Еврооптимисти и македонопесимисти

По неколкуте сериозни поделби на Македонците, изразени откако ја добија својата држава, се појави и нова што го гризе нивното секојдневие. Излезени од пандемијата на ковид-19, поделени на ваксери и антиваксери, не чекаа долго да се делат на Европејци и антиевропејци, на еврооптимисти и македонопесимисти. По разјадувањето кои се антички, а кои словенски Македонци, сега добија нова шанса да се крват меѓу себе кој за што е, за кого е и со кого е. Ако на тоа се додаде ситуацијата во економијата, што во превод значи скапотија, ќе се сфати зошто не е случајна зголемената побарувачка на апчиња за смирување во аптеките низ целата држава.
Не е случајно и тоа што политички, статистички, безбедносно и комерцијално, големата македонска надеж се гледа во НАТО и во ЕУ. Америка и Западот ја имаат отпишано Русија зашто не можат да ја совладаат, па се свртија, брзо-брзо, во своите тешки прегратки да прегрнат лесни земји што може да ги мавтаат во недоглед. Токму во тој глобален заплет, Македонија ја доби шансата да се доближи до подотворениот прозорец и да ѕирка во одаите на Унијата, надевајќи се дека така ќе испроси пари од некој скржав, но полн европски џеб.
Отворајќи дванаесет врати, врата по врата, Северна Република Македонија ќе минува низ еден виртуелен процес, низ две состојби, ќе се движи меѓу два света, меѓу познатото и непознатото, светлината и темнината. Добра би била аналогијата за мисијата на Македонија во ЕУ со мисијата со човечки екипаж на Марс на Илон Маск или на НАСА. Само што не се знае кој попрво ќе стигне до посакуваната цел. Иако македонските власти, како што зборуваат, ветуваат дека ќе стигнат на едната страна на Сонцето, први и единствени. „Ќе стигнеме макар изгореле“ – е нивната главна девиза.
Македонските еврооптимисти на патот кон членство во ЕУ гледаат како на излез од тунелот, отворање на небесната врата, на вечниот живот, на царството божје, на вишата реалност, на влегување во светот на бесплатните плодови, во ризницата со изобилства, таму кај што некогаш биле избркани Адам и Ева. Македонопесимистите наместо светлината ја гледаат другата страна, поточно темнината, го гледаат безбожниот свет во кого нивната држава ќе ја доживее својата пропаст.
Оптимистите бараат можноста да се искористи со сите последици, песимистите да се отфрли без оглед на последиците што ќе следуваат. Оптимистите веруваат, песимистите се сомневаат и протестираат. Клучот што ги дели двата прага е скриен во суверенитетот, идентитетот, историјата, јазикот, писмото, културата. Едните се служат со градежнички изрази, како што е изразот – „идентитетот и јазикот се бетон“, другите употребуваат танаталошки фрази дека на истите тие поими им се заканува бавна, мачна и тешка смрт.

Оптимистите се во власта и кај нејзините сателити и апологети, песимистите во опозицијата и нејзините сателити. Во опозициската орбита по прашањето за ЕУ, врзано со Бугарија, се вртат и оние што не се опозиција, но се против лоши, штетни, решенија. Тешко е денес, без нужна дистанца, уште отсега да се просуди кој е во право. Уште потешко е да се одговори на прашањето дали навистина се толку лоши годините (времињата) и условите или се лоши и неспособни луѓето што управуваат со државата. Во таа категорија се сместени и оние што сакаат утре да управуваат, а не знаат како.
Но ако не се гледа строго политички, ќе се види дека сите тие манифестации, оптимистички или песимистички, се врзуваат со човечките доблести и мани. И двајца луѓе имаат два различни погледа, различни пристапи кон животот. Има луѓе што знаат да се радуваат и на едно подарено јајце, кои и со затворени очи ја гледаат светлата иднина, што се задоволни со она што имаат, макар колку и да немаат. Од другата страна се оние на кои цел живот нешто им недостига, се жалат дека немаат иако многу имаат. Тука ставил рака и Господ – некои се родени како оптимисти, други како песимисти, од колепка, па до гроба. До Бога е – нема тука љутиш.
Оптимистите веруваат дека сѐ на светот е убаво, дури и она што е грдо. Песимистот и историјата и сегашноста ги набљудува и ги објаснува како низа од суровости, болки, неправди, истребувања, расипаности, измами. За него ниту еден човек, ниту еден народ, ниту едно племе, ниту една власт не е без дамки, без грешки и без вина. Претераниот оптимизам некои го споредуваат со слепа вера, со еден вид интелектуално нарушување, кое, за среќа, не е преносливо заразно. Претераниот песимизам е рамен на неизлечива болест од која се страда долго, а некорисно.
Општо набљудувано, оптимизмот расте кога една фамилија или една земја е сложна, оди напред и се интегрира, песимизмот се крева кога семејството, државата или нацијата живеат во неслога и кавги. Каде е тука Македонија во овие триесетина години по распадот на Југославија и по осамостојувањето?

Пред неколку години, Меѓународниот републикански институт (ИРИ) од Вашингтон објави резултати од една нивна анкета, која покажа дека граѓаните на Македонија во поголемо мнозинство не биле оптимисти за поволно решавање на политичката криза, за враќање на довербата во демократските институции и за поволната иднина на државата. Значи, во проценти поголем бил бројот на песимистите од оптимистите. Да не се лажеме: тоа го констатирале Американците, а штом тие нешто констатираат или фрлаат бомби или даваат данајски дарови таквата ситуација да се поправи.
Во нашата мала држава одамна е потрошен големиот оптимизам што го донесе бранот на независноста, кога се оформуваше како суверена држава на македонскиот народ и другите национални заедници, со свои национални симболи, со свои природни ресурси и човечки потенцијали. Го потрошија, го раздробија, политичките елити што го користеа само за покритие за своите лични и партиски интереси.
Со недоветни политички проекти, со реформи што 30 години водат кон полошо наместо кон подобро, го ништат и она што остана од првобитниот восхит. Со носење надуставни или противуставни закони, со постизборни пресврти, измами, изневерување идеали и програми, владеење со криминал и корупција, од национален оптимизам и радост донесоа загорчување, неизвесност, несигурност.

Го заробија слободниот дух, многу бивши оптимисти станаа денешни песимисти. Една општа невротична, фрустрирачка сегашност и неизвесна иднина. На видело излезе македонскиот традиционален синдром на почетно оптимистичко залетување, па потоа долго и мачно трчање и песимистичко пропаѓање во сѐ и сешто: во спорт, во политика, во дипломатија, во економија, во култура.
Напишани се стотици афоризми и пословици за оптимизмот и песимизмот, за оптимистите и песимистите. Најпозната е онаа за празната и полната чаша – оптимистот ја гледа како полуполна, песимистот како полупразна. Наравоучението од оваа дилема е следно: додека оптимистот и песимистот се расправаат за тоа прашање, ќе дојде реалистот и ќе ја испие водата.
На крајот од текстот, читателот со право ќе се запраша на која група ѝ припаѓа авторот на овие редови. Како одговор ќе се послужам со афоризмот на познатиот американски писател Марк Твен. Неговиот афоризам гласи: „Нема полоша слика за човека од млад песимист. Најверојатно полоша е само сликата на стар оптимист“.

[email protected]