Европски коридор 8 или „Артанова осумка“

Може ли Европската Унија да ѝ помогне на Македонија во расчистување на скандалозниот договор за изградба на автопатиштата со „Бехтел“ и со „Енка“? Знам дека многумина веднаш ќе се откажат да го читаат понатаму текстот штом се спомна помош од Европската Унија, имајќи ги предвид горките искуства на „европската помош“ околу прашањето за името и актуелниот „предлог Ковачевски – Петков“. ЕУ зазема страна и во едниот и во другиот процес, ја легитимираше неправдата кон македонската држава и кон македонскиот народ, па го разбирам ставот на македонските граѓани, кои одамна изгубија доверба во европските институции. Станува мошне тешко за мене и за другите „последни Мохиканци“ сè уште да зборуваме за нужноста од целосна европска интеграција на Македонија, но јас сè уште сметам дека европскиот пат е најдобра македонска алтернатива за наш севкупен развој и природен дом за македонската држава.
Меѓутоа, малку покреативно политичко и правно промислување упатува токму на Европската Унија како најдобар механизам и инструмент за одбрана на Македонија од неправедниот договор, кој јавноста веќе го оценува како врв на коруптивните намери на актуелната власт. Ајде, да појдеме од почеток… Европската Унија во својата суштина и натаму останува заеднички европски пазар. Токму овозможувањето непречен проток на луѓе, стока, услуги и капитал произведе потреба од законодавно усогласување и цврста континентална интеграција. Наедно, заедничкиот европски пазар претставува и пресек на националните интереси за земјите–членки. Зарем има подобар доказ за ова тврдење од бавниот и несигурен од на политичката интеграција на континентот? Да не зборувам, пак, за вечните и никогаш недовршени дискусии околу воената, полициската и разузнавачка интеграција. Мигрантската криза што ја потресува ЕУ безмалку цела деценија укажа и на проблемите со функционирањето на Фронтекс, агенцијата за гранична контрола, една од првите федерални европски институции. Се чини дека Фронтекс има проблеми со потребното финансирање, опремување со техника, вработување доволен број професионалци и така натаму. Полни се европските усти со заклетви за „сè поблиска Унија“ и за засилена политичка интеграција, но резултатите изостануваат.

Нејсе, заедничкиот европски пазар, за разлика од политичката интеграција, засега одлично функционира. Обединетиот економски простор на Европската Унија претпоставува усогласени правила на игра што нема да го нарушат еднаквиот пристап на сите економски оператори кон кои било проекти, како и обврска да нема привилегиран учесник во пазарната игра. Македонија веќе има потпишано Договор за стабилизација и асоцијација со Европската Унија, кој подразбира целосна интеграција на земјата во заедничкиот европски пазар. Оттаму произлегуваат и обврските за усогласување на македонското законодавство, како и на целиот институционален систем со корпусот на европското право, популарно наречен acquis. Без разлика што преговорите воопшто не се започнати, во најзначајните сфери поврзани со економијата Македонија одамна се усогласува со европското законодавство, а очекувам дека скринингот ќе покаже дека земјата воопшто не стои послабо и од Црна Гора и Србија, кои одамна преговараат.
Токму овој момент може да се искористи за вовлекување на Европската Унија во целата оваа мешаница. Убеден сум дека Европската комисија во својот годишен извештај за напредокот ќе се осврне на договорот на Владата со „Бехтел“ и со „Енка“, како и дека Македонија ќе добие тешки критики околу самата постапка, а особено околу налудничавите решенија за 60-часовна работна седмица, за експлоататорското користење на природното богатство, за недостигот од најелементарната документација за почеток на градба и така натаму. Меѓутоа, попусто би било да го чекаме извештајот кога тоа би личело на народната „по свадба, тапани“. Наместо тоа, може Македонија да ѝ се обрати на Европската комисија, како регулатор на заедничкиот пазар, но и на Европскиот суд на правдата со барање овие две институции за изработат советодавно мислење дали Законот за стратегиско партнерство со „Бехтел“ и со „Енка“, како и самиот договор, кој од непознати причини се држи во тајност, е во согласност со правото на Европската Унија и со правилата за функционирање на заедничкиот европски пазар. Навидум изгледа како едноставно прашање, но тука одговорите ќе бидат многуслојни. Прво, европските институции ќе ги оценат уставноста и законитоста на Законот за стратегиски инвеститор, нормално од аспект на европското законодавство, со цел да се утврди дали е, воопшто, можно да се влезе во такво решение. Второ, ќе се прочешла темелно договорот за да се утврди дали внатре постојат точки што ги нарушуваат европските начела поврзани со инфраструктурна изградба, финансирање мегапроекти, јавни набавки, еколошки стандарди, работно законодавство и така натаму. Ќе повторам, од Европската комисија и од Европскиот суд на правдата ќе побараме да оцени дали Македонија, во капацитет на земја-членка, може да влезе во ваква авантура.

Трето би било оцена на предложените измени на законите, но тука нема ни да коментирам затоа што тука и македонскиот уставен суд нема никаков друг избор, освен да ги поништи овие законски решенија.
Изработката на советодавното мислење на европските институции ќе ја одложи примената на законот и ќе ја замрзне имплементација на договорот. Власта излегува со отворено прашање дали Македонија треба целосно да излезе од процесот и да го поништи договорот со „Бехтел“ и со „Енка“. Јас мислам дека ова прашање е беспредметно и дека продолжувањето на овој проект, вака како што го зацртала власта, само ќе ја вовлече земјата во уште поголеми проблеми. Наместо тоа, Македонија може да им се заблагодари на овие две компании, да ја изработи целокупната потребна документација од својот буџет, како и со помош на третата компонента од инструментот ИПА, па потоа да се седне со Европската комисија, со Европската банка за инвестиции и со Европската банка за обнова и развој, со цел да се заокружи финансиската рамка на проектот за изработка на коридорот 8 во делот на Македонија, како и начините за негово одржливо финансирање. Да, потоа, кога ќе се пристапи кон распис за изведувачи на проектот, Македонија може повторно да ги покани „Бехтел“ и „Енка“ да учествуваат во рамноправниот пазарен натпревар и да изработат понуда во согласност со македонското и европското законодавство, како и правилата за распис на Македонија, на Европската Унија, на ЕИБ и на ЕБРД.
Свесен сум дека сите сме одамна нетрпеливи, дека сакаме подобра инфраструктура и засилен економски развој. Но истовремено развивме и целосна нетолеранција кон корупцијата и кон злоупотребата на државните пари. Европските правила умеат да ги растегнат процесите, подразбираат темелна анализа на документацијата и на потребните финансии, а и строги правила за распис, но барем на крајот на постапката нема контроверзии и коруптивни опашки. Актуелниот потфат на Владата со „Бехтел“ и со „Енка“ треба да се поништи и да се отповика, а коридорот 8 да се изгради според правилата на Европската Унија, баш онака како и што му доликува на еден паневропски коридор.