фаќам да го читам Исак Асимов, оти тој пишува научна фантастика, а таму најчесто се раскажува за иднината и оп, ми текнува, Асимов е писател од минатото. Па, трк во книжарница.
Го имате најновиот роман на Самјуел Фјучерс?
Немаме таков автор, господине! Кој е тој?
Писател што не се родил, ама ќе пишува страшни книги во иднина.

Или Европската Унија. Временски парадокс. Мала замка што ви ја поставуваат при крај на обуката за гледање во иднината. Ние бевме, сме, ама всушност ќе бидеме во ЕУ. Како тоа? Едноставно. Бевме кога добивме датум менувајќи име, сме, зашто почнавме преговори прифаќајќи француски предлог, ама всушност ќе бидеме кога ќе добиеме датум, па ќе започнеме преговори штом наполниме Устав со Бугари. Нека не ве плаши овој временски парадокс. Се голта со затворен нос, очи широко затворени, кој има уши, нека си стави обетки и со тоа по трипати на ден пиење нафта. И потоа од плитко, паѓате директно во бездна, каде што пред вас се отвора иднината. Но, за тоа треба да ги следите „Правилата пророчки“ на Зоќи, Никиликс, Бујар, Таче и Артан од џедајскиот Сенат на мастер Кале Анѓа.
Сега сум веќе искусен отфрлач на минатото и зјапач во иднината. Со часови се ѕверам, понекогаш запаѓам во екстаза. Како пред некој ден. Добив чудни визии, ми се отвори небото како на Исаија, Еремија и Езекил, продрев во најдлабоките тајни на идните вистини и некако не сум сигурен дали смеам да ги кажам, оти може да ме каменуваат или пресечат со пила на половина, ама па глупо е да кријам кога веќе сум ја ѕирнал таа чудна слика во далечната иднина.
Го видов среќното тексашко магаре како пасе трева низ ливадите на независноста и ја видов калифорниската хиена во резерватот на вообразеноста како се дави во барата на сопствената декаденција, видов илјадници црви што го соголеа големото јаболко, а над нив го видов тажниот белоглав орел искубан како кокошка. И уште видов горе на северот како маламут од Алјаска води љубов со сибирска хаска и како нивните потомци трчаат кон прегратката на мечката што ја премести својата шума во киевската престолнина. И видов како африканскиот лав го обединува своето царство, а ниту едно животно повеќе не гладува, никој не им ги краде природните богатства среде кои тие ги создаваат своите потомства, ама ги видов француската пудла, германскиот овчар, англискиот булдог и кокершпаниелот како бегаат од мачката на која ѝ се поклонуваат сите животни од Египет до Сирија, од Алжир до Ирак, Иран и авганистанската пустина. А над сите нив го видов раскрилениот змеј од Истокот, со кого сите живеат во мир и хармонија заради моќта што ја нуди, а не принудува. И на крајот, во најсветлите агли на иднината, ги видов тивкиот рис, мудрата пастрмка и мистичниот опиум како одат, пливаат, се размножуваат и растат низ природната територија на Македонија, вистинската рајска градина, чии граници на земјата се протегаат од Пирин до Пиринеите, од Дунав до Средоземјето, чии духовни граници се креваат од закопаните тајни на македонските алхемичари (види Макрес) до надумните височини на Царството Небесно.
Русјаков, провоцираш?
Ма, јок! Воопшто да не те плашат овие мои виденија на најскриените тајни на иднината. Ниту тебе ниту сите други, демек, засегнати.
Зошто? Звучи како да треба да се плашиме.
Глупости! И онака сите ќе умреме.