Повикувањето на некаков наднационален патриотизам вообичаено се случува кога не си ја сакаш сопствената држава. И кога немаш поим дека само два отсто од граѓаните на ЕУ се идентификуваат себеси едноставно како „европски“, други четири проценти се сметаат себеси за „првенствено Европејци“, додека деведесет проценти сè уште се сметаат себеси само, или првенствено, како припадници на својата земја на потекло
Кога националниот патриотизам не ти личи, европскиот уште помалку. Секако дека поубаво и модерно звучи, ама кога немаш поим што значи и како се манифестира зборовите се вообичаено празни и бессодржински. Toa e кога не знаеш дека моменталната ситуација во Европската Унија никогаш не била позаканувачка, а политичките одлуки ги туркаат милиони граѓани кон евроскептицизам и национализам со непредвидливи последици, како што, за жал, покажа унгарскиот случај, па си мантраш со некаков европски патриотизам. За појаснување на нашиве неписмени политичари: понекогаш „национализмот“ и „патриотизмот“ се користат на начини што сугерираат „дистинкција без разлика“. Почесто тие сигнализираат различни начини на изразување приврзаност кон сопствената земја, создавајќи за различни земји различно и поинакво историско наследство. Затоа не треба да се манипулира од политичарите со лизгави зборови што не ги разбираат, отворени за повеќекратни толкувања што фрлаат долга сенка врз сопствената историја. Која, според овие од власта, пожелно е да се заборави. Можеби затоа лесно ја распродаваат.
Повикувањето на некаков наднационален патриотизам вообичаено се случува кога не си ја сакаш сопствената држава. И кога немаш поим дека само два отсто од граѓаните на ЕУ се идентификуваат себеси едноставно како „европски“, други четири проценти се сметаат себеси за „првенствено Европејци“, додека деведесет проценти сè уште се сметаат себеси само, или првенствено, како припадници на својата земја на потекло. Многумина од нив се загрижени за тенденцијата на ЕУ да го поткопа – или дури и да го избрише – националниот суверенитет што некогаш го практикуваа нивните парламенти. Никаде таа загриженост не е појасна како во Британија, каде што активистите против ЕУ победија на референдумот за брегзит во 2016 година, кој ја извлече земјата од ЕУ со слоганот „Врати ја контролата!“.
Ама затоа нашиве „европски фундаменталисти“ се поголеми европски патриоти од самите Европејци. Зборуваат за европски патриотизам, кога оној македонскиот не им личи. Како да бараш од анационални ликови да разберат дека љубовта кон татковината, кога не е облечена во шовинизам, е лепилото што ја држи нацијата заедно кога ќе биде фрлена на брановите на 21 век. Ние како држава не сме фрлени, нас нѐ маваат брановите на 21 век како сакаат. Ама затоа нашиве европски патриоти ќе нѐ доведат во мирното европско пристаниште со нивната безгранична љубов кон Европа. Ова се случува кога љубовта на слугата кон господарот е поголема од љубовта кон својата земја.
Кога „државотворните“ рикаат со европскиот патриотизам на сиот глас, не можам да ја истражувам „чистотата на нивните раце и чистотата на нивното срце“. (Цитат преземен од еден американски писател). Зашто патриотизмот на овие политичари е европски, но затоа националните патриотски вредности им се туѓи. Морам да признаам дека мачно е да ги гледаш „државотворниве“ како се обидуваат да внесат вистински вкус во нивниот бескофеински „прогресивен патриотизам“. Оној европскиот. Кој треба да го задоволи нивното колективно чувство за идентитет и да чувствуваат дека „припаѓаат на нешто поголемо од себе“. Не на македонската држава. На нешто поголемо и позначајно за нив. Можеби безидентитетско, но големо како Европската Унија. Европскиот патриотизам е нивната нихилистичка визија на македонската инфериорност за нација што никоја не ја сака.
Европскиот патриотизам на кој се повикуваат политичарите од власта како нивен копнеж по невозвратената љубов од Европската Унија вообичаено се врзува за оној осветениот од 1400 до 1600 година во Европа.
Нивниот примитивен селски интелектуализам не може да ги сфати зборовите „Pro deo et patria mori“- да се умре за татковината и бога. Овие зборови го опишуваа осветениот патриотизам, вклучувајќи го и верувањето дека водењето војна за одбрана на татковината може да биде свет чин. Ќе ги најдете запишани и од римскиот поет Хорациј, запишани над влезот во Меморијалниот амфитеатар на националните гробишта Арлингтон во Вашингтон. Ќе ги најдете и во нашата македонска историја, запишани во колективната меморија на македонскиот народ. Но нема да ги најдете кај комунистичките мутанти во власта. За такви непросветени љубовта кон татковината никогаш не била свет чин. Затоа толку лесно газат по коските и жртвите на оние што ги положиле животите за Македонија. Битно си го имаат европскиот патриотизам. Не оти знаат што значи тоа. Ама убаво и модерно звучи.